1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

40 конгресмени бараат прием на Македонија во НАТО

СН/ат/воа/ртцг/бета/мф11 февруари 2014

Група од 40 конгресмени на САД побарала од американската влада да се заложи Македонија и Црна Гора да станат членки на НАТО, а Косово да им се придружи на земјите-членки на програмата Партнерство за мир.

Фотографија: Getty Images

Американските конгресмени упатиле писмо до државниот секретар на САД, Џон Кери од кого бараат проширувањето на НАТО да биде приоритет за САД и Алијансата, а тој официјално да го поддржи членството на Македонија и Црна Гора уште на Самитот во Велика Британија во септември оваа година.

„Веруваме дека САД треба да продолжат со блиското партнерство со земјите-аспиранти Грузија, Македонија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, како и со останатите земји од Централна и Источна Европа што бараат поблиски односи со САД и НАТО. Конкретно, ве повикуваме да го поддржите членството на Црна Гора и Македонија на Самитот оваа година, да поттикнете натамошен напредок во примената на Акциониот план за членство (МАП) на Босна и Херцеговина, како и да се заложите да се додели МАП на Грузија“, стои во писмото потпишано од конгресмени од обете главни политички партии во САД.

Конгресмените исто така бараат Кери со сојузниците да овозможи Косово да стане член на Партнерството за мир, на патот до евентуално членство во НАТО.

Законодавците веруваат дека можноста за членство во НАТО за земјите-аспиранти ќе резултира во натамошно јакнење на демократските институции и вредности, како и дека ќе ја зајакне стабилноста и безбедноста на регионот.

Фотографија: DW/Petr Stojanowski

Воедно, тие предупредуваат дека аспирантите би можеле да се обесхрабрат во потрагата по демократски реформи и да заслабне нивната посветеност на партнерството со евро-атлантските институции, доколку не се уважат и наградат нивните, како што се наведува во писмото, значителни напори.

Тие укажуваат дека ситуацијата во Украина родила загриженост за назадување на демократијата и за можноста земјите од регионот да бидат под притисок на надворешни сили што се обидуваат да го поделат континентот и да ја поткопаат визијата за обединета, слободна Европа, што живее во мир.

Групата конгресмени заклучува дека САД и сојузниците досегнале критична точка при што е неопходна акција за да се обезбеди релевантноста и функционирањето на НАТО во иднина, за што на државниот секретар му ја нудат својата помош.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми