Џон Болтон: контроверзниот радикал ангажиран од Трамп
Елизабет Шумахер
23 март 2018
Новиот советник за национална безбедност и претседателот на САД споделуваат презир за нуклеарниот договор со Иран и покрај поддршката кај сојузниците. Болтон би можел да има воинствен став кон бројни други прашања.
Реклама
Преседателот на САД, Доналд Трамп го избра „воинствениот јастреб“ Џон Болтон на местото на генералот Х.Р. Мекмастер. Ветеран уште од времето на администрациите на Реган и Џорџ Буш, Болтон беше и амбасадор на САД во Обединетите нации во администрацијата на Џорџ Буш помладиот од август 2005 до декември 2006 година.
Додека паузираше од политиката, Болтон ги објави своите мемоари под наслов „Предавањето не е опција“, а работеше и со многу неоконзервативни тинк-тенкови и како коментатор за мрежата „Фокс њуз“.
Ова се ставовите на Болтон за клучните прашања:
Војната во Ирак: Болтон отворено го поддржуваше конфликтот, дури и откако претставници на администрацијата на Буш искажаа жалење поради војната. Како потсекретар за контрола на оружје и меѓународна безбедност под Буш од 2001 до 2005, Болтон беше обвинет за манипулирање со разузнавачките податоци за ирачкото оружје за масовно уништување кои доведоа до инвазијата од 2003 година. Северна Кореја: Новиот советник за национална безбедност долго заговара воен одговор на провокациите од Пјонгјанг. За време на говор во Сеул во 2003, во пресрет на преговорите на шесте нации за нуклеарната програма на Северна Кореја, Болтон го нарече тогашниот лидер Ким Џонг Ил „тирански диктатор“. Русија: Болтон е долгогодишен критичар на Кремљ. Неодамна, тој ги отфрли обвинувањата дека претседателската кампања на Трамп соработувала со Русите, иако тој верува дека Русија се мешала во изборите во САД.
Откако рускиот претседател Владимир Путин ја објави одлуката за изградба на нови нуклеарни орудија во март, Болтон на Твитер напиша дека „е потребен стратешки одговор против новите руски нуклеарни проектили за да им покажеме на сојузниците во Европа дека нема да и дозволиме на Русија да си поигрува со САД или со нашите сојузници“. Нуклеарниот договор со Иран: Непријателството на Болтон кон овој договор е добро познато. Тој дури заговараше насилна промена на режимот во Иран. Откако неговиот истомисленик на тема Иран, Мајк Помпео беше поставен за Државен секретар, иднината на важниот дипломатски договор би можел да се најде во сериозна опасност.
Болтон е познат и по поддршката за натамошно користење на контроверзниот затвор во Гвантанамо, за префрлањето на амбасадата на САД во Ерусалим, како и поддршката за Тајван со цел да се зголеми притисокот врз Пекинг.
„Америка на прво место на стероиди“
Именувањето на Болтон шокираше многумина, особено поради тоа што претседателот Трамп во повеќе наврати изјавуваше дека смета оти војната во Ирак била грешка.
Во Јужна Кореја, конзервативниот пратеник Ким Хак-Јунг го нарече именувањето „загрижувачка вест“.
„Северна и Јужна Кореја треба да воспостават дијалог, но овој потег само ја зголемува загриженоста дали овие разговори воопшто ќе се случат“.
Консултантската фирма „Еуразија Груп“ оцени дека со именувањето на Болтон и Помпео, американската надворешна политика сега практично станува „Америка на прво место на стероиди“.
Самиот Болтон се обиде да ја ублажи реториката во интервју за „Фокс њуз“, изјавувајќи: „Искрено, она што досега го кажував приватно, е минато“.
Овластувањата на најмоќниот државник во светот
Шефот на Белата куќа има најголема моќ во светската политика – барем така се верува. Но, дали е навистина така? Овластувањата на претседателот на САД се ограничени. И други актери играат важна улога.
Фотографија: Klaus Aßmann
Така вели Уставот...
Претседателскиот мандат во САД трае четири години, а претседателот може да биде реизбран само еднаш. Тој е шеф на државата и шеф на владата, односно управува со извршната власт. Задача на претседателот е да ги спроведува законите изгласани од Конгресот. Претседателот како највисок дипломат може да прима странски амбасадори и на тој начин да признава држави.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој кого контролира?
Трите власти - законодавната, извршната и судската - се поделени и се контролираат меѓусебно. Претседателот има право да помилува осуденици и да ги назначува федералните судии, министрите во кабинетите и амбасадорите на САД - но само со согласност на Сенатот. Ова е еден од механизмите со кои законодавната власт ги контролира активностите на извршната власт.
Фотографија: Klaus Aßmann
„State of the Union“
Американскиот претседател е должен редовно да го информира Конгресот за состојбата на државата. Тоа го прави ова во годишниот „говор за состојбата на нацијата“ („State of the Union“). Претседателот нема право да предлага закони на Конгресот, но за време на говорот може да наведе своите теми и приоритети. Со тоа тој може јавно да врши притисок врз Конгресот. Но, ништо повеќе од тоа.
Фотографија: Klaus Aßmann
Претседателско вето
Претседателот може да одбие да потпише закон донесен од Конгресот и тоа всушност неговото право на вето. Конгресот може да го отфрли претседателското вето само доколку обезбеди двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот. Во историјата на САД се познати 1.500 случаи на претседателски вета. Од нив, само 111 (7%), биле успешно надгласани.
Фотографија: Klaus Aßmann
Сива зона
Уставот на САД и одлуките на Врховниот суд не даваат јасна слика за тоа колкава моќ има претседателот. Всушност, претседателот има право на уште еден вид вето, познато како "џебно вето". Под одредени услови, претседателот може одреден закон да со „стави во торба“ и со тоа тој станува неважечки. Овој тип на вето не може да биде надгласано во Конгресот. Овој трик бил користен скоро 1.000 пати.
Фотографија: Klaus Aßmann
Наредби со сила на закон
Претседателот на САД на членовите на владата може да им наметне одреден начин на однесување. Тој издава препораки, т.н „извршни наредби“ (Executive Orders), имаат сила на закон. Сепак, тоа не значи дека на претседателот сè му е дозволено: судовите можат да ги поништат наредбите, Конгресот - да ги сопре со соодветни контра закони, а следниот претседател може да ги укине.
Фотографија: Klaus Aßmann
Конгрес...
Претседателот има право да склучува договори со странски влади, кои потоа треба да бидат одобрени со мнозинство во Сенатот. Ова може да се избегне, ако наместо договор претседателот склучи еден вид меѓувладин договор т.е. „извршен договор“ (Executive Agreement). Ваквите договори се валидни се додека Конгресот не ги оспори или не ги укине со закон.
Фотографија: Klaus Aßmann
Кој може да објави војна?
Претседателот е врховен командант на вооружените сили на САД, но војна може да објавува само Конгресот. Сепак не е многу јасно колку војска смее да испраќа претседателот во вооружените конфликти без одобрение на Конгресот. По војната во Виетнам, Конгресот го усвои следново правило: претседателот може да ги користи надлежностите се додека Конгресот не ги оспори.
Фотографија: Klaus Aßmann
Ултимативна контрола
Ако претседателот ги надмине или злоупотреби овластувањата или изврши кривично дело, Претставничкиот дом, против него може да отпочне процедура за отстранување од должноста. Досега имало два такви обиди, но и двата завршиле несупешно. Сепак, постои многу ефикасен инструмент за да се сопре претседателското самоволие: тоа намалувањето на буџетот – што е во надлежност на Конгресот.