1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ТероризамАфрика

Ал-Каеда е ослабена, но не е исчезната

Керстен Книп
11 септември 2026

25 години по 11-ти септември, Ал-Каеда веќе не е глобалната терористичка организација од некогаш. Нејзиното јадро е ослабено, но регионалните ограноци се силни во Африка и Азија. Стратегија е утврдување на локално ниво.

Весник на кој е прикажано пречкртаното лице на лидерот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, кратко по неговото убиство во мај 2011 година
Во мај 2011 година, најпознатото лице на Ал Каеда, Осама бин Ладен, беше убиен од страна на САДФотографија: Markus Schreiber/AP Photo/picture alliance

Абдула ал-Мухајсини веќе не мора да се грижи за американски санкции. Кон крајот на август 2026 година, Министерството за финансии на САД го тргна поранешниот џихадистички проповедник од листата која опфаќа поединци и организации чии што средства во  САД се замрзнати и со кои американските субјекти начелно не смее деловно да соработуваат. За време на граѓанската војна во Сирија, Абдула ал-Мухајсини меѓу другото служел како верски советник на фронтот Ал-Нусра (кој произлезе од Ал-Каеда), регрутирал борци и помагал во воспоставувањето на управувачка структура по теркот на Ал-Нусра. Неговото отстранување од листата е поврзано со новата политика на американската влада спрема Сирија. Вашингтон истовремено ја укина категоризацијата на Ал-Нусра, како и на Хајат Тахрир ал-Шам за терористичка организација и го отстрани ХТС од листата.  Дваесет и пет години по нападите од 11-ти септември, ова е значаен пресек на актуелната состојба.  Ал-Каеда ниту исчезна, ниту остана истаташто беше во тоа време. Нејзиното јадро е слабо, но нејзините регионални ограноци во делови од Африка и Азија се моќни. Централното раководство и регионалните ограноци сè повеќе се оддалечуваат едни од други.

Регионални ограноци

„Во суштина треба да се простиме од евроцентричната перспектива“, вели Ридигер Лолкер, експерт за исламски студии и професор. Ал-Каеда и другите џихадистички организации од секогаш имале многу посилно присуство надвор од Европа и САД, отколку што тоа се чинело од западна гледна точка.  Денес тоа особено важи за Африка,  каде во регионот Сахел се појави моќен огранок на Ал-Каеда познат како „Џамаат Наср ал-Ислам вал-Муслимин“ (заедница за поддршка на исламот и муслиманите), во Сомалија се појави Ал-Шабаб, група тесно поврзана со Ал-Каеда, а Ал-Каеда на Арапскиот полуостров има свое упориште во Јемен.

Борци на Ал-Каеда во Авганистан, 2001 година. Во раните 2000-ти години, Ал-Каеда беше на врвот на својата моќФотографија: AFP/Getty Images

И Авганистан останува безбедно засолниште за организацијата. Самата Ал-Каеда сè помалку дејствува под изворното име. Според Ларс Бергер, професор по студии за тероризам на Сојузниот универзитет за применети административни науки, тоа се должи пред сѐ на сузбивањето на тероризмот по 2001-ва година. Воените дејствија во Авганистан, како и соработката меѓу разузнавачките служби и полициските сили, значително ја ослабеа организацијата. „Така погледнато нападите од 11-ти септември беа голем стратешки неуспех за Ал-Каеда“, вели Бергер. Радикализацијата на арапскиот свет и соборувањето на тамошните режими на кои тие се надеваа, не се оствари. Околу десет години по нападите во Њујорк и Вашингтон, најпрепознатливата фигура на Ал-Каеда,  Осама бин Ладен,  беше убиен во мај 2011 година. Во периодот што следеше, Ал-Каеда се реорганизираше. „Милитантите бараа области каде што би можеле да стекнат трајно упориште, како делови од Африка или Јемен“, вели Бергер. Особено поволни се држави со слаба власт, преоптоварени безбедносни сили и нерешени локални конфликти. Тоа важи на пример за регионот Сахел, каде што џихадистичките групи успеаја да ги прошират своите засолништа. Анализата на тинк-тенк организацијата „Проект за критични закани“ го користи примерот на Нигер за да илустрира како тие и огранокот на Исламската држава во Сахел се натпреваруваат за територија, борци и ресурси. Организацијата изврши напад врз меѓународниот аеродром во Ниамеј во јуни 2026 година.

Економијата на насилството

Според Лолкер, овие успеси не можат да се објаснат само со џихадистичката идеологија, туку често се совпаѓаат со еден вид „економија на насилството“. „Насилството одамна претставува економски фактор за тероризмот“, вели тој и додава дека киднапирањата, шверцот и грабежите создаваат „економија на грабеж“ или „економија на шверц“. Постојат вистински „пазари на насилство“, па секаде каде што може да се заработат пари преку насилство, џихадистичките организации успеваат да ги придобијат луѓето за својата кауза, вели Лолкер.

Борци од милицијата Ал-Шабаб во Сомалија, поврзана со Ал-Каеда, 2022 годинаФотографија: Badri Media/dpa/picture alliance

И слабата држава игра улога. „Ако имате релативно слаба државна власт, или ако држава практично не постои, тоа се поволни услови“, вели Лолкер. Ал-Каеда е способна да опстане секаде каде што наидува на локални конфликти и вакуум во власта.

Регионален ангажман

Организацијата низ годините ја менуваше својата стратегија. Бергер забележува „стратешко поместување“ од оддалечување од непосредни напади врз „далечниот непријател“ кон воспоставување локални структури. „Сега гледаме обид за примена на алтернативен пристап и постепено напуштање на спектакуларни чинови на насилство нарачани од врвот, кон помала форма на насилство иницирано повеќе од самата база“, вели тој.  Во регионот на Сахел, ова подразбира склучување локални сојузи, стекнување влијание во заедниците и контрола врз територијата. Проектот „Критични закани“ развојот го опишува како „локална адаптација“ („локализација“). Па така опстанокот на Ал-Каеда се случува токму преку процесот на диференцијација. Организацијата ги искористува етничките и социјалните конфликти во Сахел, додека Ал-Шабаб ги експлоатира конфликтите во рамки на сомалиските кланови. Глобалната џихадистичка цел останува како идеолошка рамка, но вистинската борба се одвива на терен.

Конкуренција со „Исламска држава“

Во борбата за внимание, Ал-Каеда се соочува со конкуренција која е далеку поспремна, имено  Исламската држава. „Во основа помладите џихадисти чувствуваат поголема привлечност кон Исламската држава“, вели експертот за тероризам Бенам Хајденројтер-Саид од полициската академија во Хамбург. ИС извршила „поспектакуларни“ и медиумски поуспешни терористички напади, посочува тој и додава дека Ал-Каеда сепак калкулира на долги патеки. Хајденројтер-Саид, кој пред неколку години објави сеопфатна историја на Ал-Каеда, објаснува дека „ИС сакаше да се инсценира и што побрзо да покаже успеси за експлозивно да расте“. Но, по експанзијата на ИС уследи нејзиниот колапс додека Ал-Каеда опстојува, иако во изменети околности. За организацијата денес се поставува прашањето дали може да ја замени својата остарена генерација, што според Хајденројтер-Саид е можно, но брендот на Ал-Каеда сепак сè повеќе избледува. Милитантниот џихадизам станува помалку привлечен особено во Европа, што не значи дека  џихадистичките идеи исчезнуваат, туку Ал-Каеда само ја изгубила својата поранешна  способност да мобилизира млади луѓе  во голем број. Центарот на Ал-Каеда е слаб, но нејзините регионални ограноци не се. Особено организацијата во Сахел, групата Ал-Шабаб и на Арапскиот полуостров се способни во фрагилни држави да имаат значително влијание.

„Тенки“ со информации

Колку е фактички опасна организацијата, затоа е тешко да се утврди. Бенам Хајденројтер-Саид укажува на клучна „слепа точка“, имено дека „сите едногласно нагласуваат дека во моментов практично и да нема информации за Ал-Каеда. Едноставно не знаеме што моментално прават“. По нападите од Хамас во Израел на 7-ми октомври 2023 година, впечатливо е колку малку е видлива Ал-Каеда во големите регионални конфликти.  Хамас,  Хезболах, Хутите и Иран ја доминираат политичката и воената сцена. Дваесет и пет години по  нападите од 11- ти септември,  Ал Каеда ниту исчезна, ниту пак е истата организација што некогаш била. Таа во голема мера го изгуби местото на глобалната сцена, но за возврат научи да опстанува на локално ниво. Воопшто не е исклучено на локално ниво во слаби држави да фати чекор онолку долго, што од терористичка организација ќе се трансформира во трајна политичка и воена сила.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми