21 година Рамковен договор
13 август 2022Клучните придобивки од Рамковниот договор беа зачувување на суверенитетот и на територијалниот интегритет, како и унитарниот карактер на државата, оценува македонскиот претседател Стево Пендаровски по повод 21-годишнината од потпишувањето на договорот во Охрид. Според Пендаровски, со договорот „се поставија и темелите за уставни и законодавни измени со кои се гарантираат правата на помалубројните етнички заедници“:
„Во изминатите 21 година, меѓу другото и преку имплементација на Рамковниот договор, станавме членка на НАТО, а, добивме статус на кандидат и ги отворивме преговорите со Европската Унија. Во тој процес изградивме модел на функционална мултиетничка демократија која ги зачува мирот и стабилноста и постави највисоки стандарди за правата на заедниците. Денес, кога сведочиме на војна на европско тло и кога живееме под притисокот на старите и новите безбедносни закани мораме секогаш пред очи да го имаме еден од основните принципи на Рамковниот договор со кој употребата на насилство заради постигнување на политички цели се отфрла целосно и безусловно, затоа што само политички решенија и дијалог можат да гарантираат стабилна и демократска иднина.“
Претседателот Пендаровски бара сите напори во иднина да се насочат кон „многу посилен економски развој, квалитетно образование и здравство, и здрава животна средина, во која ќе постојат сите претпоставки за секој наш граѓанин да ги реализира своите амбиции и потенцијали“.
Одбележувањето на годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор започна во Маврово со доделување на сертификати за учесниците на Школата за млади лидери „Peace Forum Dialogue“ од страна на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби. Во обраќањето на свеченоста Груби посочи дека придобивките од Охридскиот договор се видливи во концептот еднакво општество за сите.
- повеќе: Фрчкоски: Охридскиот договор е успешен, а сѐ уште „неразбран“
Охридскиот рамковен договор беше потпишан на 13 август 2001 година, во претседателската резиденција на Водно, во Скопје, од страна на тогашниот претседател на државата Борис Трајковски, тогашниот премиер и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Љубчо Георгиевски, како и тогашните лидери на СДСМ, Бранко Црвенковски, на ПДП, Имер Имери и на ДПА, Арбен Џафери. Свои потписи на договорот ставија и специјалните претставници на ЕУ и на САД, Франсоа Леотар и Џејмс Пердју.