1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

15.500 причини зошто Вашиот пенис не е премал

Зулфиќар Абани / ЕМФ9 март 2015

Многу мажи се незадоволни од големината на својот пенис, иако најголемиот дел од нив тоа никогаш не би го признале! Нова студија сега носи олеснување - мнозинството мажи се апсолутно во просекот.

Фотографија: Fotolia/CramBori

Конечно! Се чини дека светот на мажите може да здивне. Конечно е истражена просечната должина на пенисот, а резултатот е смирувачки за мнозинството мажи. Тим научници на Кралскиот колеџ во Лондон, под раководство на Дејвид Вил, се занимаваше со ова прашање. Истражувачите уште еднаш ги проанализираа податоците од 20 веќе спроведени студии околу должината на пенисот во нормална состојба и во состојба на ерекција. Собрани се податоци од 15.500 лица.

„Ги користевме само студиите кои ги исполнуваат нашите критериуми за квалитет. Се обидовме да создадеме опширна слика преку комбинирање на различните студии“, изјави Вил за Дојче веле. Анализата на неговиот тим е објавена во стручното списание „British Journal of Urology International“.

Иако постоечките студии се спроведени во различни земји - Нигерија, Турција, Јордан, Франција, Јужна Кореја, Индија или Германија - тие не се уверливи.

Нема стандарди за просечна големина

Една од причините за тоа е што нема стандардизирана постапка по која се оди при спроведувањето на различните студии. Лицата врз кои се вршени истражувањата се стари меѓу 17 и 91 година и доаѓаат од сосема различни општества. На пример, студент по медицина од Нигерија, војник од Турција, обрежани лица од Танзанија, пациенти од клиника за сексуална дисфункција во Керала или стари лица од Германија. Тука се уште и условите во коишто е вршено истражување. Кај дел од мажите било извршено мерење на собна температура, кај други додека биле под опивка, кај некои „лежејќи, со благо раширени нозе“, кај други додека биле во исправена положба „со пенис кој бил држен паралелно со подот“. Освен тоа, повеќето научници користеле метар за мерење, додека во Египет пак бил користен линијар.

Сепак, и покрај различните услови и постапки на мерење, научниците од Велика Британија тврдат дека може да се открие просечната должина на пенисот. И, се надеваат дека нивните резултати „ќе делуваат смирувачки на најголемиот дел од мажите“.

Просечната должина на пенис во нормална состојба, според тимот истражувачи од Велика Британија, изнесува 9,16 сантиметри. Во состојба на ерекција просечната должина на пенисот изнесува 13,12 сантиметри.

Колку резултатот е важен за науката?

„Не многу“, признава Дејвид Вил со насмевка. „Ние само споредивме 20 претходни студии за да се добие подобра слика.“

Но, колку повеќе е познато за големината на пенисот, толку побрзо може да се отфрлат квази-научни истражувања. Зашто, должината на пенисот не зависи од потеклото, исто како што нема ниту поврзаност меѓу должината на носот или стапалата со големината на машкиот полов орган. И, конечно, резултатите од студијата може да имаат дури и практична употреба, како на пример при развојот на подобри и посоодветни кондоми.

Вил и неговиот тим со новокомбинираните податоци создадоа нова слика за нештата. Тие се надеваат дека со тоа им даваат поддршка на мажите кои се несигурни: „Може да видат: јас сум можеби само просек, но тој (пенисот) во никој случај не е премал.“

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми