1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

25 години Амазон: Како натаму?

Томас Колман
16 јули 2020

Пред 25 години Амазон ја продаде првата книга преку интернет. Она што започна со неколкумина вработени како мал бизнис, прерасна во концерн со кој денес се занимаваат антимонополските власти во САД и во Европската унија.

Amazon Konzern  Jeff Bezos
Фотографија: Getty Images/D.Ryder

На 27 јули е шоутајм во Вашингтон: тогаш првиот човек на Амазон, Џеф Безос, ќе мора под заклетва да одговара пред комисијата на Конгресот на непријатни прашања, две ипол децении откако ја продаде првата книга преку платформата. Исто како и тој, пред Конгресот во следните недели ќе мора да одговараат и шефовите на Фејсбук, Епл и Гугл. Но, за разлика од Тим Кук на Епл, основачот на Фејсбук, Марк Закерберг и директорот на Гугл, Сундар Пичаи, за Џеф Безос ова е прво сослушување. 

Се работи за начинот на кој концернот за интернет трговија прави бизнис и за тоа дали трговците кои ја користат платформата Амазон, добиваат фер третман. Мала е веројатноста дека членовите на комисијата ќе го третираат Безос со „свилени ракавици".

Во интервју за телевизијата Блумберг републиканскиот конгресмен Кенет Бак покажа во кој правец ќе оди сослушувањето.

„Мислам дека серија членови на комисијата сакаат да знаат повеќе за монополското работење што го гледаме кога ќе фрлиме поглед на производите и услугите на овие компании”, изјави 61-годишниот правник и поранешен обвинител од Колорадо. 

Се работи за податоците што ги собира концернот на Безос кога други компании продаваат производи на платформата, како и за тоа на кој начин Амазон и сличните спречуваат конкуренција отежнувајќи им го животот на конкурентите со своите милијарди, или со тоа што едноставно ги купуваат и нив.

Притоа многу од она што се практикува воопшто и не е противправно, признава Кенет Бак. Но, тоа не значи дека законодавецот таквата пракса ќе ја толерира и во иднина.

Повеќе:

25 години Амазон : од онлајн книжарница до моќен концерн

Амазон го истурка Гугл од светскиот трон

„Форбс“: Безос е уште побогат

Лагите на Алекса – зошто го сакаме нашиот шпион?

Со Демократите биле сложни дека мора да се реформира антимонополското право, доколку е можно веќе следната година. „Антимонополските закони беа донесени во сосема друго бизнис опкружување на почетокот на 20 век за да се разбијат тогашните монополи. Потоа пред извесно време беа преработени, за да ги регулираат големите телекомуникациски компании. Но, законите никогаш не биле адаптирани за новите технолошки концерни и платформи какви што ги имаме денес.” 

Тоа што законодавецот по секоја цена сака да го спречи, вели Бак, е неколку гиганти од областа на високата технологија да доминираат сѐ и со тоа да спречуваат конкуренција и иновација.

Од банкарски инвеститор до златниот рудник интернет

Пред 25 години сѐ почнало со малку. Кон средината на 90-те години Џеф Безос уште работел како банкарски инвеститор во Њујорк. Дипломираниот информатичар и економист рано препознал каков потенцијал се крие во интернет трговијата. Во тоа време немало ниту паметни телефони, ниту безжичен интернет. Потребни биле аналогни модеми за преку телефонски број и телефонската мрежа да се закачиш на интернетот. 

За време на воспоставувањето на врската модемот свири и шушка. Врската е толку бавна што често се потребни минути додека да се отвори една единствена страница. Ако воопшто и се отвори - и потоа паѓа врската.

„На една страница ја најдов информацијата дека интернетот ќе расте со стапка од 2300 проценти годишно", раскажува Безос во едно од ретките интервјуа. Тогаш 30 годишниот работи во 1994 за њујоршки фонд за кој бара опции за инвестирање со голема добивка. „Претставата да основам онлајн книжарница тотално ме обзеде”, се потсетува Безос.

Излети во вселената за 200 илјади долари

01:24

This browser does not support the video element.

Измислувањето на бизнисот со платформи

Безос мошне рано сфатил дека „таму надвор има рудник за злато во интернет комерцијата”, се потсетува Џејмс Маркус кој во 1996 година бил ангажиран од страна на Безос за да пишува рецензии на книги. Уште тогаш целта му била да нуди сѐ што може да се испрати во пакет, вели Маркус. „Брендовите се како цемент кој брзо се суши, не сакаме вечно да нѐ гледаат само како онлајн продавачи на книги”, аргументирал Безос. 

Сеќавањата на времето кога Амазон била толку мала компанија што неговата мејл адреса кратко и јасно била james@amazon.com , Маркус ги има преработено во сопствена книга под наслов „Амазонија: пет години во епицентарот на револуцијата за онлајн трговија”. Секако дека уште ја има во понудата на Амазон. 

"Дилер на хероин и зависници"

На основачот на Амазон уште од почеток целта не му биле само 15-те проценти што ги наплатува како провизија кога трговец преку платформата ги продава своите производи. Тој секогаш сакал сѐ поголем дел од колачот, а најдобро цел, се потсетуваат поранешни соработници во документарецот „Империјата Амазон: подемот и тајните на Џеф Безос”, кој беше емитуван во февруари годинава.

За експертот за технологија, Бред Стон, автор на биографијата на Безос „Човекот што продава сѐ”, врската меѓу Амазон и трговците кои продаваат преку платформата свои производи е налик на релацијата меѓу зависник од хероин и неговиот дилер. Секако дека за трговците е заводливо кога имаат пристап до 200 милиони клиенти само во САД (и преку 400 милиони во светот) кои ги имаат депонирано своите податоци од кредитните картички и со еден клик може да станат купувачи. 

„Уште во 2007 Безос сфатил дека само со помош на трговците Амазон ќе постигне сѐопфатна понуда и побрз раст", појаснува економистот Холгер Шмит кој со години се занимава со компаниите од т.н. „економија на платформи”. 

„Денес половина од трговскиот волумен отпаѓа на тие трговци на кои Амазон им нуди дополнителни услуги како логистика, финансии или клауд-услуги. Притоа трговците и корисниците подеднакво профитираат од ефектите на интернетот", ја опишува стратегијата на Безос за ДВ  поранешниот економски новинар кој предава во Дармштад економија на интернетот.

Но, таквите релации може да бидат и деструктивни, смета авторот Стон. „Амазон те експлоатира кога се работи за твојата маржа и потоа конкурира со тебе."

Мантрата на Амазон: да се усреќи клиентот! 

Тоа што Амазон веќе 25 години го прави толку успешен бизнис е комплетниот фокус на задоволување на клиентите, на сметка на соработниците и трговците како трета страна. Само темпото на работа во логистичките центри на Амазон, т.н. Фулфилмент центри, овозможува испорака на производот кај клиентот во рекордно време. Или на пример кога Амазон широкоградо прима вратена роба, тоа често надворешните трговци на платформата го покриваат од сопствен џеб. 

Но, и покрај тоа менувањето на правилата на игра од страна на политиката и антимонополските власти на сметка на големите високотехнолошки компании, според економистот Холгер Шмит нема смисла. „Платформите мора да добијат различен третман од класичните компании. Разбивањето на монополот би ги поткопало ефектите на вмреженоста, би нанело штета на корисникот кој профитира од иновацијата, големиот избор и ниските цени. Не познавам корисник кој има поплаки за Амазон”, нагласува Шмит. 

 

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми