1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Полни 19 години во чекалната на ЕУ: можен ли е исчекор?

ДТЗ
22 март 2023

На 22 март 2004 година Северна Македонија го поднесе барањето за членство во Европската Унија. Оттогаш досега веќе 19 години, земјата е во чекалната на ЕУ, чекајќи позитивен сигнал за влез во европското семејство.

Северна Македонија ЕУ
19 години во чекалната на ЕУ: има ли надеж?Фотографија: DW/P. Stojanovski

На 22 март 2004 година Северна Македонија го поднесе барањето за членство во Европската Унија. Оттогаш досега, веќе 19 години, земјата е во чекалницата на ЕУ, очекувајќи позитивен сигнал за влез во европското семејство. 

„Јасно е и извесно дека Северна Македонија ќе стане членка на Европската Унија“, вели вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ. Со поднесувањето на барањето за членство во Унијата, во Даблин пред 19 години, тој оценува дека македонската Влада избрала европска иднина за земјата, со што и официјално го започна патувањето низ бриселските процедури до членство во ЕУ. 

Надежите на Владата се дека 2030 година ќе биде клучна година за земјата. Со реформската агенда и забрзување на процесот на преговори, Владата има цел дотогаш земјата да биде целосно подготвена за преземање на обврските од членството во ЕУ. Ваква порака испрати премиерот Димитар Ковачевски на 16. состанок на Советот за стабилизација и асоцијација што се одржа на 17 март во Скопје. 

Надежите на македонската Владата се дека 2030 година ќе биде клучна година за земјата.Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Оптимизам 

Оптимистички пораки и поддршка за следниот исчекор на Северна Македонија кон ЕУ испратија во петокот во Скопје и високиот претставик на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел и  еврокомесарот за проширување и соседска политика, Оливер Вархеји. ЕУ ја охрабри Северна Македонија да продолжи со консолидирањето на достигнувањата во истрагите, гонењето и правосилните пресуди во случаи на корупција, вклучително и на високо ниво, порачувајќи дека се потребни постојани напори за да се обезбеди независност, професионалност, транспарентност и непристрасност на судскиот систем. 

Анкетите покажуваат дека паѓа довербата во ЕУ и слаба поддршка за уставните измени. Ќе успее ли земјата да продолжи на патот кон ЕУ?Фотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Ваквите пораки ги повтори денеска и евроамбасадорот Дејвид Гир кој рече дека земјата треба да се приклучи кон ЕУ што е можно поскоро. Гир одговарајќи на новинарско прашање по потпишување на Договорот за грант од ЕУ со ЕИБ за пречистителна станица за отпадни води во Скопје, вели дека најдобриот начин за тоа да се случи е преку реформи кои треба да напредуваат брзо. 

Пристапувањето на земјата во ЕУ, а особено потребата за уставни измени како неопходен чекор кон Унијата, ќе бидат главна тема и на разговорите со министерката за надворешни работи на Германија која на 24 март треба да престојува во посета на Северна Македонија. Бербок во Скопје ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, со шефот на дипломатијата Бујар Османи, како и со други претставници на владата, опозицијата и парламентот. 

На страна на европските вредности 

Северна Македонија минатата година направи напредок и исчекор во евроинтеграциите. По 17 години кандидатски статус, на 19 јули 2022 година во Брисел ги започна преговорите за полноправно членство во Европската Унија. Започнувањето на преговорите беше означено со одржување на Првата меѓувладина конференција во Советот на ЕУ, по што започна скрининг процесот на земјата. 

Анкетите во меѓувреме покажуваат дека паѓа довербата во ЕУ и слаба поддршка за уставните измени. Ќе успее ли земјата да продолжи на патот кон ЕУ?

Маричиќ оценува дека по 18 години чекање за почеток на преговори со ЕУ и тешките и државнички одлуки, членството на Северна Македонија во ЕУ е реално и сигурно. Сега е прашање само на мудро искористување на околностите и подготвеност на земјата.

„Денес не треба да имаме дилема дали требаше или не да се поднесе апликацијата во Даблин. Стратешки ја позициониравме државата и застанавме на страната на европските вредности, мирот, стабилноста и просперитетот. Наша одговорност е како и пред 19 години сите да се обединиме околу европската перспектива и барањето за членство во ЕУ да го направиме реалност“, порача тој на социјалните мрежи. 

Владата смета дека земјата ги има сите услови, и позитивна атмосфера и политички моментум, за тоа да го направи и да ја исполни желбата на претседателот Борис Трајковски, кој својот последен потпис го стави токму на документот за членство во ЕУ. 

Лимински: Силно верувам во ЕУ-членство на Северна Македонија

01:33

This browser does not support the video element.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми