Случај Капитол: Изречена највисоката затворска казна
СН/агенции
6 септември 2023
Според судот, поранешниот водач на екстремно десничарската американска милиција „Горди момчиња“ го оркестрирал нападот на Капитол во 2021 година. Енрике Тарио ја доби највисоката затворска казна во случајот досега.
Реклама
Поранешниот лидер на американската екстремно десничарска група „Горди момчиња“, Енрике Тарио, е осуден на 22 години затвор, најтешката казна изречена за нападот на Капитол.
Минатата недела четворица членови на „Горди момчиња“, кои во мај беа прогласени за виновни како и Енрике Тарио, беа осудени на затворски казни од 10 до 18 години.
Досега најтешката казна за напад, 18 години, ја има добиено Стјуарт Роудс, основачот на екстремно десничарската група „Чувари на заклетвата“.
На 6 јануари 2021 година, околу двесте членови на „Горди момчиња“ го нападнаа Капитол, седиштето на Конгресот на САД, со цел да се обидат насилно да ја спречат потврдата за изборната победа на демократот Џо Бајден над тогашниот претседател Доналд Трамп.
Како течеше упадот на поддржувачите на Трамп во Капитол
Доналд Трамп, сѐуште актуелен претседател, долго ги подбуцнуваше своите најверни симпатизери. Последица: некои од нив на 6.01.2021 упаднаа во срцето на американската демократија.
Фотографија: Leah Millis/REUTERS
Создавање набој
Бројот на фанатични поддржувачи на Трмап пред Конгресот во САД растеше преку цел ден. Во почетокот, полицијата успеваше да одржува ред.
Фотографија: Olivier Douliery/AFP/Getty Images
Први судири
Паралелно со заедничката седница на двата дома на Конгресот, Сенатот и Претставничкиот дом, на која требаше официјално да биде потврдена победата на Џо Бајден на претседателските избори, пред Капитол се собираа приврзеници на поразениот претседател Доналд Трамп. Дојде до први судири со полицајците кои требаше да го обезбедуваат Конгресот.
Фотографија: Stephanie Keith/REUTERS
Преслаб кордон
Сѐ поразјарената толпа сакаше да продре во Капитол. Полицајците се обидуваа да ги спречат. На некои агресивни поддржувачи на Трамп им успеа да влезат во зградата.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Упад во Капитол
Дел од демонстрантрантите успеаја да продрат длабоко во зградата, дури до вратите на Сенатот.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Одбрана на последниот бастион
Обезбедувањето се обидуваше да ги држи во „шах“ насилниците во влезната хала. Политичарите во Сенатот низ задна врата беа изведени на безбедно место.
Фотографија: Manuel Balce Ceneta/AP Photo/picture alliance
Еден се проби
Во меѓувреме, еден од приврзениците на Трамп успешно се проби покрај полицајците и упадна во Сенатот. Од трибината за посетители тој скокна во пленарната сала.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Со пиштоли спремни за пукање
Истите слики се повторуваа во другите крила на Капитол. И Претставничкиот дом беше цел на натрапниците. Припадниците на обезбедувањето на Конгресот ги запираа - со вперени пиштоли.
Фотографија: J. Scott Applewhite/AP Photo/picture alliance
Непријателско преземање?
Симпатизерите на Трамп навлегуваа сѐ подлабоко во зградата, сѐ до ходниците со канцелариите на Конгресот. Таму некои се распослаа на работните маси на пратениците.
Фотографија: Saul Loeb/AFP/Getty Images
Надвор од контрола
Еден од натрапниците го „присвои“ и пултот за говор на претседателката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси и со него се шеташе низ Капитол. Никој не го запре.
Фотографија: Win McNamee/Getty Images
Во засолниште
Пленарните сали беа евакуирани. Некои побараа засолниште во галеријата на Претставничкиот дом. Репортерите сведочеа дека биле поделени гас-маски, како заштита од солзавец.
Фотографија: Andrew Harnik/AP Photo/picture alliance
Солзавец врз Конгресот
На силите на безбедноста не им остана ништо друго освен да ја растурат разулавената толпа, употребувајќи солзавец.
Фотографија: Andrew Caballero-Reynolds/AFP/Getty Images
Засилувањето го оконча хаосот во Капитол
Полициските сили добија засилување, Националната гарда поита во помош, а градоначалничката на Вашингтон воведе полициски час до раните утрински часови. Така во Вашингтон ноќта полека се врати мирот.
Фотографија: Spencer Platt/Getty Images
12 фотографии1 | 12
Тој ден, рече судијата Тимоти Кели, „ја избриша традицијата на мирен пренос на власта“.
За разлика од останатите четворица, Тарио, за кого обвинителството бараше 33 години затвор, тој ден не бил во Вашингтон, но судијата оценил дека „Тарио бил главниот иницијатор за заговорот“.
На судијата, се чини, не влијаеше каењето на обвинетиот, чиј глас повремено го задушуваше липање и кој 6 јануари 2021 година го оцени како „страшен ден“ и бараше „милост“, како што тоа пред него го направија неговата сестра, свршеница и мајка.
Обвинителот Конор Мулро бараше построга казна за Тарио отколку што добија другите, додека неговите адвокати тврдеа дека нивниот клиент не учествувал во нападите бидејќи тој ден не бил во Вашингтон. Судијата, меѓутоа, оцени дека благодарение на ова можел да се „огради“ од нападот на Капитол.
„Отсуството на Тари не ја намалува тежината на неговите постапки бидејќи тој беше повеќе генерал отколку обичен војник“, тврдеше обвинителството.
По нападот на Капитол во јануари 2021 година, повеќе од 1.100 луѓе беа уапсени и обвинети. Повеќе од половината беа осудени, главно на тешки затворски казни.