Џон Кери во Багдад
23 јуни 2014
Американскиот шеф дипломат со ирачкиот премиер Нури ал Малики и други водечки политичари разговара за тоа како САД би можеле да помогнат во борбата против исламистичката организација ИДИЛ (Исламска држава во Ирак и Левант), изјави портпаролот на Стејт департментот Џен Псаки. Ирак би морало да има влада која ќе ги застапува интересите на сите граѓани.
Обвинувања против Ал Малики
Зад оваа формулација се крие масовна критика на САД за Ал Малики. Премиерот - шиит го обвинуваат дека систематски ги исклучувал сунитското малцинство и Курдите. Кери во неделата се произнесе дека нема да ја одредуваат владата во Багдад. Меѓутоа Курдите, сунитите и некои шиити не биле задоволни со владата на Ал Малики. Ирачаните би морале да имаат влада која ја дели власта. Ал Малки одбива оставка.
Американскиот претседател Барак Обама изминатата недела на Ирак му вети поддршка во борбата против ИДИЛ, сѐ до целни воени напади. Обама меѓутоа исклучи можност за испраќање на копнени трупи.
Според официјални информации од Багдад во борбите биле убиени „стотици војници“. Стотици илијади цивили се во бегство.
Екстремистите сакаат да воспостават исламска божја држава од Средоземното Море до Персискиот Залив. Околу 60 проценти од населението во Ирак се шиитски муслимани. Во граѓанската војна во Сирија ИДИЛ се бори против претседателот Башар ел Асад и против други исламистички групи.