1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Од селанска револуција до светска доминација

2 јули 2021

И покрај сите предвидувања дека колапсот им се ближи, Комунистите делуваат сигурни и стабилни на кормилото, проектирани кон сонот за уште една стогодишнина во 2049 – за напредна и моќна Кина и во следните 100 години.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Ако револуцијата може да ја спроведат само работниците, тогаш ние очигледно не можевме да спроведеме револуција – Мао Це Тунг

Комунистичката партија на Кина го прослави својот стоти роденден. Во Пекинг, на импозантниот плоштад Тјенанмен се помина како што и беше очекувано: Комунистичката партија се славеше самата себеси и стогодишнината од своето формирање.

Во својот говор, кинескиот претседател „императорот“ Ши Џинпинг, повеќе од славење на минатото и покрај пораките до домашната јавност, го славеше своето владеење и испрати заканувачки пораки до светот: „Странецот повеќе не може да не претвори во робови“ или „Странските сили кои сакаат да не потиснат ќе удрат крваво во челичен ѕид. Кореографијата беше соодветна за историските настани – младински слетови и воени прелети, кои сепак поминаа без воена парада, вообичаено резервирана за прославите на годишнината од формирање на Народната Република.

Иако прославата беше проектирана кон иднината на Комунистичката партија и кинескиот социјализам, нешто што во времето на Џинпинг се нарекува Комунизам 2.0, сепак неизбежно е чувството дека сме сведоци на нешто анахроно и од сосема друга епоха. Прославата на Комунизмот во 21-от век, таа веќе стара идеолошка резидуа од минатиот век, наликува на оксиморон, каде човек повеќе од насетување на некаква иднина е повикан да се потсети на минатото и на бурната историја.

Фотографија: Hector Retamal/AFP

Но, како почнува оваа историја на Комунистичката партија на Кина? Почнува пред точно 100 години, во Шангај, во една мала „шикумен“- типична куќа со фасада од цигли сместена во зоната под француска концесија, број 106 на улицата Ванц. Тука, илегално и тајно, околу една маса, помеѓу 20 јули и 5 август ќе се одржи Првиот Конгрес на Комунистичката партија. Околу масата ќе седат 13 луѓе, меѓу кои и Мао Це Тунг, еден Холандски револуционер од Индонезија и еден Русин, Владимир Николски, човек од доверба на Кремљ. Седниците ќе ги води Жанг Гуотао, пекиншки студент кој години подоцна ќе се обиде да го преземе водството над партијата од Мао. Дури и во космополитскиот и отворен Шангај од тоа време, собирот на комунистите ќе побуди сомнежи. Полицијата го открива станот, по што Конгресот ќе биде преместен на еден речен брод на Јужното езеро. Со цел да не се побудат дополнителни сомнежи кај властите, двајцата странци ќе останат на копно.

Други колумни од Ивор Мицковски:

-Десницата ги прегрна левичарските политики

-Бајден и Путин - успешна мисија

-„Кинескиот вирус“ и американската „вистина“

Триесетите и четириесетите години од минатиот век се години на илегала за Комунистите, но и години на нивните големи револуционери подвизи, и конечно, години кога ја освојуваат моќта и земјата. Прогонувани од националистите на Куоминтангот на Чанг Кај Шек, комунистите ќе прејдат преку 10 илјади километри за конечно во 1936 година да се сместат во Јенан. Станува збор за историското повлекување на Комунистите кое потоа ќе биде глорифицирано како библиски егзодус и познато под името – Големиот марш. Марш кој ќе трае 368 дена и за време на кој црвените револуционери на Мао, во суштина, кинеското селанство, ќе преминат 18 планински венци и 24 реки, ќе пропешачат 12 провинции и ќе освојат 62 града, постојано бомбардирани, следени и опколувани од бројно супериорните националистички сили. Големиот француски писател Андре Малро за време на своите средби со Мао, ќе го опише Големиот марш како авантуристички подвиг, нешто што посетува на подвизите на Александар Македонски, но и подвиг кој ќе доведе до политичка победа. За кинеското селанство каде и црвената армија да прошла за време на маршот таа ќе се претвори во вистински бранител на селаните и на Кина. Претворањето на селанската жакерија во револуционерен и патриотски бунт е најголемата победа на Комунистите, нешто што потоа ќе им обезбеди да ги освојат и Нанкинг и Пекинг.

Фотографија: Tingshu Wang/REUTERS

Еднаш поразени националистите и избркани Јапонците луѓето на Мао ќе пристигнат во Пекинг на последниот ден во 1948 година. Неколку месеци подоцна, на 1 октомври, на плоштадот Тиенанмен Мао ќе го прогласи создавањето на Народна Република Кина. Во декември месец, она малку што останува од трупите на Чанг Кај Шек, заедно со поразениот лидер, ќе пребегне на Формоза или островот кој Кинезите го нарекуваат Тајван. Далеку од револуција на пролетаријатот, Мао спроведува револуција благодарение на селанството.

Мао пред себе наоѓа сиромашна земја, уништена од речиси два века империјализам и семи-колонијализам, ранета од бруталната јапонска инвазија и истрошена од граѓанската војна. Ако за време на револуцијата Кинезите се хранат со кори од дрва, амбицијата на Мао во наредните години ќе биде на секој Кинез да му обезбеди по еден сад ориз. Напорите Кина да се трансформира од аграрна економија во индустриски систем кон крајот на 50-тите ќе произведе масовен делириум попознат како „Големиот скок напред“ - економски и социјален план кој ќе причини масовен глад и милиони мртви, помеѓу 14 и 43 милиони луѓе починале според историчарите.

Шеесеттите години не се ништо помалку страотни. Во 1966 година почнува Културната револуција – луд, трагичен и хистеричен револуционерен подвиг на Мао и на „Бандата на четворицата“. Наредните 10 години ќе бидат одбележани од масовна хистерија, огромни општествени поделби, клима на општа недоверба во која ќе преживее единствено култот на личноста кон Мао. Непријателите на Мао ќе доживеат партиска чистка, додека Црвената гарда или Хунвејбините, ќе доминираат на улиците по градовите и селата во потрага по знаци на „буржујска декаденција“, напаѓајќи и уништувајќи се што потсетувало на колонијалното и империјалното минато.

Фотографија: Li Xueren/XinHua/dpa/picture alliance

70-тите години се познати по затоплување на односите со САД кое започна благодарение на таканаречната пинг-понг дипломатија. Приказната почнува во Нагоја во 1971 година. Глен Кован е американски спортист кој во јапонскиот град учествува на Светското првенство во пинг-понг. Една вечер, после тренинг, неговата делегација го заборава, по што е приморен да побара превоз од кинеската делегација. Жуанг Ѕедонг, најјакиот играч меѓу Кинезите, се охрабрува и му се приближува на Американецот. Ќе му подари еден цртеж - симбол на пријателство меѓу два народи. Кован ќе возврати подарувајќи му маица со симболот на мирот и натписот „Let it be“. Таа размена помеѓу двајцата спортисти ќе отвори пат за затоплување на односите. На 10 април истата година Мао ќе ја покани американската пинг-понг екипа да ја посети Кина и тоа ќе бидат првите Американци кои стапнале на кинеско тло од 1949 година. Неколку месеци подоцна, на 21 февруари 1972 година, во режија на Хенри Кисинџер и кинескиот премиер Чу Ен Лаи, Никсон ќе биде првиот американски претседател кој ќе ја посети големата комунистичка држава.

1976 година умира Мао и после елиминацијата на „Бандата на четворицата“, власта ја презема Денг Ксиаопинг. Одеднаш се раѓа Кина која се претвора во „фабрика на светот“. Денг ја отвара Кина кон западниот пазар и економија воведувајќи специјални економски зони, од кои првата е во Шенџен, денес познат како кинеската Силиконска долина. Но, деценијата завршува со масакрот на Тиенанмен, кој е директна последица на годините внатрешна борба во Комунистичката партија помеѓу конзервативните и прогресивните сили. На крај ќе победи линијата на Денг кој на 4 јуни 1989 воведува воена состојба и ги испраќа тенковите против студентите. Во 90-тите кинескиот социјализам станува се повеќе националистички. Сакањето на татковината значи да се сака државата. А, да се сака државата, значи да се сака партијата. Новиот милениум за Кина се отвара под слоганот „хармонично општество“ под водство на Ху Џинтао.

Фотографија: Ng Han Guan/AP/dpa/picture alliance

Но, Кина и Комунистичката партија дефинитивно се менуваат од 2012-та година со доаѓањето на власт на актуелниот претседател Ши Џинпинг. Ако целта на Мао беше револуционерна и политичка, односно Кина да се ослободи од понижувањата предизвикани од странската доминација, а онаа на Денг беше пред се економска со цел да ја внесе земјата во тековите на меѓународниот капитализам, целта на Џинпинг е пред се геополитичка и империјалистичка.

Неговата цел е Кина да се врати да биде дел од светската рамнотежа на моќ. За таа цел му е потребна силна и обединета партија. Со Ши партијата се претвора во комплетен контролор на самата себе, владата, војската, целата популација и интелектуалата. Во негово време партискиот Национален Конгрес одлучува да го елиминира уставното ограничување од само два претседателски мандати, отварајќи можност за негово доживотно претседателство.

Централизацијата на моќта е сконцентрирана речиси ексклузивно во негови раце и тој функционира како секретар на КПК, претседател на НРК и претседател на воените комисии. Џинпинг раководи и со три нови партиски органи како што се Комисијата за економски реформи, онаа за национална безбедност и за сајбер просторот. Покрај централизацијата, партијата под Ши се повеќе станува авторитарна. Воспоставена е целосна контрола врз интернетот, одлучена е експанзионистичка политика во соседните мориња и оспорени територијални води, најавено е обединување со Тајван, судир со САД и политика на репресија врз муслиманските Ујгури и до вчера независниот Хонг Конг.

Фотографија: Aly Song/REUTERS

„Сокриј ја силата и чекај го вистинскиот момент“ – беше слоганот на Денг. Џинпинг е убеден дека моментот на Кина е дојден и сака да го оствари „кинескиот сон“. Сонот се состои од два подвизи: едниот е остварување на „умерено напредно општество“ за што рокот се поклопува токму со 100 годишнината на КПК, и втората е постигнување на „целосно развиена нација“ за што рокот е поставен до 2049 година, на 100 годишнината од основањето на Народната Република. Затоа и од говорот на Ши можеше да добие чувството дека многу малку што се случило во овие 100 години историја на кинескиот комунизам. Како кинескиот комунизам да почнува со него - како модерен и непобедливо проектиран кон иднината.

Заканувачкиот и одлучен тон во говорот на Џинпинг ќе премине во отворена агресивност кога ќе ја допре најегзистенцијалната и најжешка тема за Кина, односно, обединувањето со „бунтовничкиот остров“ Тајван. „Решавањето на тајванското прашање и сфаќањето на целосното повторно обединување на Кина се непоколеблива историска задача на партијата“, кажа Ши. Тоа останува единственото прашање кое ја загрижува партијата, особено откако успеа да ги елиминира демократските движења во некогашниот автономен регион Хонг Конг. Ши во врска со Хонг Конг и Макао кажа дека Кина ќе остане верна на принципот „Една земја, два системи“, според кој на двете им се гарантира висок степен на автономија. Се разбира дека таквата формула е само еуфемизам за комплетна кинеска апсорбција и контрола.

Фотографија: Ng Han Guan/AP/picture alliance

Но, што поради се повеќе авторитарната деклинација, што поради репресијата, додека Ши го слави Комунизмот, меѓународната репутација на Кина се повеќе тоне. Огромното мнозиство на земји од Северна Америка, Азија и Европа имаат негативно мислење за Кина. Според сондажата на Pew Research Service негативноста е најголема во Јапонија каде изнесува 88%, 80% во Шведска, 78% во Австралија и 76% во САД. Пекинг се соочува со надворешни критики за сузбивањето на отпорот во Хонг Конг и постапувањето со етничките малцинства во Синџијанг, а се соочува и со влошени демографски изгледи кои го попречуваат долгорочниот економски раст.

Тоа што пак не го загрижува Ши е домашниот консензус, каде и покрај цензурата и первазивната контрола на информациите и интернетот, делува дека мнозинството Кинези веруваат во неговите зборови и во неговите политички рецепти. Се додека партијата обезбедува прогрес, растечка благосостојба и богатство, како и подобри услови на живот, Комунизмот и партијата им одговараат на Кинезите.

Комунистите владејат веќе 72 години и успеаа една од најсиромашните земји да ја претворат во втора светска економија, чиј технолошки, инфраструктурен и воен напредок им создава кошмари на Американците. И покрај сите предвидувања дека колапсот им се ближи, Комунистите делуваат сигурни и стабилни на кормилото, проектирани кон сонот за уште една стогодишнина во 2049 година – за напредна и моќна Кина и во следните 100 години.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми