20 години по Дејтон- мир и стагнација
14 декември 2015На Обрен Петровиќ, градоначалник на Добој од 2002. година, му појде од рака нешто што за остатакот од земјата изгледа речиси невозможно и 20 години по Дејтонскиот договор кој земјата ја подели со религиозно-етничка граница. „Заедничкиот живот на различните религиозни групи во нашата зедница е одличен. Но, проблемите секогаш некако доаѓаат однадвор“, вели разочарано Петровиќ и додава: „Мојата политика, која се залага за добри односи и со нашиот мусимански дел од населението не е добредојдена, посебно не во редовите на СНСД, а на претседателот на партијата, Милорад Додик токму тоа му претставува трн в око дека сите ние тука соработуваме. И поради тоа се обидуваат да ја разнишаат рамнотежата меѓу граѓаните.“
Карстен Димел, шеф на сараевскиот огранок на Фондацијата Конрад Аденауер, претпазлив човек кој во Германската Демократска Република беше борец за човекови права, немилосрдно ја скицира ситуацијата во земјата. „Дејтонскиот договор 11 месеци по потпишувањето ја исполни својата цел и тогаш мораше, најдоцна во 12-тиот месец, да биде обновен.“ А со оглед дека тоа не се случи „тука нема визија, нема надеж, има само вечни блокади и поради тоа се’ трае предолго“, вели Димел и нагласува дека на тоа треба да се додаде и преголемата стапка на невработеност.
Слаба економија и слаба централна држава
Бројките го потврдуваат тоа. Оваа земја, која има околу 4 милиони жители, стагнира. Додуша, просечниот економски раст од 2 проценти во последните последните години на прв поглед не изгледа лошо. Но, поради структурните проблеми тоа речиси и да не се одразува на пазарот на труд. Невработеноста кај младите е над 70 насто, а меѓународните концерни како Дајмлер и РВЕ во последните години, изнервирани поради корупцијата, ги стопираа своите инвестициски проекти.
Меѓутоа, анализите на експертите се уште пожестоки кога се набљудува улогата на „централна држава“ која во БиХ секако постои- и покрај стриктната поделба на два ентитета. Со исклучок на надворешната и надворешно-трговската политика, нејзините претставници речиси и да немаат право на глас. Единствен орган со далекусежни овластувања во земјата е Уставниот суд на БиХ. Но, и неговите пресуди, како што вели Димел, во голем дел се игнорираат.
Длабоката недоверба и слабеењето на државните институции се одразуваат и на психолошката состојба на нацијата. Шемса Ахметспахиќ веќе со години работи со трауматизираните бегалци. Иако војната е официјално завршена со потпишувањето на Дејтонскиот договор, овој психолог и денес во целото босанско-хрецеговско општество гледа длабоко всадени последици.
„Како и во секоја држава која зад себе има страшна војна, забележителна е широко распространета траума кај голем дел од населението.“ Ахметспахиќ во секојдневната пракса се среќава со фактот колку многу катастрофалната економска ситуација дополнително се влошува. „Луѓето се толку несигурни и едноставно не гледаат светло на крајот на тунелот.“
До излез од кризата само заеднички
Во една земја во која државните институции поради непотизам и корупција веќе не функционираат, мора нешто да се промени. Ердин Кадуниќ од хуманитарната организација „Исламик релиф“ вели дека државата премногу се занимава самата со себе отколку да оди напред. Тој градоначалникот на Добој го гледа како исклучок и светол пример за целата земја. „Тој на некој начин вели: ’Луѓе само вака можеме и никако поинаку!’“ „Ние во БиХ не можеме да живееме во поделени светови, во еден српски, еден босански и еден хрватски свет“, вели Кадауниќ. „Постои само еден босанско-херцеговски свет. И нему му припаѓаат сите етнички групи.“
Ова е сигурно возвишена цел. Но, колку животната реалност во БиХ е уште далеку од неа, на крајот на нашиот состанок, јасно укажува градоначалникот на Добој Обрен Петровиќ : „За време на катастрофалните поплави Бања Лука во Добој постави генерален застапник, а првото нешто што тој го направи беше тоа што ја запре помошта која доаѓаше од муслиманските заедници.“