Демократот Џо Бајден го победи актуелниот претседател Доналд Трамп за да стане 46 претседател во историјата на САД. Трамп се огласи со соопштение во кое не го признава поразот. Славје на улиците во повеќе градови во САД.
Реклама
По тридневна несигурност поради долгото броење на гласовите од изборите, 77-годишниот Бајден конечно го премина прагот од 270 освоени електорски гласови потребни за победа на претседателските избори. Тој досега освои рекордни 74 милиони гласови, иако броењето на гласовите во некои држави се уште трае.
Сега е време за Америка да „се обедини“ и да „заздрави“, порача Бајден откако победата во сојузната држава Пенсилванија му ги даде потребните гласови за влез во Белата Куќа.
„Сега кога кампањата заврши, време е да се тргнат настрана лутината и острата реторика зад нас и да се обединиме како нација“.
„Ние сме Соединетите американски држави. Нема нешто што не можеме да го направиме, доколку го правиме заедно“. Во изјавата Бајден не го спомена неговиот ривал Доналд Трамп, кој досега не го призна поразот и најави правна битка.
„Сите знаеме зошто Џо Бајден брза за лажно да се претстави како победник, и зошто неговите медиумски сојузници се обидуваат да му помогнат: тие не сакаат да се дознае вистината“, порача преку соопштение Трамп најавувајќи дека не ги признава резултатите.
„Овие избори не се завршени. Џо Бајден не е потврден како победник во ниту една држава, а не пак во државите каде што исходот е многу тесен и каде ќе се оди на пребројување или државите каде нашата кампања има легитимни правни жалби“, вели Трамп.
Со поразот, Трамп стана третиот претседател на САД по Втората светска војна кој ги загубил изборите по првиот мандат. Друштво му прават Џими Картер и Џорџ Буш постариот.
Во повеќе американски градови, меѓу нив и Њујорк, Вашингтон и Филаделфија низ улиците се слави победата на Бајден, односно поразот на Трамп.
Истовремено, и Камала Харис испиша историја со тоа што стана првата црна жена потпретседател на САД. 56-годишната сенаторка од Калифорнија е и првата личност од јужноазиско потекло која е избрана на толку висока функција во земјата.
Буш, Обама, Трамп - Бајден е четвртиот претседател на САД во мандатот на Меркел
Ангела Меркел петнаесет години е на чело на Германија. За канцеларката, Доналд Трамп беше трет претседател на САД во нејзиниот мандат. На средбите со него таа често изгледаше напнато. Со Бајден ќе биде похармонично?
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Прилично студено
Иран, трговијата, НАТО - во многу теми Меркел и Трамп далеку се разијдуваа. Не само политички, туку и во меѓусебната лична врска се чини владееше тензија. Трамп во една прилика ја нарекол Меркел „глупава“. И на оваа средба на маргините на НАТО-самитот на крајот на 2019 година не се гледа големо пријателство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Кој е овде шеф?
Меркел и Трамп на самитот на Г7 во Канада во јуни 2018 година. Оваа фотографија предизвика насекаде општи дискусии: се обидува ли Меркел да му го објасни светот? Дали е таа вистинската лидерка на западниот свет? Или овде тој е шефот - како единствен кој седи?
Фотографија: Reuters/Bundesregierung/J. Denzel
Ќе се ракуваме ли?
Канцеларката постави пријателско прашање при нејзината прва посета кај Доналд Трамп во Белата куќа во март 2017 година. Но нејзиниот домаќин не реагираше, демонстративно гледаше на друга страна. Подоцна тврдеше дека не го чул прашањето. Меркел можеби се надева при следната посета во Вашингтон да се сретне со друг претседател.
Фотографија: Reuters/J. Ernst
На крајот се приближија
Канцеларката и Барак Обама изгледаа прилично блиски при неговата последна посета како претседател на САД во Берлин. Во ноември 2016 година - неколку дена по изборот на Доналд Трамп за негов наследник, се чини дека Обама сакаше да и ја предаде на Ангела Меркел одговорноста за западната демократија. Американските медиуми пишуваа дека таа е сега предводник на слободниот свет.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Највисоко признание
Во вечерен фустан, Меркел во јуни 2011 година од претседателот Барак Обама во Белата куќа го прими највисокото цивилно одликување на САД - медал за мир. Признанието таа го доби за својот ангажман во европската политика. Аналитичарите го толкуваа одликувањето и како доказ за добрите германско-американски односи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
На гости кај пријатели
На самитот на Г7 во јуни 2015 година во баварските Алпи, се насетуваше речиси пријателско однос меѓу Обама и Меркел. Канцеларката во борбата против промената на климата можеше да се потпре врз американска поддршка. Со доаѓањето на Трамп тоа драстично се промени.
Фотографија: Reuters/M. Kappeler
Дај ми рака, другарче!
Претходникот на Обама, американскиот претседател Џорџ Буш, уште по првата средба беше воодушевен од слободарството на Ангела Меркел, кое тој го објасни со нејзиното минато во Германската Демократска Република. На самитот на Г7 во Санкт Петербург во јули 2006 година тој посегна од зад неа да и го масира вратот, а канцеларката преплашена ги дигна рацете. Гестот на Буш очигледно беше добронамерен.
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Nemenov
Домашна скара
Џорџ Буш во јули 2006 година беше видно задоволен да и стави месо од скара на чинијата на Ангела Меркел. Прасенцето беше печено на ражен во изборниот округ на Ангела Меркел, на брегот во покраината Мекленбург-Предна Померанија. каде го пречека гостинот од САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/BPA/G. Bergmann
Ќе те одведам во Тексас
Во 2007 година Ангела Меркел го посети Џорџ Буш на неговиот ранч во Крафорд, Тексас. Во теренско возило од американско производство Буш изигруваше шофер за Меркел и нејзиниот сопруг Јоахим Зауер. Уште тогаш почнуваа вриења околу една тема - ситуацијата во врска со Иран, која повторно зовре за време на Трамп.
Фотографија: Matthew Cavanaugh/dpa/picture-alliance
Рака во рака со Бил Клинтон
На комеморацијата за Хелмут Кол во јули 2007 година американскиот екс-претседател Бил Клинтон држеше хумористично-меланхоличен говор за починатиот германски канцелар. „Го сакав“, изјави Клинтон. Кога видно потресен, повторно се врати на седиштето, тој посегна по раката на Ангела Меркел.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat
Насмеј се малку!
Ноември 2009 година: Меркел само што одржа говор пред Конгресот во САД во Вашингтон. Додека сеуште траеше аплаузот, тогашниот вице претседател Џо Бајден ја забавуваше Меркел со досетки. Со Бајден како претседател, се надеваат некои, можно е германско-американското пријателство повторно да заживее. Барем на политичко рамниште разбирањето со него за Меркел би било полесно отколку со Трамп