1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

11 Октомври: Дали е неевропски да се слави антифашизмот?

11 октомври 2022

Денеска се прославува Денот на народното востание, 11 Октомври. Ние сме држава која била на вистинската страна на историјата. Зошто тоа ѝ пречи само на Бугарија?

Споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата на Северна Македонија
Споменикот „Ослободители на Скопје“ пред Владата на Северна МакедонијаФотографија: Government of North Macedonia

Со централна свеченост во Куманово, но и со бројни манифестации во Прилеп, Скопје и други градови во земјата, денеска се прославува Денот на народното востание, 11 Октомври. Премиерот Ковачевски, уште пред денешното обраќање пред Спомен Костурницата во Куманово, во предвечерјето на празникот ја истакна гордоста што е роден во еден од градовите, каде пред 81 година започнала да се испишува историјата на македонската антифашистичка борба.

„Јас сум од Куманово, роден сум во Куманово, и еден од два града во којшто е започнато востанието е Куманово“, рече премиерот во вчерашното интервју на ТВ „24“.

„Ние сме држава којашто била на вистинската страна на историјата, и сега сме на вистинската страна на историјата, како што и секогаш сме биле. Низ таа народноослободителна борба ние сме ја изградиле нашата независна држава во која што живееме и денес и од тој пат никогаш немаме отстапено“, потенцираше Ковачевски.

Во однос набугарските клубови, премиерот уште еднаш го осуди изборот на имиња кои се дел од најтемниот период - фашизмот, укажувајќи дека на никаков начин не придонесуваат кон подобрување на односите меѓу соседни држави, а уште повеќе ги повредуваат чувствата на македонските граѓани, особено на еврејската заедница.

Го сподели неговото лично чувство, но и напорите за повисоките цели кои стојат пред земјата.

„Чувството што јас го имам, и чувството што го имаат нашите граѓани во претходниот период, кога се водеа тие разговори со Бугарија, е како некој со нож да ве сече во стомак. Такво е чувството. Но, на крајот на денот, вие мора да донесете одлука која се однесува на идните генерации“, рече премиерот.

Разликата помеѓу неговата и постапките на лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и Левица, ја опиша на следниот начин:

„Тие сакаат преку изјави за минатото да ги направат граѓаните горди, ама горди на мала маса, да седат сами, како што седевме 11 години. Јас сакам нашите граѓани со крената глава, како Македонци, со чист македонски јазик, со заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел и да преговараме за полноправно членство во Европската Унија. Тоа успеавме да го направиме“, оцени Ковачевски.

Ковачевски: Ние сме држава којашто била на вистинската страна на историјата, и сега сме на вистинската страна на историјатаФотографија: Government of North Macedonia

Ковачев: Тоа не е европски пристап

Од другата страна на границата, исто како и во изминатите години, не гледаат благонаклоно на антифашистичката легитимациска „картичка“ на РСМ, на прославата на 11 Октомври и на протестот против имињата на фашистички соработници за бугарските клубови.

Андреј Ковачев, европратеник од ГЕРБ, во интервју за Радио „Фокус“ вели дека Левица и ВМРО-ДПМНЕ се обидуваат да извлечат политичка дивиденда од антибугарска хистерија, па се создал натпревар, во кој и властите чувствуваат дека треба да излезат со изјава оти било неприфатливо да има имиња на клубови во Македонија на учесници или поддржувачи на Третиот Рајх.

„Има една конкуренција која е многу тажна, чудна и жална, меѓу политичките формации таму, да ја продолжуваат инерцијата и и наследството на Тито во Република Северна Македонија. Тоа не е европски пристап, тоа не е толеранција и почитување, тоа не се критериумите од Копенхаген. И јас навистина не знам како тие ќе ја надминат инерцијата од тоа многу мрачно и темно време на Титова Југославија, која ја заснова својата идеологија на антибугарската теза“, прашува Ковачев.

Според него, по ова прашање нема разлика меѓу елитите на власта и опозицијата во РСМ, а отиде и чекор понатаму - нивното повикување на антифашистичката борба го изедначи со реториката на Путин.

„Ќе ја ‘слават’, како што велат, антифашистичката борба или ерго антибугарската, борбата против бугарскиот фашистички окупатор, како што тие велат. И тие сметаат дека нивната држава е заснована на тоа. Разбирате ли колку е сериозен проблемот? Проблемот е што нивната елита, како што велам, се работи за елитата и од СДСМ и од ДПМНЕ, сметаат дека државата им е антифашистичка, и поради тоа излегува речиси истото што го говори и Путин. Јас не гледам никаква разлика помеѓу идеологијата што ја шири Путин, дека се бори против нацизмот и фашизмот во Украина и тоа што им го оставил во аманет Тито во Скопје, дека се борат против фашистите. И ги видовме чудните сцени во Охрид, како повторно нѐ нарекуваат ‘фашисти’ и ‘татари’. И се обидуваат да го оцрнат споменот на негово величество цар Борис Трети, што е многу недостојно“, вели европратеникот.

Ковачев: Јас не гледам никаква разлика помеѓу идеологијата што ја шири Путин, дека се бори против нацизмот и фашизмот во Украина и тоа што им го оставил во аманет Тито во Скопје, дека се борат против фашиститеФотографија: EP/S. Pirlet

Како Грција и Кипар

Не е првпат вакви тези да доаѓаат од бугарски политичари, и покрај заложбите за пријателство и за споделување европски вредности, меѓу кои е и антифашизмот. Укажувајќи на нужноста од взаемна помош и соработка, Ковачев објаснува како би требало денес да изгледаат односите меѓу двете земји, имајќи предвид како живееле „заедничките предци“.

„Многу би сакал да сме како Романија и Молдавија, како Грција и Кипар, да се поддржуваме во сѐ, да си помагаме. Сега е нужна струја, Бугарија мора да им помогне со доволно струја за добро да го поминат зимскиот период. Не треба да се мразиме. Ова е светогрдие кон нашите заеднички предци во Кукуш, во Леринско, во Битола, во Охрид. Нашите предци не се разделувале, немало бугарско и македонско маало, тие биле едно исто. Зборуваме за едни и исти семејства. Но, 70 години промена, таква гнасна пропаганда со терор на почетокот, се разбира, го менува многу и менталитетот. Тоа се гледа во сите земји од Источна Европа (...) Првата пушка, е како еден сограѓанин убил друг сограѓанин в грб, и двајцата локални луѓе, и тоа сè уште е симболот на борбата против бугарскиот фашистички окупатор, дури едното момче што е убиено е и внук на Дамјан Груев. Нема како внукот на Дамјан Груев да е бугарскиот фашистички окупатор со кој тие ја започнале борбата против лошите Бугари“, вели Ковачев, изразувајќи разочарување што по толку години состојбите сѐ уште не се промениле.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми