1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Џихадистичката пропаганда на социјалните мрежи

Матијас фон Хајн / Елизабета М. Фиданоска8 септември 2014

Терористичките исламисти на Исламска држава идеолошки се во средниот век, но за својата пропаганда тие користат инструменти на 21. век - социјални мрежи и поп култура.

Фотографија: Fotolia/Gina Sanders

Само навидум постои спротивставеност меѓу екстремно заостанатото толкување на Коранот од страна на терористичките исламисти на т.н. Исламска држава (ИД) и нивното вешто користење на модерните инструменти на комуникација. Јутјуб, Твитер, Фејсбук, Инстаграм - џихадистите ја шират својата пропаганда на сите можни платформи на интернет. Тие врбуваат нови борци, се обидуваат да ги заплашат своите противници. Притоа, пропагандата на ИД е насочена пред се‘ кон помлади лица, велат безбедносни експерти за ДВ. Терористичката група полага пред се‘ во моќта на сликите. Теолошките аргументи имаат подредена улога. Се користи естетика од компјутерски игри и елементи од хип-хоп културата и рапот за ИД да се етаблира како марка и „лајфстајл“-елемент.

Свој придонес за тоа даваат и германските конвертити како Денис Кусперт. Поранешниот германски рапер, како што се вели од Службата за заштита на уставот, во меѓувреме е во поширокото раководство на терористичката милиција. Неговите настапи на социјалните мрежи се кликаат илјадници пати.

Џихадистите ја шират својата пропаганда на сите можни платформи на интернетФотографија: picture alliance/abaca

Магазини за борба, смрт и убивање

Понудата, меѓутоа, е уште поширока. Дел од нејзе се и електронските магазини на различни јазици, меѓу другото и германски. На 50-тина страници во нив се величаат борбата, смртта и убивањето по наводно божја волја. Преку Твитер терористите на своите приврзаници им овозможуваат учество во борбените дејства речиси „во живо“.

Пропагандата покажува ефекти. Безбедносната фирма од Њујорк „Soufan-Group“ во студија објавена на почетокот на јуни проценува дека има вкупно околу 12.000 борци од 81 земја во светот кои им се приклучиле на терористичките борци на Исламска држава. Меѓу нив, наводно има 2.500 лица од западните земји.

На ИД и‘ се приклучиле 2.500 лица од западните земји?Фотографија: picture-alliance/dpa

Од Германија се околу 400 лица. Токму тоа е централната цел на пропагандата на ИД, вели истражувачот на тероризмот Петер Нојман, кој работи во Лондон. Целта е во регионот кој е под контрола на ИД да се соберат што е можно повеќе луѓе од Западот. Притоа, особено се важни лекарите муслимани, инженерите и специјалистите со воена експертиза или познавања на управни работи. Тие се повикуваат да ја исполнат својата наводна обврска како муслимани. Друго подрачје на кое се важни приврзаниците од Запад е развојот и продукцијата на џихад-пропагандата, која треба да биде скроена според целната група, односно наменета за западната публика.

Целно насочена пропаганда

Пропагандата на ИД ја создаваат млади луѓе од Европа и САД, потврдува за Дојче веле Џејми Бартлет од англиската тинк-тенк организација Демос: „Тоа се луѓе за кои е сосема природно да ги користат социјалните медиуми како платформа за информации и пропаганда. За нив е лесно да стартуваат хаштаг-кампања на Твитер, за потоа своите приказни да ги најдат и на Базфид или Вајс.“

Големите мрежи како Јутјуб, Фејсбук и Твитер во меѓувреме прават обиди и преземаат мерки против исламистичката терористичка пропагандаФотографија: imago/avanti

За воопшто да можат да излезат на крај со огромниот број твитови за џихадот, Бартлет и неговиот тим имаат развиено свој софтвер. Тој автоматски ги собира и анализира твитовите. Димензиите се енормни - Бартлет зборува за околу 1,5 милиони твитови поврзани со ИД за само две недели. Експертот од Лондон укажува на особеноста на социјалните медиуми: тие се многу соодветни за да создадат слика за едно движење како да е поголемо отколку што навистина е. Бартлет укажува на 50.000 Твитер-профили кои се поврзани со ИД. Само што кај социјалните медиуми човек никогаш не е сигурен дали зад секој профил стои лице, или едно лице можеби отворило пет илјади профили.

Успехот и пропагандата

Ништо не е поуспешно од успехот. Тоа го загрижува и претседателот на Сојузната служба за заштита на уставот, Ханс-Георг Масен. Масен смета дека има поврзаност меѓу успесите на ИД во Ирак и пропагандните активности насочени кон младите џихадисти. „Исламска држава е ’ин’ во тоа милје. Она што ги привлекува младите е големата бруталност, радикалноста, ригорозноста. Ал Каеда, е така да се каже, бледа во споредба со ИД кога станува збор за бруалноста.“

Големите мрежи како Јутјуб, Фејсбук и Твитер во меѓувреме прават обиди и преземаат мерки против исламистичката терористичка пропаганда. Сепак, успехот е скромен. За сметка на секој затворен профил, се отвораат неколку нови. Пропагандистите на ИД се префрлаат се‘ повеќе и на други платформи, на децентрални мрежи како Дијаспора. Со оглед на тоа што таму никој точно не знае каде се складирани податоците, невозможно е нивно бришење.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми