1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2015 - година на потреси за концерните

Андреас Бекер/бг29 декември 2015

Два германски концерна долго ќе ја паметат 2015 година - производителот на автомобили Фолксваген и финансискиот концерн Дојче Банк. Ниту едниот ниту другиот глобален играч нема да бидат исти по оваа година.

Фотографија: picture alliance/dpa/J. Stratenschulte D. Roland/AFP/Getty Images

„Марката Фолксваген оваа година во САД ќе игра офанзивно“, рече Мартин Виктеркорн на саемот на автомобили во Детроит во јануари 2015 година. Не можеше ниту да насети дека девет месеци подоцна токму една вест од САД ќе ја уништи неговата кариера како шеф на концернот Фолксваген и ќе го урниса угледот на најголемиот германски автопроизводител.

Винтеркон имаше глобални цели. Сакаше во 2018 да биде прв меѓу светските производители по бројот на продадени автомобили. Веќе кон средината на 2015 година Фолксваген ја оствари етапната цел, надминувајќи го најголемиот конкурент, јапонската Тојота, по бројот на продадени автомобили. На Меѓународниот саем на автомобили во Франкфурт, Винтеркорн гордо соопшти: „Нашите марки не продаваат само автомобили и техника. Тие го отелотворуваат ставот, чувството за живот и вистинските, трајни вредности“. Винтеркон уште тогаш знаеше дека за четири дена американската државна институција задолжена за заштита на животната околина и еколошки стандарди ќе објави непријатен наод, според кој, Фолксваген со помош на илегални методи манипулирал со вредностите на емисиите на јаглерод-диоксид на своите дизел-мотори. Емисијата на штетни издувни гасови била далеку поголема од дозволената, и во спротивност со американските закони. Се закануваше казна во милијарди долари. Потоа драстично падна вредноста на акциите на Фолксваген. На почетокот се говореше за манипулација на софтверот кој лажно ја прикажува емисијата на штетни гасови вграден во 500 автомобили во САД, но потоа се покажа дека се работи за 11 милиони автомобили ширум светот.

Тоа очигледно го погоди Винтеркорн. Некогашниот моќник молеше за прочка за него и за неговата фирма.

„Милиони луѓе ширум светот му веруваа на Фолксваген, на неговите автомобили и технологија. Бескрајно жалам што ја изневеривме нивната доверба. Официјално им се извинувам на нашите муштерии, на државните институции и на јавноста за нашите погрешни постапки“.

Поранешниот шеф на Фолксваген, Мартин ВинтеркорнФотографија: picture-alliance/Sven Simon

Целосно разоткривање

Но, веќе беше доцна. Два дена по изјавата, на 23 септември, Винтеркорн мораше да поднесе оставка. Шеф на концернот стана Матијас Милер, дотогашниот прв човек на Порше, фирма-ќерка на Фолксваген. Тој вети бескомпромисно расчистување на аферата. Сепак, на некои прашања сѐ уште нема одговор: кој е одговорен за манипулациите, кој знаел за тоа и од кога? Каква е работната култура во еден концерн кога шефот наводно не знае дека некој фризира милиони автомобили?

Освен тоа, вистината пребавно излегува на виделина. Наводно, прво беа погодени само автомобилите со вградени дизел мотори, а сега се зборува за манипулации и на бензиските мотори. И не се погодени само автомобилите на марката Фолксваген, туку и другите од концернот: Ауди, Сеат, Шкода и Порше. Во многу земји се отворени истражни постапки. Купувачите поднесуваат тужби во судовите, милиони автомобили мораат да бидат повлечени.

Тоа предизвика штета од милијарди евра, но загубите всушност се немерливи - се работи за оштетен имиџ. Концернот кој говори за трајни вредности одеднаш стана измамничка организација на која профитот ѝ е над законите.

Промена на културата на работење

И Дојче Банка познава вакви проблеми со имиџот. Веќе три години најголемата германска банка се обидува да спроведе „промена во културата на работење“ и да се одвои од краткорочните ризични бизниси кои ја доведоа целата бранша на работ на пропаст. Шефовите на банката замолија за трпение затоа што не е можно да се извршат промени преку ноќ, ветувајќи дека работењето на банката во иднина ќе се темели на долгорочно и одржливо создавање вредности.

Но и годинава банката се бореше со сеништата од минатото. Во април плати казна од две милијарди долари поради манипулации со каматните стапки во САД. Еден од двајцата шефови истиот месец мораше пред судот во Минхен да одговара на обвиненијата за лажно сведочење во друг процес. На обвинителната клупа се најдоа и двајца поранешни шефови на банката, како и други високи раководители.

Сите вработени во Дојче Банк ја отфрлаат својата вина. Но, снимките од судењата се отров за и онака нарушениот имиџ. Против банката ширум светот се водат илјадници судски постапки, а казните кои ги плати од 2012 година изнесуваат 12 милијарди евра. Раководството на банката се обидува да се врати на стабилен терен со т. н. „Стратегија 2020“. Инвестициското банкарство се редуцира, Поштенската банка е ставена на продажба, трговијата со суровини и т. н. банкарски деривати ќе биде укината.

Но, собранието на акционери во мај се претвори во дебакл. Сопствениците на акции не го прифатија извештајот на управниот одбор на банката. Двајцата шефови си дадоа оставки.

Новиот шеф на Дојче Банк, Џон КрајанФотографија: Getty Images/T. Lohnes

Нова скромност

Нов шеф на банката е Британецот Џон Крајан. Изгледа тој нема склоност кон живот на висока нога, бидејќи ги критикуваше високите примања на банкарите. Критички се осврна и на претходниците, оценувајќи дека во претходните децении не недостасувале стратегии и цели, но немало доследна реализација. Тоа пред сѐ се однесува на Јозеф Акерман кој во периодот од 1996 до 2012 беше на чело на банката, сакајќи од неа да направи светска финансиска империја. Сега Крајан е пред голема задача. Во третиот квартал банката имаше загуба од над 6 милијарди евра. Дивиденда во следните две години воопшто ќе нема, што не се случило уште од 50-те години на минатиот век. Бројот на вработени ширум светот ќе се намали за една четвртина. Банката сѐ повеќе се повлекува од пазарите во светот, фокусирајќи се на Европа, каде според новиот шеф Крајан, е изворот на нејзината сила. „Нашите цели можеби изгледаат помалку спектакуларно одошто во минатото, но затоа сакаме да оствариме одржлив профит“. Останува да се види дали тоа ќе биде можно да се спроведе и на дело.

Во секој случај и Фолксваген и Дојче Банк во 2015 година мораа да увидат до која мерка е важна довербата на соработниците, муштериите и акционерите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми