1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

2024: Работите ќе се влошат пред да се подобрат

27 декември 2023

Не треба да се надеваме на некаква брза стабилизација во 2024. Не сме ја достигнале нашата општествена катарза, ниту во политичка ниту во граѓанска смисла. Пишува Петар Арсовски.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Македонија отсекогаш била клучен мост помеѓу Истокот и Западот. Најдобар пример за тоа се нашите новогодишни трпези: можеби единствено таму, во нашата колективна меморија, има нераскинлива врска помеѓу руската салата и кока-колата, кои симболично, но и гастрономски, се поврзуваат преку домашните кифлички од мама или баба.  И додека некој во моментов се мисли дали на трпеза ќе стави сарми или месо, некој за двете, некој најверојатно за ниедно, од Министерството за здравство не' предупредија пушачите да му ја мислат во 2024.  Добро е – за останатото, значи, може да се опуштиме. Оние кои не можат или не знаат да се опуштат, вие сте во право – најчесто во Македонија, па и на Балканот, песимистите секогаш во право. 

Како и секогаш, ова е период на ретроспектива, на таканаречени „новогодишни одлуки“, и за резиме на очекувањата од наредната година.  Некој сега по стоти пат се зарекува дека нема да пуши, јас дека ќе ослабнам, некој дека идната година ќе почне да вежба (и јас) , ќе се стави во ред (пак јас), и слично.  Сите прават салдо од минатото и проекции за иднината, само нашиве политички елити како да пловат по инерција – таму никој не се потресува околу создавање некаков реален план за новата година. Веќе длабоко влезени во предизборна оптика, тие се фокусирани кој кому повеќе нечистотиите ќе му „залепи“, додека граѓаните, заборавени во жарот на меѓупартискиот натпревар во „тропљук“, чекаат да им помине политичкиот пубертет, па можеби, откако ќе созреат, ќе остане нешто памет и за нас.

Длабоките поделби ќе останат

Шегата на страна, во политичка смисла, мислам дека не треба да бидеме големи оптимисти за 2024.  Длабоките поделби помеѓу политичките групации ќе останат, без оглед дали ќе се формализираат во блокови или предизборни коалиции. Таквата шизма, најнапред помеѓу етничките Македонци, околу тоа како да ја придвижиме државата напред, па потоа и со Албанците, особено околу оската за евроинтеграции, мислам дека ќе ја остават државата во еден нестабилен, немирен политички амбиент и во наредниот период.  Изборите ќе дојдат и ќе си заминат, можеби ќе има промена на власта, можеби не, но едно нешто е сигурно: проблемите ќе останат и нема да заминат.  Токму тоа е причината за продолжената нестабилност – мислам дека голем дел од електоратот очекува некаков пробив (или барем расчистување на политичката магла) околу перспективите на државата, но не сум сигурен дека такво нешто е возможно во брзо време.

Македонските политички елити веќе се длабоко навлезени во предизборната оптикаФотографија: Petr Stojanovski/DW

Имено, нашата држава, не само по прашање на ЕУ, туку и по домашната агенда: владеење на право и судски реформи, економскиот статус-кво поврзан со беспоштедното државно трошење на социјален мир, суштински реформи на јавната администрација и начинот како државата ги испорачува (или не) услугите кон граѓаните, реформи во здравството, квалитетот на образованието, но и на други прашања, е заглавена во ситен партиски популизам, а неопходен и е национален консензус.  Суштински напредок по овие прашања е невозможен без широка политичка поддршка, зашто голем дел од овие реформи се непопуларни и релативно болни, па така, ниту една партија нема да сака сама да ја плати политичката цена за истите.  Ако не успееме да изградиме некаков заеднички план, пристап, или стратегија, ние сме осудени секој министер, а особено секоја нова влада, да ги поништува и рестартира по свое овие реформи, што значи да се вртиме во круг наредните 20 години. Затоа, без заеднички дијалог и согласност, ниту еден од овие проблеми не може суштински да се реши.  А токму заедничкиот план во моментов изгледа невозможен, од повеќе причини.

Општествена катарза- предуслов за напредок

Прво, домашната нестабилност ќе продолжи, па со тоа, пробивот ќе остане тешко изводлив.  По се изгледа, составот на наредниот парламент ќе биде исто така расцепкан како и овој, што по дефиниција значи коалициска (од повеќе партнери) влада, релативно нестабилен парламент, и политички амбиент кој не е баш податлив за крупни одлуки или некаков натпартиски консензус по кое  било прашање. Второ, очигледно е дека уставните измени, односно целиот пакет за продолжување на преговорите со ЕУ, како најважен генерациски проект за суштински промени во државата, ќе остане непроменет, и илузиите дека за нас ќе има различни или специјални услови за продолжување на тој пат, брзо ќе ја отрезнат македонската политичка сцена.  По тоа прашање, нема да има отстапки, што автоматски значи дека следната влада ќе се соочи со тој жежок костен, во првиот момент откако ќе се сместат на можните фотељи во Собранието и на Илинденска.  Имајќи предвид дека во моментов таа равенка како да нема едноставно решение, и на тоа поле ќе останеме релативно заглавени, или ќе платиме висока цена, во следниот период.  Трето, самите домашни реформи, кои се тешки и непопуларни, ќе изискуваат релативно висока политичка цена.  Без таа цена, ситуацијата ќе се влошува, со таа цена, партијата на власт ќе си го намали рејтингот – погодете кое ќе се случи.

Затоа, мислам дека не треба да се надеваме на некаква брза стабилизација во 2024. Не сме ја достигнале нашата општествена катарза, ниту во политичка ниту во граѓанска смисла.  Таа, како предуслов за напредок, ќе не дочека во скоро време, што значи, работите ќе се влошат пред да се подобрат.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми