1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудствоАлбанија

10 години судска реформа во Албанија: Надеж без правда

Рашела Шеху
6 февруари 2026

Убиството на судијата Астрит Каљаја ја отвори најжестоката дебата за албанската судска реформа, која по една деценија ветува надеж — но не и правна сигурност.

Албанскиот парламент во Тирана
Албанските пратеници во 2016 година одобрија закон за проверка на личното и професионалното минато на судиите и обвинителите како дел од големата реформа на судскиот систем во земјатаФотографија: Hektor Pustina/AP Photo/picture alliance

Убиството на судија во судница минатиот октомври повторно ја стави под лупа судската реформа што Албанија ја започна пред една деценија. На 6 октомври 2025 година, во 15:40 часот, судијата на Апелациониот суд во Тирана читал пресуда во долгогодишен имотен спор што датира од 1992 година. Набргу потоа, во судницата одекнале три истрели. Судијата Каљаја, 62-годишен, подоцна ја загубил битката за живот.

Напаѓач бил 30‑годишниот Елвис Шкамби, кој според полицијата пукал незадоволен од пресудата против неговото семејство — пресуда што ја нарекол „скандалозна“ и резултат на „години неправда“.

Реформа без преседан

Убиството се случи речиси 10 години по почетокот на најдлабоката реформа во албанскиот правосуден систем. Во јули 2016 година, сите 140 пратеници во парламентот едногласно гласаа за уставни измени што треба да ја зајакнат независноста на судството и да ја засилат борбата против корупцијата — реформа силно поддржана од  ЕУ и САД.

Во срцето на реформата беше строгата ветинг‑процедура, предвидена да ја провери имотната состојба, интегритетот и професионалното работење на секој судија и обвинител во земјата.

„Корумпираните судии и обвинители ќе бидат отстранети од системот,“ порача тогаш премиерот  Еди Рама.

Премиерот Еди Рама вети дека процесот на проверка воведен со реформата ќе ги отстрани корумпираните судии и обвинители од правосудниот системФотографија: Florion Goga/REUTERS

Правниот експерт од Универзитетот во Тирана, Албан Кочи, за ДВ изјави: „Ова беше прва реформа од ваков вид во светот. Дизајнирана беше да им служи на граѓаните, да ги заштити од корупција и да ја врати довербата во правосудството.“

Но радикалноста и брзината на процесот брзо ги покажаа границите на системот неспремен за толку големи промени.

Од чистење до колапс на системот

Реформата ја промени структурата на правосудството од корен: за само пет години, околу 65% од судиите и обвинителите беа разрешени — многу побрзо отколку што системот можеше да ги замени.

Како што ветингот стигнуваше до највисоките инстанци,  Албанија  речиси две години остана без Уставен и без Врховен суд. Паралелно, новата судска мрежа ги затвори или спои 20 судови низ земјата.

Комбинацијата од овие мерки создаде систем што функционира со сериозно намалени капацитети. Според годишниот извештај на Народниот правобранител за 2024 година, Албанија има само 9,8 судии на 100.000 жители — речиси двојно помалку од европскиот просек.

Коци смета дека „европски стандарди се применуваа врз систем што не можеше да ги издржи“.

Сè поголем заостаток на предмети

Последиците станаа највидливи преку растот на нерешените случаи. Само на Апелациониот суд има над 45.800 нерешени предмети од 2017 година наваму, а судот работи со околу 40 судии — далеку под предвидените 78.

„Ако порано завршувањето на еден предмет траеше три години, денес просечно трае 15,“ вели Кочи.

Во исто време, вниманието на јавноста често е насочено кон  специјалното обвинителство СПАК, симбол на  борбата против корупцијата.   Но,  СПАК обработува само околу 3% од сите кривични случаи, додека останатите 97% ги имаат обичните судови.

„Целта на реформата треба да е правдата за граѓанинот,“ додава Коци.

Судници под постојан притисок

Недалеку од модерната зграда на СПАК, сосема поинаква слика. Кривичниот оддел на Основниот суд во Тирана се наоѓа во зграда што некогаш била студентски дом на специјалната полиција. Отворена како судница во 2010 година, никогаш не била предвидена да стане најоптоварениот кривичен суд во земјата.

Судијата Герд Хоџа, заменик‑претседател на судот и претседател на Унијата на судии, за ДВ вели дека системот работи под постојан стрес:

„Недостигаат редари и записничари. Барам најмалку 80 правни асистенти за да го издржиме обемот на работа.“

Специјалното обвинителство за борба против корупцијата и организираниот криминал (СПАК) на Албанија е водечки производ на реформата, но сепак обработува само приближно 3% од сите кривични случаиФотографија: Kristi Çavo

Условите за работа веќе се правно и политичко прашање. Судиите се обратија до Уставниот суд, тврдејќи дека одлуките за плати и работни услови не се спроведуваат. Премиерот Рама јавно ги отфрли барањата, наведувајќи дека нивните плати се повисоки од оние во соседните земји.

„Судија што не се чувствува безбедно не може да работи смирено,“ додава Хоџа. „А без смиреност нема непристрасна правда.“

Граѓаните на крајот од процесот

За најголемиот дел од граѓаните, реформата се чувствува таму каде што најмногу боли — во долгите постапки на обичните судови. Според Хоџа, еден судија може да донесе и до 1.000 одлуки годишно, што неизбежно влијае врз квалитетот.

„Под таков притисок, судиите мора да ги редат приоритетите според тоа што е најважно за општествената стабилност,“ вели тој.

Како понатаму?

Правосудната реформа е централна за  европските интеграции на Албанија. Иако Брисел ја пофали за борбата против корупцијата, остро предупреди дека нејзината успешност зависи од ефективна примена, правна сигурност и независност на судството.

Комесарката на ЕУ за проширување Марта Кос објаснува за отворањето на кластери за преговори за пристапување на Албанија и другите земји од Западен БалканФотографија: Elona Elezi

Прашан што може да се направи за да се олесни товарот врз судовите и да се променат работите на подобро, Кочи има два предлога: „Прво, верувам дека старата судска мапа треба да се врати“, изјави тој за ДВ. „Второ, треба да се создадат привремени судски одбори за справување со заостанатите предмети“.

Хоџа препорача поинаков пристап: „Процесот на избор на судии има сериозни недостатоци и треба да се промени“, вели тој. „Една опција би била да им се дозволи на младите судии од трета година да почнат да ги извршуваат судските функции под надзор на искусен судија за да се помогне во справувањето со сегашните заостанати предмети“.

Надеж без правна сигурност

Според Кочи, реформата создаде очекувања без да создаде правни гаранции.

„Им даде надеж на граѓаните, но не и сигурност. Кога правно решение трае трипати подолго,  поранешната правда практично беше поефикасна.“

Убиството на судијата Астрит Каљаја го разоткри системот во кој правдата може да пристигне по децении — ако воопшто пристигне.

„Во такви услови,“ заклучува Кочи, „станува неизбежна старата правна изрека: Одложената правда е ускратена правда.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми