1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Пендаровски се вклучи во полемиката за 27 април

ДТЗ
30 април 2021

Претседателот не планира да даде помилување на осудените лица. Неговата изјава предизвика реакции и кај владејачката СДСМ, но и кај албанскиот опозициски блок.

Nord-Mazedonien Skopje | Staatspräsident  - Stevo Pendarovski
Фотографија: Press Office of the President of the Republic of North Macedonia

Претседателот Стево Пендаровски во телевизиско интервју синоќа ја отвори темата околу можноста за повторно судење за настаните од27 април 2017 година и упадот во Собранието. Пендаровски во интервју на телевизијата Канал 5 рече дека не мисли дека тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај. Претседателот подоцна за агенцијата МИА прецизираше дека не планира да даде помилување на осудените лица. Но, неговата изјава предизвика реакции и кај владејачката СДСМ, но и кај албанскиот опозициски блок.

Што предлага Пендаровски?

За упадот во Собранието од пред четири години, се осудени 16 лица на вкупно 211 години затвор за „терористичко загрозување на државниот поредок”. Дванаесет обвинети, меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Во тек е судски случај за организаторите на упадот од 27 април.

-повеќе на темата: Денко Малески: Не се уставобранители тие што кршеа глави и го влечеа полумртвото тело на Села

Претседателот Пендаровски синоќа го изнесе својот став дека не мисли дека тие луѓе во затвор треба да се бранат оти ја нападнале демократијата, но дека со нови докази и нови сведоци може да се бара повторно отворање на целиот случај. Тој подоцна за МИА прецизираше дека не планира да даде помилување на осудените лица.

„Јас луѓето првично ги прашував околу мене за какво кривично дело се гонат, јас знам дека такво кривично дело, мислам формулација таква, немаше на времето ниту во бивша Југославија, ниту во 1990-тите години. Тоа е подоцна прифатено. Бидејќи јас нешто знам околу тероризмот и околу безбедносните проблеми и дилеми, јас тврдам дека тие луѓе не беа терористи што влегоа“, изјави Пендаровски.

„На 27 април се случи терористичко загрозување на уставниот поредок, тоа е потврдено и со судски пресуди“, порача денеска пратеничката од СДСМ, Даниела МаркоскаФотографија: Reuters/O. Teofilovski

На прашање на МИА дали претседателот планира помилувања во врска со упадот во Собранието, од кабинетот на Пендаровски појаснуваат дека тој сугерирал дека доколку некој поседува нови докази, кои можат битно да влијаат врз исходот на постапката, потребно е да ги искористи законски гарантираните вонредни правни лекови што потенцијално може да доведе до обновување на постапката. „За да не се политизира целата постапка, секој кој евентуално поседува нови докази треба да ги приложи до судот, а не на настанот да му дава политички квалификации. Како легалист председателот Пендаровски смета дека тоа е единствениот правен пат за да се разрешат сомневањата каде што тие постојат“, велат од Кабинетот на Претседателот за МИА.

За СДСМ случајот е затворен

„На 27 април се случи терористичко загрозување на уставниот поредок, тоа е потврдено и со судски пресуди“, порача денеска пратеничката од СДСМ, Даниела Маркоска одговарајќи на новинарско прашање. „Она што се случи на 27 април беше рушење на уставниот поредок, сите бевме сведоци што се случи пред четири години, дека беше напад на домот на демократијата и за тоа си следеше судска постапка каде веќе делото е завршено и судот е оној којшто треба да одлучи дали станува збор за тероризам, насилство, а веќе има одлучено и тоа е веќе завршена процедура во судството“, рече Маркоска.

-повеќе на темата: Пресврт во судењето за „27 април“: Заев го впери прстот само кон Груевски

Мицкоски: ВМРО-ДПМНЕ не го организираше упадот во Собранието

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во неделата даде поддршка на протестот за затворените за упадот во Собранието. Тие бараат повторно отворање на случајот.

Албанската опозиција со критики

„Неприфатлива е тенденцијата на претседателот за директно вмешување во судството, дотолку повеќе што еден случај би требало да претставува предизвик за правниот систем во земјава и лекција за иднината. Неприфатливо е, претседател на една држава членка на НАТО, како пример да го зема југословенскиот правен систем“ се вели во реакцијата на Алијансата за Албанците и Алтернатива, кои се вклучија во полемиката околу изјавата на претседателот Стево Пендаровски. Според партиите од албанскиот опозициски блок, „неприфатливо е кога Претседателот станува дел од дебата за помилување на терористите од 27 април, преквалификација на делото или слични игри како тие што ги видовме кога се амнестираа еден дел од нив“. Секаква преквалификација на делото на сторителите, според нив, ќе биде сфатено како преквалификација на борбата против тогашниот режим. „Последните изјави ги зацврстуваат сомневањата на јавноста дека некои во државната и владината хиерархија продолжуваат да соработуваат и да ја подаваат раката на тој режим, кои што половина и така се дел на сегашната Влада“, наведуваат од Алијансата за Албанците и Алтернатива.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми