1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Европскиот исток ја научи својата лекција

Борис Калноки
1 мај 2019

Изминатите 15 години од нивниот влез во ЕУ за земјите од источна Европа беа тешки, но во меѓувреме тие ги сфатија механизмите на Унијата, ги бранат нејзините интереси и бележат динамичен раст, смета Борис Калноки.

EU Erweiterung Prager Brücke 30.04.2004
Фотографија: picture-alliance/dpa

На 1 мај 2004 година Европа, дотогаш разделена од Железната завеса, повторно се обедини. Од Источниот блок стана Западен блок: Балтичките републики (Естонија, Летонија, Латвија), Словенија и земјите од сегашната Вишеградска група (Полска, Унгарија, Словачка и Чешка), како и островските држави Кипар и Малта станаа членки на Европската унија. Со тоа ЕУ нарасна од 15 на 25 држави и го зголеми бројот на граѓаните за 20 проценти. Владееше еуфорично расположение, се чинеше дека сѐ е јасно: Источноевропејците едноставно треба да прават исто што и Западноевропејците, па наскоро и ним ќе им биде исто толку добро како на Запад. Неколку години одеше добро. Чекор по чекор, Истокот се припои кон Западот.

Стагнација наместо економско чудо

Но, потоа дојде економската криза во 2009 година, а јазот во благосостојбата меѓу Истокот и Западот во ЕУ повторно се отвори. Луѓето на Исток наместо економско чудо чувствуваа стагнација. Наместо просперитет, западната интеграција донесе тенок слој бесрамно богати профитери, а настрана од тоа егзистенцијална несигурност. Цените пораснаа, но платите останаа ниски. Никој не знаше колку долго ќе може да го задржи своето работно место, ретко некој можеше да си дозволи патување на одмор, две плати не стигнуваа за прехранување четиричлено семејство. Мизерниот, но сигурен живот во комунизмот, се претвори во борба за преживување. По ЕУ-еуфоријата следеше големо отрезнување. 

Последица беше процес на учење: стана јасно дека не беше најдобра идеја да се прави сѐ исто како на Западот, зашто економијата и општеството на Исток не се толку стабилни и созреани како на Запад. Избирачите носеа на власт влади кои им контрираа на Западноевропејците. Државата интервенираше посилно во економијата. Од западните концерни, на кои дотогаш им се правеше чест, беше побарано да плаќаат специјални даноци. Вишеградските земји се поврзаа во еден вид самоодбранбена унија, за да можат подобро да ги бранат своите интереси во рамките на ЕУ. Новите идеи од Запад беа скептично проверувани и во некои случаи одбивани: културата на добредојде кон мигрантите, слабеењето на националните држави, растечката моќ на телата на ЕУ – за нас немаат смисла, велеа Источноевропејците. Но, наспроти тоа, одобруваат други нешта: заедничка армија на ЕУ, одговорна економска политика со помали задолжувања.

Борис КалнокиФотографија: privat

Источните држави од ЕУ се договорија за целно меѓусебно јакнење на нивните економии наместо постојано да го вперуваат погледот кон Запад. Социјалниот производ во регионот од 2012 година расте речиси двојно повисоко отколку во остатокот од ЕУ. Конечно пораснаа и платите, делумно дури рапидно. Сѐ на сѐ, новите членки ја научија својата лекција: како да се дејствува вешто во рамките на Унијата и дека мора да се склучуваат коалиции заради најдобро остварување на сопствените интереси.

Никаде поткрепата на ЕУ не е поголема

Ова е една успешна приказна, што во старата ЕУ од преголем морализам често не може да се разбере. Таму станува збор претежно за делумно оправдани жалби во поглед на недоволното владеење на правната држава и за тоа колку авторитарни или недемократски и во прва линија колку неблагодарни и контраевропски се Источноевропејците. Но, вистината е следната: никаде поддршката за ЕУ не е поголема, никаде не е помал бројот на граѓани кои би сакале нивните земји да ја напуштат ЕУ, отколку на Истокот. Криза на довербата во ЕУ постои во Западот и Југот, а не во Истокот на Унијата. Сите анкети го докажуваат тоа.

Источноевропејците, врз основа на нивните горчливи историски искуства, се реалисти. Тие разбраа на каков начин функционира реално егзистирачката ЕУ и дека тука човек мора да води жестока борба со сите средства за да не се загуби себеси. Тие самоуверено учествуваат во ковањето на целокупниот европски дискурс, тоа е и нивна Европа. Тие во неа имаат глас и го подигаат. ЕУ преку тоа стана поразнолика. Со други зборови: постојат повеќе расправии. Но, кавгата е испробано средство за наоѓање решенија.

Борис Калноки, роден во 1961 година, е дописник од Унгарија за весникот „Ди велт“ и други медиуми на германски јазик.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми