1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Слобода на медиумите

Помалку убиени новинари, повеќе во затвор

Мирјам Бенеке
17 декември 2019

Во годинава која изминува во светот беа убиени 49 новинари, објавија „Репортери без граници“. Ова е најмал број убиени во последните 16 години. Кои се причините?

Chile Proteste & Ausschreitungen in Valparaiso | Pressefotograf, Kameraschaden
Фотографија: Reuters/R. Garrido

Нирма Сарабија Гардуза (46) седи на тремот. Одеднаш се појавуваат маскирани мажи. Излегуваат од возилата, испукуваат неколку куршуми и бегаат. Новинарката почина на лице место. Гардуза е само една од десетте новинарки и новинари кои годинава беа убиени во Мексико. Пишуваше за корупцијата и насилството во сојузната држава Табаско на југоистокот на земјата.

57 новинари киднапирани, 389 затворени

Мексико и во 2019 година, заедно со Сирија, Авганистан, Сомалија и Пакистан, е меѓу најопасните држави за новинарите. Тоа може да се заклучи од годинешниот извештај за слободата на медиумите кои го објавија „Репортери без граници“. Сепак, добрата вест гласи: во годината која изминува забележително опадна бројот на убиени новинари во светот. Во минатата година беа убиени 87 професионални новинари, граѓани-новинари (аматери) и медиумски соработници. Годинава, до почетокот на декември, убиени се 49. Ова е најмал број во последините 16 години. Особено опадна бројот на новинари кои страдаа во воени и кризни региони.

Помалку воени репортери на терен

„За тоа постојат разни причини и не се сите само позитивни“, вели Јулијане Метју, портпаролка на „Репортери брз граници“. Од една страна има многу помалку странски репортери кои известуваат од воените и кризните региони. За првпат ниту еден новинар не е убиен за време на извршување на задачите во странство - сите настрадаа „на домашен терен“. Исто така, многу репортери денес се подобро обучени и опремени за ангажман во воените подрачја. Тоа особено важи за Блискиот Исток. Метју вели дека, на пример, авганистанските новинари целно избегнуваат групи луѓе и подолги патувања, за да го намалат ризикот од можен напад. 

Повеќе на темата:

-Репортери без граници: И покрај скокот, Македонија е меѓу последните во регионот

-„Репортери без граници“: Новинарите под притисок ширум светот

-Медиумите во канџите на автократите

 

Во Јемен бројот на смртни случаи исто така значително опадна - од 10 во 2018, на 2 во 2019 година. „Причина за тоа е и фактот дека многу новинари ја променија професијата поради нестабилните ситуации“, нагласува Јулијане Метју. Еден поранешен репортер на весникот „Ал Тавра“ сега, според наводите на „Репортери без граници“, работи како келнер во главниот град Јемен. А еден некогашен новинар од весникот „Акбар ал Јум“ сега продава сладолед.

Бројот на смртни случаи опадна, но затоа расте бројот на затворени новинари. Во светот, на почетокот на декември годинава, 389 новинари се наоѓаат зад решетки - поради својата работа. Тоа е околу 12 отсто повеќе од минатата година. Најголемиот број од нив се во Кина. Таму бројката на затворени новинари во рок од една година се удвои - од 60 на 120.

Под притисок и граѓаните-новинари

Над 40 насто од овие луѓе се т.н. граѓани-новинари. Тоа се луѓе кои немаат новинарско образование, но самите истражуваат некои теми, а информациите кои ќе ги соберат ги делат јавно. Во Кина граѓаните-новинари се обидоа на интернет да објават независни информации и покрај засилената цензура. Осомничени се за „шпионажа“ и „сепаратизам“.

Најпознат е случајот на економистот Илхам Тохти. Тој се наоѓа во еден кинески затвор уште од 2014 година - поради сомнение дека „поттикнувал сепаратизам“. Тохти на својата интернет страница се залагаше за правата на Ујгурите. Во Кина припадниците на ова муслиманско малцинство се прогонувани сѐ поинтезивно.

Под поимот медиумски соработници, „Репортери без граници“ ги подразбираат сите професионални новинари, граѓани-новинари и други соработници во медиумски куќи.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми