1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

100 дена од техничкиот сервис на Вучиќ

Ивица Петровиќ
5 октомври 2017

Владата на српската премиерка Ана Брнабиќ навршува 100 дена од работењето. Соговорниците на ДВ се согласни дека во прашање е „влада на континуитет“ која ги спроведува наредбите на претседателот на државата.

Ana Brnabic
Фотографија: picture alliance/AA/T.Ozturk

Достигнувањата на српската влада во првите сто дена не е лесно да се оценат, бидејќи не знаеме каде почнува, а каде завршува некоја влада. Второ, при анализата на потезите на владата и премиерката Ана Брнабиќ не сте сигурни дали се тоа всушност потези и идеи на претседателот на Србија, кои владата само ги аминува, или станува збор за самостојно делување на премиерот и министрите.

Во текот на изминатите сто дена всушност продолжи старата приказна на сите влади на Српската напредна партија (СНС) за сѐ да одлучува еден човек, а министрите таа одлука да ја образложуваат во јавноста. Всушност, и самата премиерка во изминатите неколку месеци  по повод некои важни прашања, како што е на пример внатрешниот дијалог за Косово, изјави дека „за тоа нема некое посебно мислење“, и така само го потврди својот статус на набљудувач во владата која ја води.

И покрај сето ова, Ана Брнабиќ најавува дека на 14 октомври ќе ги претстави резултатите на работењето на својата Влада во првите сто дена.

Влада на континуитет

Имаме работа со влада на Александар Вучиќ, со таа разлика што тој веќе не седи на Немањина 11, оценува за ДВ одговорниот уредник на неделникот „Време“ Филип Шварм. „Тоа е пред сѐ влада на континуитет, а кога го зборувам тоа во прв ред мислам на авторитарноста која се манифестира во српската политика. Мислам на авторитарноста на власта, на натамошен притисок врз медиумите и нивно гушење, присуство на цензура, и општество во кое нема дијалог туку постои само диктат.“

Фотографија: REUTERS/M. Djurica

Токму поради тоа Шварм вели дека е тешко да се зборува дали имаше нешто добро во изминатите 100 дена на новата влада, „бидејќи само се продолжи она што го имавме и досега: арогантен однос кон јавноста, односот кон странство варираше - од искри во регионот до послушност и понизност кон големите центри кои одлучуваат. А кога станува збор за економијата, тука имавме забавен раст, помал од очекуваниот“.

Како влада на континуитет сегашните потстанари на Немањина 11 ги оценува и Невен Цветиќанин, научен соработник во Институтот на општествени работи. „Во пракса тоа значи дека владата не црпи легитимитет од самата  себе, туку од институцијата претседател на Србија. Владата во таа смисла се претвори во некој вид технички сервис кој решава оперативни проблеми. Можеби исклучок е Ивица Дачиќ, министерот за надворешни работи, кој е еден од ретките министри со политичка тежина. Затоа и можеме да кажеме дека владата има две крила - технократско и политичко“.

Ако пак од трета страна повторно би анализирале кои се нејзините евентуални достигнувања, Цветиќанин вели оти таа „продолжила да го прави она што инаку треба да се направи, а тоа е натамошна професионализација на јавната управа, санирање на надворешниот долг како и макроекономска стабилност. А на надворешнополитички план ги продолжи сите други стратешки насочувања на земјата. Во сето тоа немаше никакви спектакуларни достигнувања, но ни некои големи промашувања.“

Премиерката како секретарка

Скепсата која се појави по веста дека премиерка ќе биде Ана Брнабиќ не е разбиена ни по изминатите 100 дена. Критичарите на тоа местење и натаму сметаат оти Вучиќ само вешто ја искористи сексуалната ориентација на премиерката и на тој начин доби дополнителни поени на Запад. Во таа смисла може да се постави прашањето дали Ана Брнабиќ во изминатиот период покажа дека може да води самостојна политика, или го оправда статусот на фикус, кој го доби и пред стапувањето на должност?

Фотографија: imago/Pixsell

„Се има впечаток оти таа е на постојана телефонска врска со Вучиќ“, смета Шварм. „И самата на почетокот на мандатот рече оти нема авторитет, и тоа се гледа како во нејзиниот однос кон министрите, така и врз основа на потезите кои ги повлекува. Едноставно, комплетен впечаток е дека таа тука се нашла сосема случајно, оти таа е избор на еден човек кој би избегнал во својата партија да создаде друг моќен политичар, и дека од Ана Брнабиќ помалку или повеќе се очекува да биде некаква секретарка и да ги спроведува одлуките кои не се носат во владата, туку на некое друго место - а тоа е кабинетот на Вучиќ.“

Како резултат на постојаното балансирање меѓу перцепцијата за реалност на Вучиќ и актуелниот политички живот се дојде до ситуација владата тукушто да навршува сто дена, а веќе да се зборува за нејзина реконструкција, а дури се појавуваат и најави за вонредни парламентарни избори. Филип Шварм забележува дека и тоа зборува за континуитетот на Вучиќевата „политика на необјавена вонредна состојба и политика на постојани изборни кампањи. Затоа ние и немаме кохерентен политички живот, туку ја живееме таа политичка кампања, бидејќи тоа е едниственото нешто што СНС и нејзиниот претседател Вучиќ го знаат“. Невен Цветиќанин додава дека и тоа не е ништо ново, бидејќи Србија од воведувањето на повеќепартискиот систем имала бројни циклуси на избори, и оти во тој период само две влади истераа цел мандат.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми