Избраниот претседател на САД, Џо Бајден го назначи својот долгогодишен соработник Рон Клеин за шеф на неговиот кабинет во Белата куќа.
Реклама
Џо Бајден ја донесе својата прва одлука околу составот на својот иден владин тим. Избраниот претседател на САД за шеф на својот кабинет го одбра Рон Клеин.
Клеин со години ми беше советник со непроценливо значење, неговите темелни и сестрани искуства и способноста за соработка со луѓе од целиот политички спектар се токму карактеристиките кои се потребни за шеф на кабинетот во Белата куќа во сегашната кризна ситуација, образложи Бајден.
Двајцата веќе соработуваа во Белата куќа во времето кога Бајден беше потпретседател за време на мандатот на Барак Обама: денес 59-годишниот Клеин беше шеф на кабинетот на Бајден во периодот меѓу 2009 и 2011 година. Тој работел за Бајден и порано, кога демократот беше сенатор и кога во 1988 и 2008 година се кандидираше за претседателска номинација.
Во 2014 година Клеин беше назначен од Обама за координатор на мерките на американската влада против епидемијата на ебола. За време на пандемијата на коронавирус оваа година Клеин се истакна како остар критичар на американскиот претседател Доналд Трамп.
Големо внимание предизвика видеото во кое тој објаснува што сѐ поинаку би направила влада на Бајден во пандемијата и кои се нејзините планови за менаџирање на кризата. Борбата против коронавирусот Бајден ја вброи во своите тежишни задачи, а Клеин притоа ќе има клучна улога.
Шефот на кабинетот припаѓа на владата, но за разлика од министрите, не мора да биде потврден од Сенатот во Вашингтон. Тој контролира кој добива пристап до претседателот, се грижи за термините и го регулира протокот на информации. Во негова надлежност се и преговори со Конгресот. Доналд Трамп во повеќе наврати го менуваше шефот на својот кабинет, Марк Мидоус е веќе четврти по ред на функцијата.
Буш, Обама, Трамп - Бајден е четвртиот претседател на САД во мандатот на Меркел
Ангела Меркел петнаесет години е на чело на Германија. За канцеларката, Доналд Трамп беше трет претседател на САД во нејзиниот мандат. На средбите со него таа често изгледаше напнато. Со Бајден ќе биде похармонично?
Фотографија: Reuters/B. Snyder
Прилично студено
Иран, трговијата, НАТО - во многу теми Меркел и Трамп далеку се разијдуваа. Не само политички, туку и во меѓусебната лична врска се чини владееше тензија. Трамп во една прилика ја нарекол Меркел „глупава“. И на оваа средба на маргините на НАТО-самитот на крајот на 2019 година не се гледа големо пријателство.
Фотографија: picture-alliance/dpa/M. Kappeler
Кој е овде шеф?
Меркел и Трамп на самитот на Г7 во Канада во јуни 2018 година. Оваа фотографија предизвика насекаде општи дискусии: се обидува ли Меркел да му го објасни светот? Дали е таа вистинската лидерка на западниот свет? Или овде тој е шефот - како единствен кој седи?
Фотографија: Reuters/Bundesregierung/J. Denzel
Ќе се ракуваме ли?
Канцеларката постави пријателско прашање при нејзината прва посета кај Доналд Трамп во Белата куќа во март 2017 година. Но нејзиниот домаќин не реагираше, демонстративно гледаше на друга страна. Подоцна тврдеше дека не го чул прашањето. Меркел можеби се надева при следната посета во Вашингтон да се сретне со друг претседател.
Фотографија: Reuters/J. Ernst
На крајот се приближија
Канцеларката и Барак Обама изгледаа прилично блиски при неговата последна посета како претседател на САД во Берлин. Во ноември 2016 година - неколку дена по изборот на Доналд Трамп за негов наследник, се чини дека Обама сакаше да и ја предаде на Ангела Меркел одговорноста за западната демократија. Американските медиуми пишуваа дека таа е сега предводник на слободниот свет.
Фотографија: Reuters/F. Bensch
Највисоко признание
Во вечерен фустан, Меркел во јуни 2011 година од претседателот Барак Обама во Белата куќа го прими највисокото цивилно одликување на САД - медал за мир. Признанието таа го доби за својот ангажман во европската политика. Аналитичарите го толкуваа одликувањето и како доказ за добрите германско-американски односи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
На гости кај пријатели
На самитот на Г7 во јуни 2015 година во баварските Алпи, се насетуваше речиси пријателско однос меѓу Обама и Меркел. Канцеларката во борбата против промената на климата можеше да се потпре врз американска поддршка. Со доаѓањето на Трамп тоа драстично се промени.
Фотографија: Reuters/M. Kappeler
Дај ми рака, другарче!
Претходникот на Обама, американскиот претседател Џорџ Буш, уште по првата средба беше воодушевен од слободарството на Ангела Меркел, кое тој го објасни со нејзиното минато во Германската Демократска Република. На самитот на Г7 во Санкт Петербург во јули 2006 година тој посегна од зад неа да и го масира вратот, а канцеларката преплашена ги дигна рацете. Гестот на Буш очигледно беше добронамерен.
Фотографија: AFP/Getty Images/A. Nemenov
Домашна скара
Џорџ Буш во јули 2006 година беше видно задоволен да и стави месо од скара на чинијата на Ангела Меркел. Прасенцето беше печено на ражен во изборниот округ на Ангела Меркел, на брегот во покраината Мекленбург-Предна Померанија. каде го пречека гостинот од САД.
Фотографија: picture-alliance/dpa/BPA/G. Bergmann
Ќе те одведам во Тексас
Во 2007 година Ангела Меркел го посети Џорџ Буш на неговиот ранч во Крафорд, Тексас. Во теренско возило од американско производство Буш изигруваше шофер за Меркел и нејзиниот сопруг Јоахим Зауер. Уште тогаш почнуваа вриења околу една тема - ситуацијата во врска со Иран, која повторно зовре за време на Трамп.
Фотографија: Matthew Cavanaugh/dpa/picture-alliance
Рака во рака со Бил Клинтон
На комеморацијата за Хелмут Кол во јули 2007 година американскиот екс-претседател Бил Клинтон држеше хумористично-меланхоличен говор за починатиот германски канцелар. „Го сакав“, изјави Клинтон. Кога видно потресен, повторно се врати на седиштето, тој посегна по раката на Ангела Меркел.
Фотографија: picture alliance/dpa/M. Murat
Насмеј се малку!
Ноември 2009 година: Меркел само што одржа говор пред Конгресот во САД во Вашингтон. Додека сеуште траеше аплаузот, тогашниот вице претседател Џо Бајден ја забавуваше Меркел со досетки. Со Бајден како претседател, се надеваат некои, можно е германско-американското пријателство повторно да заживее. Барем на политичко рамниште разбирањето со него за Меркел би било полесно отколку со Трамп