Пресудата е релативно блага: Поради промоција на лекови против болки кои создаваат зависност американската фармацевтска компанија треба да плати околу 570 милиони долари отштета. Обвинителот бараше многу повеќе.
Реклама
Американски суд ѝ изрече казна од 572 милиони долари на фармацевтската компанија Џонсон и Џонсон (Johnson &Johnson ) поради нејзиниот удел во поттикнувањето на кризата на зависност од опиоиди во американската сојузна држава Оклахома. Веднаш по објавувањето на пресудата, компанијата соопшти дека ќе вложи жалба. Јавниот обвинител на Оклахома, Мајк Хантер, побара исплата на повеќе од 17 милијарди долари од Џонсон и Џонсон. Овие пари, според образложението на Хантер, требало да ѝ помогнат на државата во текот на наредните 30 години да се бори против т.н. опиоидна криза.
Ова е прв случај кој стигна до судовите од илјадниците тужби против производителите и дистрибутерите на опиоиди, препишувани за намалување на болките на пациентите. Опиоидите, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести, се наведуваат во речиси 400 илјади случаи на предозирање во САД од 1999 до 2017 година.
Од 2000 година околу 6000 луѓе во Оклахома умреле од предозирање со опиоиди, соопштија обвинителите на оваа сојузна држава. Претходно годинава сојузната држава Оклахома постигна договор со производителот на Оксиконтин „Пардју фарма“ за отштета од 270 милиони долари и со компанијата „Тева Фармасјутикал“ за 85 милиони долари, така што „Џонсон и Џонсон“ остана единствената фармацевтска компанија обвинета за поттикнување на кризата на зависност од опиоиди во Оклохома.
За време на седумнеделниот судски процес, обвинителите на државата Оклохома изнесоа аргументи дека „Џонсон и Џонсон“ спроведувала повеќегодишна маркетиншка кампања во која бил намалуван ризикот од стекнување на зависност од лековите за намалување на болките и ги промовирала нивните добри страни.
Тие уште наведоа и оти лекарите препишувале премногу од тие лекови, што довело до скок на смртните случаи од предозирање во Оклахома.
Компанијата „Џонсон и Џонсон“ негираше дека правела што било незаконско, наведувајќи дека нејзините маркетиншки тврдења биле на научна основа и оти нејзините лекови за болка како Дураџесик и Нусинта, претставувале само мал дел од опиоидите препишувани во Оклахома.
Судијата на окружниот суд во градот Норман, Оклахома оцени дека компанијата „Џонсон и Џонсон“ со своето делување го загрозила здравјето и безбедноста на илјадници граѓани на Оклахома, за кои кризата со опиоидите претставува непосредна опасност и закана. Парите од казната ќе бидат употребени за лечење на зависници од опиоиди, истакна судијата.
Дрога од германска „кујна“
Многу од она што денес се призведува во илегални лаборатории на дрога всушност е откритие на германски хемичари. Некои од наркотиците потекнуваат уште од времето на Хитлер.
Напад на германските - зависници
Уште при нападите врз Полска во 1939. и врз Франција во 1940. год. Хитлеровите генерали им испраќале дрога на војниците во борба. Во нападот врз Франција на борците им биле поделени 35 милиони таблети Первитин - синтетичка дрога метамфетамин, нарекувани и „чоколадо за тенкисти“ или „таблетите од Геринг“. Сепак, треба да се каже дека и сојузниците на своите војници им испраќале слични таблети.
Фотографија: picture-alliance/dpa-Bildarchiv
Буден, без чувство на страв и глад
Волшебното средство на германскиот Вермахт во почетокот го открил еден Јапонец, во течна состојба. Хемичарите на берлинската фабрика Темлер натамошно го развиле и го патентирале во 1937. година. Една година подоцна, можело да се купи како средство против умор, глад, страв, под друго име: кристал - мет.
И лично - најголем потрошувач?
Историчарите уште спорат дали и Адолф Хитлер бил зависник од Первитин. Во личните документи за пациентот, водени од Хитлеровиот лекар Морел, многу често е запишан знакот „Х“. Што значи таа забелешка, не е јасно до денес. Сепак, недвојбено се знае дека Хитлер добивал многу силни лекови кои денес би завлегувале далеку во сферата на наркотички средства.
Истражувачкиот дух на германските научници е забележан многу порано: „Веќе нема кашлање благодарение на - хероинот!“ Тоа е рекламна порака на концернот Бајер за неговиот нов производ, кој одлично се продавал. Медикаментот хероин, навистина чист хероин, се препорачувал и за астма, шизофренија и срцеви болести. Дури и за деца! Сепак, со предупредување од несакано дејство - затвор (опстипација)!
Креативни хемичари
Феликс Хофман го слават првенствено поради откритието на аспиринот. Неговото второ откритие - хероинот - му успеало попатно, додека експериментирал со оцетна киселина. За разлика од аспиринот, хемичарот киселината ја поврзувал со морфин, исушен афион. Неговиот производ во Германија всушност е забранет дури во 1971. година. До 1957. година можел да се купи во секоја подобро снабдена аптека.
Кокаин за офталмолози
Концернот Мерк од Дармштата од 1862. година наголемо произведувал кокаин и го продавал како локален анестетик за очните лекари. Тоj е резултат на експериментите на Алберт Ниман со листови на кока од Јужна Америка. Хемичарот издвоил посебен алкалоид кого го нарекол кокаин. Ниман умрел набрзо по своето откритие - додуша, од болест на белите дробови.
Фотографија: Merck Corporate History
„Еуфоричен и полн елан“
И лекарот - невролог Зигмунд Фројд лично, во име на науката, испробувал кокаин. Во своте „Белешки за кокаинот“ Фројд овој препарат го опишува како „безопасен“. „Се чувствувате“, пишува тој, „еуфорично, полни сте со животна сила и со работен елан“. Неговото одушевување попуштило откако од дрога умрел негов пријател. Средството во негово време се препишувало и против главоболки и стомачни болки.
Фотографија: Hans Casparius/Hulton Archive/Getty Images
Екстази од времето на валцерите на Штраус
Американскиот хемичар Александер Шулгин се смета за пронаоѓач на „дрогата за забави“ - екстази. Но, тоа е нешто што очигледно уште во 1912. година го откриле во германската фабрика Мерк. Тие тогаш поднесле барање за патентирање за безбојното масло наречено 3,4 -метилендиокси - Н -метиамфетамин или накратко, МДМА. Ова откритие германската фабрика го прогласила за „комерцијално неисплатливо“.
Фотографија: picture-alliance/epa/Barbara Walton
Злосторства
Откритијата на германските хемичари, секако без зла намера, денес не се нешто вредно за гордеење. Според студијата на ОН, само во текот на 2013. година во светот умреле околу 190.000 луѓе поради консумирање илегални наркотици. Слаба утеха е што дрогите не се на прво место- од алкохол таа година умреле дури 3,3 милиони луѓе.