1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

131.183 лица на платен список во државните јасли

ДТЗ
8 април 2021

Се намалува бројот на буџетари во органите на државната управа, но во институциите од здравството и од детската и социјалната заштита и натаму расте.

Symbolbild Diversity Diversität Unternehmen
54,83 проценти од вработените во јавниот сектор се жени, а 45,17 проценти се мажиФотографија: Robert Kneschke/Zoonar/picture alliance

Вкупно 131.183 лица се наоѓаат на списокот на вработени во 1.332 институции во јавниот сектор во Северна Македонија. Најголем дел од нив (32%) се во образованието, потоа следуваат здравство (19%), управа (14%), комунални дејности (9,6%), детска заштита и социјална политика (6,8%).

Ова го покажува годишниот извештај на Министерството за информативно општество и администрација. Министерот за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири вели дека во споредба со 2019 година, бројот на вработени во јавниот сектор е намален за 1.717 лица. Намалување, според него, има во органите на државната управа, додека во институциите од здравството и од детската и социјалната заштита има зголемување на вработените.

Јетон Шаќири, министер за информатичко општество и администрација Фотографија: Government of North Macedonia

-повеќе на темата: Над осум милиони евра годишно за „армијата“ рамковно вработени

„Намалување на бројот на вработени има во органите на државната власт. Во 2019 година во органите на државната власт биле вработени 16.522 лица, а во 2020 година овој број е веќе 15.945, што е намалување за 577 вработувања или 3%“, вели министерот Шаќири. 

Но, ако во 2020 година има намалување на бројот на вработени во државниот апарат, тоа не е случај со вработеноста во институциите во некои од клучните сектори, како здравството и детската и социјалната заштита. Во овие сектори извештајот покажува зголемување на бројот на вработени. „Тоа илустрира дека новите вработувања се прават онаму каде што за тоа има вистинска потреба“, смета Шаќири.

Фотографија: Government of North Macedonia

Во јавниот сектор поголем дел од вработените се жени и тоа 54,83 проценти, наспроти мажите кои се застапени со 45,17 проценти. Просечната возраст на вработените е 46 години. Од вкупниот број, 19.594 лица се вработени во Армијата, Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање и во Управата за финансиска полиција. За овие вработени лица во извештајот не се прикажуваат други детални анализи, поради законски и безбедносни причини.

-повеќе на темата: Најмногу столчиња за административците во МВР, УЈП и Царина

Бројот на вработените во органите на државната власт, претставува 12,2% од вкупниот број на вработени во јавниот сектор, односно 15.945 лица од вкупно 131.183. Во однос на образовната структура, во 2020 година е зголемен бројот на вработени лица со високи образовни квалификации. Повеќе од половината, односно 53,62% од вработените лица во јавниот сектор, имаат најмалку високо образование, а 2.660 вработени се доктори на науки.

Фотографија: Fotolia/alphaspirit

Во однос на 1.300 рамковни вработувања, кои беа прераспределени по неколку институции со таканаречената К5 програма, министерот вели дека засега немало поплаки. 

„Важно е да се истакне дека најголем број од вработените врз основа на оваа програма веќе почнаа со работа во соодветните институции. До МИОА не пристигна ниту еден допис од ниедна институција која одбила да ги трансферира кај неа тие вработени. Од комуникацијата со Министерството за политички систем знаеме дека овој процес се ближи до крајот. Значи, нема никој што не ги прифаќа тие вработени“, вели Шаќири. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми