1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МиграцијаГлобално

2023 - најсмртоносна година за мигрантите во светот

СН/дв | агенции
7 март 2024

Во минатата година, според податоците на ОН, загинале најмногу луѓе во бегство од почетокот на бележењето на бројките во 2014 година. Најголем дел од нив се удавиле на поморските мигрантски маршрути.

Миграцијата по поморски пат е најсмртоносна, покажуваат податоците на ИОМ
Миграцијата по поморски пат е најсмртоносна, покажуваат податоците на ИОМФотографија: Candida Lobes/Ärzte ohne Grenzen/dpa/picture alliance

Најмалку 8.565 мигранти загинале во светот во 2023 година, објави Меѓународната организација за миграција (ИОМ) во Женева. Претходниот рекорден број е регистриран во 2016 година, кога при бегство загинале 8.084 луѓе. Според агенцијата на ОН , бројот на загинати меѓу мигрантите во минатата година се зголемил за 20 отсто  во споредба со 2022 година.

Стотици илјади луѓе бараат ризични патишта за бегство секоја година, бидејќи нема безбедни и легални маршрути за миграција . Малку повеќе од половина од смртните случаи меѓу мигрантите се поради давење, девет проценти се предизвикани од сообраќајни несреќи и седум проценти се предизвикани од акти на насилство, се вели во извештајот. 

Најсмртоносниот пат за бегство и натаму е преминувањето преку Средоземното Море: тука се регистрирани најмалку 3.129 мртви и исчезнати лица. Меѓутоа,  повеќе документирани смртни случаи на оваа бегалска маршрута имаше секоја година од 2014 до 2017. Во 2024 година, ИОМ веќе има регистрирано 254 смртни случаи во Медитеранот .

Високи бројки на загинати во Азија и Африка

Во регионална смисла, најголем број загинати мигранти во минатата година се во Азија -  2.138, а потоа следува Африка со 1.866 смртни случаи. Патеките низ пустината Сахара и поморскиот пат до Канарските Острови се покажаа како особено опасни во Африка. Стотици Авганистанци и бегалци од народот Рохинга загинаа во Азија. 

ИОМ нагласи дека реалните бројки на загинати мигранти, според проценките, се значително поголеми. Во извештајот се регистрирани само проверените случаи. На пример, ако брод за криумчарење луѓе тргне од брегот ноќе и не пристигне никаде, смртните случаи остануваат неоткриени. Исто така, тешко е да се документираат смртни случаи во опасниот коридор од џунглата меѓу Колумбија и Панама, низ кој минуваат многу мигранти од Јужна Америка.

Нов живот за Авганистанецот кој побегна од Кабул

02:19

This browser does not support the video element.

„Секој случај е трагедија“

Заменик-директорот на ИОМ, Угочи Даниелс, зборуваше за „шокантни бројки“. Секој поединечен случај е трагедија која ги оптоварува семејствата со децении. Светската заедница мора да стори повеќе за да се осигура дека е можна „безбедна миграција за сите“. Мора да биде можно луѓето „да не мораат да ги ризикуваат сопствените животи во потрага по подобар живот“.

ИОМ во рамките на  својот проект „Исчезнати мигранти“, чие седиште е во Берлин, агенцијата на ОН од 2014 година наваму ги регистрира луѓето кои умреле или исчезнале додека биле во бегство. Оттогаш е документирана смртта на речиси 63.900 мигранти. Половина од нив се удавиле при бегството по поморски маршрути.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми