1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2020 – година на Македонија

1 јануари 2021

Просто е, во оваа година на потврди, се потврдивме во сиот наш ужас. Пишува Ивор Мицковски.

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Во 2020 година доминираше еден непредвидлив настан, но сепак, од политички и геополитички аспект, од аспект на односите на светските сили и маките на малите земји, светот беше доста предвидлив. 2020-та, и покрај исклучителниот настан на пандемијата (нешто што во иднина најверојатно ќе стане вообичаено), без разлика колку ги револуционираше животите на луѓето, од аспект на политика и општество, од аспект на решенија и владеење, беше година на потврдување на нештата. Тоа важи за светот, а дотолку повеќе и за Македонија.

Во глобални рамки, една од првите потврди се случи уште пред пандемијата да стане замислива. Како во некоја брутална средновековна заседа, САД го убиваат иранскиот генерал Сулејмани, и точно предвидуваат дека режимот на ајатоласите е преслаб за да им возврати. Слабата реакција и репресалија на Техеран ја потврди слабоста на режимот, на кој му останува да се надева дека Бајден ќе се врати на нуклеарниот договор, и на тој начин ќе се воспостави нова рамнотежа на Блискиот Исток, кој во моментов е оставен на милост или немилост на Турците и новиот сојуз меѓу Емиратите и Израел.

Кристализација

Короната го револуционираше животот на сите, но не и односите меѓу силите. Само повеќе ги кристализираше.

Кина се потврди дека има сериозен проблем со својата мека моќ, дека не е во состојба да го контролира или диригира наративот околу потеклото на вирусот, ниту да се испере од одговорноста. Нејзините подоцнежни напори со хуманитарна и медицинска помош до многу земји, не им донесе никакви поени, ниту некаква популарност. За Америка и за Европа, Пекинг се потврди како опортунистичка и дестабилизирачка сила кон Западот, Европа и Балканот.

Оваа година се потврди и американско-кинескиот конфликт, дуелот кој ќе доминира низ овој век, нешто што прераснува во автентична Студена војна, но што не почна во оваа 2020 година. САД ќе продолжи да го блокира технолошкиот напредок и продор на Пекинг, па и после Трамп, Западот ќе биде затворен за Кина. Бајден веќе и' испрати порака на Европа да не брза околу договорот за инвестиции помеѓу ЕУ и Кина, и дека очекува Вашингтон да биде претходно консултиран околу слични прашања. Постигнувањето на договорот на само неколку недели пред инаугурацијата на Бајден, ризикува да ги почне на погрешна нога односите меѓу Брисел и Вашингтон, а особено односите со Берлин.

Германија се потврди како врвна и најголема европска сила, којашто поради економскиот удар од коронавирусот, што поради латентното, но растечко непријателство од страна на Америка, направи коперникански пресврт и квалитативно се издигна до нови висини. Ангела Меркел ја отфрли улогата на штедлив сметководител, прифати и ги натера останатите ЕУ членки да прифатат заедничко задолжување (де факто гарантирано од Берлин) само со цел да ја спаси Европа, а особено Италија од економски и финансиски крах. Заедно со Планот за закрепнување на ЕУ, успешно спроведениот Брегзит, Германија ја откри својата стратешка страна и моќ, која долго беше ползечка или подземна. Берлин, поради извозната ориентација на својата економија, останува да соработува со Кина и Русија, потврдувајќи ги сомнежите и нервозите на Вашингтон, кој би сакал да го врати Берлин во својата орбита и под своја целосна контрола.

Војните низ светот, судирите како оние во Сирија, во Либија, во Кавказот, се потврди дека не се решаваат ни во Сирија, ни во Либија, ни во Кавказот. Со целосната турско-руска доминација на светските жаришта судбината на завојуваните страни и земји се одлучува во Анкара или Москва, ако воопшто можеме да кажеме дека нешто се решава. Турција особено се потврдува како агресивна сила која го искористува вакуумот оставен од САД и која талкајќи по своите неоотоманистички илузии се надева дека преку слава и гордост ќе го отргне погледот на народот од растечката економска криза и нарушените права и слободи.

Британија го потврди својот политички делириум и резултатот од референдумот во 2016-та година, излегувајќи конечно од ЕУ, чекор што скапо го плати и кој допрва ќе го плаќа. Но, вистинските проблеми за Лондон не се само економски, тие се пред се' политички. Шкотска врие во себе и прашање е на време кога повторно ќе се одлучи за чекор кон независност. Веќе сите нивни избори наликуваат на референдум за отцепување од Лондон. Островот Ирска се' повеќе се отцепува од Велика Британија и денес веќе де факто постои граница помеѓу Белфаст и Лондон, засега само царинска. Глобалните амбиции на Британија и нејзината Англосфера најверојатно ќе се потврдат како скапи илузии, кои не само што ќе ја ослабнат економски, туку и ќе ја загрозат нејзината унитарност.

Изборите фарса во Белорусија го потврдија Лукашенко како претседател на Белорусија, но силните протести и резилиентноста на народот звучат како неизбежен крај за „последниот европски диктатор. Чуван од својот патрон Путин, Лукашенко постои само затоа што Москва не може да си дозволи да изгуби уште еден сателит на својата западна страна. Но, годините течат и без оглед на наместените избори или владеењето со челична тупаница, крајот на овие два актери повеќе не делува така далечен.

Тензиите во и околу Етиопија, што поради етничкото отцепување на северот, што поради судирот со Судан и Египет околу водите на Нил, потврдија дека Нобеловата награда не може да ги реши домашните проблеми и етничките тензии. Истото важи и за нобеловите кандидати и наградите од Европа, кои додека ги слават (по)омилените властодшци, не ги решаваат проблемите и маките на луѓето.

Наша година

Оттука гледате дека светот и односите добија силни потврди дури и во една вака невообичаена година. Затоа ќе ме разберете кога ќе кажам дека 2020 беше година на Македонија.

Да, вечните критичари и хистеричари пробуваат секојдневно да ве убедат во спротивното, но не се лажете, оваа година беше наша година.

Од проста причина, секоја земја како да осети што значи да си дел и да живееш во Македонија. Затоа што Македонија живее со постојан хендикеп, децениски, да не навлагаме подлабоко во историјата.

Пандемијата дојде како траума за светот, за Македонија дојде како дел од вообичаениот хаос. По малку апсурдно, но светот се доближи до нашата немоќ, се почувствува малку поситен и помал пред проблемите. Македонија се потврди во својата непроменливост и наклонетост кон автолезионизам. И гледате, пандемија или не, ние одлично пливаме, тераме исто како и секогаш, и во маката не ги откриваме, ниту пак ги признаваме нашите системски проблеми.

Не ме сфаќајте погрешно, нема простор за смешки или сарказам со преку 2000 починати од корона кај нас. Но, пречекувањето на пандемијата во услови на девастирано здравство, неспособни кадри и политичари, и како општество кое генерално пати од секакви болести, загаденост и нездрав живот, ние многу лесно си ги прифативме жртвите.

Имавме и избори, и актуелните властодршци, за тесно и со гадни компромиси, сепак и понатаму владеат. Што кажува, дека никому не замеруваме, ниту бараме одговорност, ниту пак сметаме дека треба да казнуваме за раководењето со пандемијата. За волја на вистината немаме ни кому друг да се довериме или потпреме како алтернатива, нашата опозиција/ии се ирелевантни. Не е ситуацијата ниту да се потсмеваме со економските маки на голем број наши граѓани, за мизеријата и сиромаштијата која само се влоши оваа година.

Но, што кажуваат некои од анкетите?! Пример, една кажува дека Македонците биле ниту среќни ниту несреќни. Како може нешто да разочара или да вивне до ѕвезди од среќа, народ кој е толку, по средна мера, апатичен и незаинтересиран?

Една друга, политичка анкета, вели дека владејачката и опозициската партија ги дели некој промил во рејтингот. Замислете, овие што беа ослободителите, нашите херои, што требаше да ги средат работите, се рамо до рамо во рејтинг со најслабото ВМРО во историјата на Македонија, кое притоа помина неказнето за злоделата, ниту пак народот се' уште им ги има заборавено. Средната оценка за власта била 2,46, и владиниот ПР веднаш заокружи на 3, како добра оценка. Мене ме учеа дека за да заокружиме на просек 3, треба барем вредноста да е над 2,5. Анкетата вели и дека една очајна квази трета опција растела.

Значи сепак има нешто борбено во нас! Се шегувам, нема ништо во нас, а фактот дека партиите постојано тонат во консензусот, е дотолку полош за нас граѓаните, затоа што нив им се доволни партиските машини и гласачи, не ги интересира големото парче од општеството кое нема намера за никого да гласа, или очајно бара трета опција која нема да ја добие.

Други колумни од авторот:

Merry Brexmas!

Европа ги спаси парите, но го загуби образот

Македонија на крстопат

Има и трета анкета која вели дека над 50 проценти од нашата популација нема намера да се вакцинира. Што да каже човек пред овој податок кога знаеме дека со новите варијанти на вирусот, ако претходно беше потребно да се вакцинира 60-70 проценти од популацијата, сега е потребно да се вакцинира 90%, за да имаме некакви шанси да излеземе од пеколов на ковидот. Нашите власти, кои притоа немаат обезбедено се' уште вакцини, и нудат трагикомични оправдувања, единствено сфатија дека ќе требало кампања за убедување на луѓето.

Како и да е, ова беше наша година. Светот се мачеше со пандемија, ние се мачевме со нашите евроинтеграции и со историјата, со нашиот сосед Бугарија, со нашиот премиер кој беше нивен гласноговорник и кој сите не' понижи, додека не сфати колку забегал, па ја промени плочата за 180 степени.

Нам во оваа година ни дојдоа за наплата сите напластени и наталожени лаги на една Влада - од добиен датум, до немање проблем со Бугарија, од правда и живот за сите, преку ветувања за борба со криминалот и корупцијата, дека криминалното ДУИ ќе заврши на буниште, подобрување на екологијата и загадувањето, крај на партизацијата и клиентелизмот, и што не друго, кој да ги наброи сите разочарани ветувања. И зборуваме за ветувања во однос на режимот, во однос на таа споредба.

Ништо од тоа, ние продолживме по старото, само што сега тоа е новото, и се' е нормализирано и како такво прифатено. Оттука, оваа година, настрана пандемијата, која ги издаде сите лаги и лажни ветувања на нашите власти, сепак е наша година, година на нашата потврда.

Промени

Затоа мојата желба за оваа 2021 година, е конечно да излеземе од нашата општествено-политичка комфор зона, да престанеме да се потврдуваме низ маките и самоизмачувањето.

Да си дозволиме едно вистинско разбранување, една интересна година на промени, а не само диригиран статус кво. Но, еве и додека посакувам се' најубаво, ме обзема разочараноста. Мислам дека и во оваа 2021 година ќе си се потврдиме.

На сила слушање на сите тие бомби, денешните властодршци, кои селективно ги објавуваа, научија се' за системот на режимот. И тие го подобрија, не како насилен режим, туку како квази демократски и криминоген систем кој го продолжува, низ одредена софистицираност, истото поведение, истите начини, форми, инструменти на криминално владеење. И ќе нагласам, без отворената насилност која им претходеше, затоа што сега не им треба, а може и ќе им затреба, но засега имаат друга состојба и димензија како истото да го спроведуваат без тие средства на општа насилна присилба.

Засега нештата се' уште врват со поткуп, криминал, рекет, корупција, клиентелизам и партизација како мирнодопско надоврзување и нова варијанта на режимските пракси. Заев и друштвото, само го преземаа книжулето на тие пред нив, и си продолжија буквално да го спроведуваат запишаното. Просто е, во оваа година на потврди, се потврдивме во сиот наш ужас. Евентуално на сите ќе им се потврди, дека нашиот Спасител е само уште еден арамија, дека нашата Света крава произведува расипано млеко.

Среќни празници, многу здравје и нека оваа 2021 биде интересна година. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми