1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Германската револуција од 1848-ма

Кристоф Хаселбах
18 мај 2023

Пред 175 години Германија го доби првиот модерен, демократски устав. Основниот закон го усвои Националното собрание во Франкфурт. Тој подоцна стана и пример за изработка на актуелниот Устав на Германија.

Франкфуртското Национално собрание од 1848 година во црквата Св. Павле
Франкфуртското Национално собрание од 1848 година во црквата Св. ПавлеФотографија: akg-images/picture-alliance

Во 1830-тите и 1840-тите години ситуацијата во државите од германскиот сојуз врие од незадоволство. Пред сѐ граѓанството сака конечно да има демократија, но и единствена германска држава.

Германскиот сојуз е основан по победата над Наполеон Бонапарта во 1815 година како „лабава“ унија на низа помали и поголеми монархии. Пред сѐ Австрија и Прусија се тие кои безмилосно потиснуваат какви било слободарски движења. Но, по многуте востанија, во март 1848 година демократските сили конечно остваруваат важна цел со тоа што успеваат да издејствуваат либерални влади во поединечните држави и спроведување на избори за уставотворен собир за целиот германски сојуз. „Стравот им влезе в коски и повеќето германски владетели направија отстапки спротивни на нивните политички убедувања”, вели историчарот Франк Енгехаузен од Хајделберг во разговор со ДВ.

Црква како парламентарна сала

На 18. мај 1848 година, членовите на првиот сегермански парламент се собираат во Франкфурт на Мајна на консултации околу слободарски Устав и основање на германска национална држава. Од просторни причини собирот се одржува во црквата Св. Павле, во тоа време најголема сала во градот.

Но, замислите на различните групи многу се разликуваат. Конзервативните ги ставаат во преден план правата на одделните држави и на нивните владетели, Либералите се залагаат за сојузна конститутивна монархија, додека радикалните сили се борат за парламентарно демократска република. Колегата на Енгнхаузен од Универзитетот во Хале, Тео Јунг, зборува за „значителни идеолошки и регионални поделби” на Националниот собир кои „значително отежнувале хомоген став”.

Борби кај барикади во Берлин, март 1848 година: Владетелите се обидуваат да го задушат демократското движењеФотографија: picture-alliance/dpa

Каталог со основни права и слободи

Од денешна гледна точка, еден од дострелите на Уставот е „Законот на Рајхот за основните права на германскиот народ“. За првпат, човековите и граѓанските права беа законски дефинирани во Германија, вклучувајќи ја слободата на медиумите, слободата на мислење и слободата на собирање. Според концептот, дури и смртната казна треба да биде укината, што фактички се случува дури еден век подоцна.

Уставот, усвоен во март 1849 година, предвидува федерална германска држава, на која, со исклучок на Австрија, треба да ѝ припаднат сите држави од германскиот сојуз. На чело на државата треба да стои „Цар на Германците“, кому, според Уставот, му следува голема моќ. Но, во исто време тој е соочен со Рајхстагот, како претставник на народот, чии членови се избираат врз основа на универзално, непосредно и тајно право на глас. Право на глас имаат само мажите.

Оригиналниот Устав од 1848 годинаФотографија: Christian Ditsch/epd-bild/picture alliance

Монарх од божја милост

Но, Националното собрание направило „есап без крчмар“. Прускиот крал Фридрих Вилхелм Четврти, кого мнозинството од делегатите го сакаат за нов цар - одбива. Тој верува дека како монарх е легитимиран единствено од Господ. Откако Фридрих Вилхелм не прифатил, за алтернатива воопшто и не се размислувало, планот не функционира без големата сила Прусија. Со тоа напорите за Устав и формирање германска национална држава речиси се пропаднати. Меѓу народот опаѓа поддршката за демократите.

Енгехаузен го поврзува неуспехот со „погрешна политичка стратегија на мнозинството во Националниото собрание”. Тој додава дека Либералите, кои го предводеле процесот, „не сакале германска република, туку национална држава врз основа на монархистички Устав и сметале дека владетелите на крај тоа и ќе го прифатат”. Но, кога тоа не се случило, „на Либералите им недостасувала алтернативна стратегија за да ги спроведат своите цели”, вели Енгенхаузен.

Фридрих Вилхелм Четврти, крал на Прусија: Тој ја гледал својата легитимност како од Бога даденаФотографија: Rust/IMAGO

Во мај 1849 година, Франкфуртскиот парламент се самораспушта. Неколку месеци подоцна сѐ уште функционираат делови од парламентот во Штутгарт, но во летото 1849 година со воена сила е задушен и последниот револуционерен отпор. На либералното и демократско движење за единство и слобода од 1848/49 година, кое започна со големи надежи, му доаѓа крајот.

 Пример за сегашниот Устав

Движењето, сепак, има долгорочно влијание. Кога во 1919 година се работи на Вајмарскиот устав, каталогот со основни права и слободи од Франкфурт служи како урнек. И творците на сегашниот германски Уставсто години подоцна цитираат од Франкфуртскиот устав.

Голем дел од Основниот закон на Сојузна Република Германија од 1949 година се навраќа на Франкфуртскиот уставФотографија: Joko/Bildagentur-online/picture alliance

Историчарот Тео Јунг вели: „Уставот од црквата Св. Павле има посебно историско значење не само како прв сегермански Устав, туку и затоа што многу од неговите конкретни одредби во 1949 година речиси неизменети се преземени во денешниот германски Устав."

Франк Енгехаузен билансира дека „уставниот поредок кој го имаме денес се развивал низ многу децении, а клучната појдовна точка на патот кон демократска правна држава треба да се бара во активностите на Националното собрание во годините 1848/49.”

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми