1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
МузикаАфрика

40 години Бенд Еид - адекватна помош?

Зилке Винш
25 ноември 2024

Хуманитарната песна „Do They Know It's Christmas“ од 1984 година беше првиот проект од ваков вид, а во различни верзии собра милионски суми за Африка. Меѓутоа, денес предизвикува и остри критики.

Бенд Еид 40-годишен  јубилеј
Ноември 1984: Боб Гелдоф ги собра суперѕвездите за хуманитарна целФотографија: Brian Aris/Band Aid/PA Wire/picture alliance

Во 1984 година африканската земја Етиопија беше погодена од суша која уништи најголем дел од посевите. Речиси осум милиони луѓе беа погодени од глад, мртвите не можеа да се добројат, проценките варираат помеѓу 500 илјади и еден милион. Сликите на изгладнети луѓе, особено деца, го обиколија светот и предизвикаа невидена подготвеност за донирање. Репортажа на Би-Би-Си без разубавување ги покажа страдањата на луѓето.

Меѓу гледачите тогаш беше и британскиот музичар Боб Гелдоф, кој веднаш реши да преземе нешто. Заедно со својот колега Миџ Јур (пејач на Ултравокс), тој формираше бенд со најголемите светски ѕвезди за да снимат песна за жртвите од гладот. Снимањето почна на 25 ноември 1984 година, а неколку дена подоцна во продажба излезе синглот „Do They Know It's Christmas", проследен со видео со сите учесници во песната. Таква соработка на најголемите ѕвезди во тоа време како Стинг, Пол Јанг, Бој Џорџ, Џорџ Мајкл, Фил Колинс, Ени Ленокс, Дуран Дуран, Шпандау балет, ЈуТу, Бананарама и многу други, дотогаш не беше видена. Синглот ги надмина очекувањата на продуцентите и стана божиќен хит број еден вомногу земји - вклучувајќи ја и Германија.

САД за Африка

Песната се најде на 13-тото место на листите во САД, од каде со чудење гледаа на хитот од Велика Британија. Ентертејнерот и мировен активист за Хари Белафонте осмисли сличен проект, сметајќи дека Африканците треба сами да ги решаваат своите проблеми, наместо да зависат од помошта на белците. Па така, Белафонте ја разработи идејата на Боб Гелдоф и ги собра Лајонел Ричи, Мајкл Џексон и Квинси Џонс како продуценти во јануари 1985 година. За само неколку дена настана песната „We Are The World", која беше испеана од најголемите американски ѕвезди во тоа време. На снимањето присуствуваше и Боб Гелдоф, кој го мотивираше ѕвездениот ансамбл потсетувајќи на ужасните услови во Етиопија. „Не сакам да ве онерасположувам, но можеби во оваа песна може да го искажете она што го чувствувате и зошто сте овде“, им порача тој тогаш. Резултатот му е познат на светот. Брус Спрингстин, Стиви Вондер, Боб Дилан, Тина Тарнер, Синди Лопер, Ал Жаро, Дијана Рос, Дајон Ворвик, Вили Нелсон и многу други суперѕвезди продонесоа за неверојатниот успех.

Голи на ветрот

Идејата на Гелдоф да се соберат супер-ѕвезди во студио за добра цел, служеше како пример и за други. На почетокот на 1985 година, германската музичка сцена го насочи погледот кон Африка со хуманитарната песна „Голи на ветрот“ - сите хитмејкери од тоа време учествуваа во неа. Херберт Гренемајер, БАП, Волф Ман, Нена, Хајнц Рудолф Кунце, Алфавил, Клаус Лаге, Удо Линденберг, Петер Мафај се меѓу учесниците, од кои многумина се вратија во студиото во 2014 година за да снимат германска верзија на „Do They Know It's Christmas" со цел да ја одбележат 30-годишнината од оригиналот.

„Дали знаат дека е Божиќ“ беше преснимувана во различни изданија неколку пати во последните четири децении, но секогаш со популарни ѕвезди од британската и ирската музичка сцена.

Контроверзи и критики

И покрај сиот ентузијазам за добротворните проекти, од самиот почеток имаше и критики, меѓу другото и за делот од лириката „Знаат ли дека е Божик?“. Критичарите наведуваат дека е апсурдно да се имплицира дека Етиопјаните, кои културолошки се вбројуваат меѓу најстарите христијани во светот, не знаат дека е Божик. Ова е понижувачко, колонијалистичко, западно-центрирано гледиште, забележуваат критичарите. Тоа сугерира дека некогаш угнетените, колонијализирани и експлоатирани популации во другите делови на светот, како што е Африка, не можеле да изградат функционално општество или економија без помош на белците.

Миџ Јур ги отфрли таквите критики и во својата автобиографија пишува дека никогаш не била најважната песната, туку она што со неа треба да се постигне. Во автобиографијата тој наведува дека се собрани повеќе од осум милиони британски фунти (што е еквивалентно на повеќе од 13 милиони евра).

Врвот на хуманитарната акција за собирање средства за Африка беше концертот „Live Aid“ во летото 1985 година, со, меѓу другите, Дејвид Боуви (л.), Пол Макартни (во средина) и Боб Гелдоф (д.)Фотографија: Joe Schaber/AP Photo/picture alliance

Критиките не стивнаа ни во текот на годините, особено во однос на верзиите од 2004 и 2014 година.

Во 2014 година Гелдоф собра нови уметници за да соберат пари за борбата против еболата. Стиховите на „Do They Know It's Christmas" беа соодветно адаптирани.

Британско-ганскиот музичар Фјуз ОДГ ја критикуваше песната, посочувајќи дека таквите проекти ги зајакнуваат негативните стереотипи за Африка, што може да го загрози економскиот развој, инвестициите и туризмот. На Инстаграм тој го изрази своето незадоволство од новата верзија на песната, нагласувајќи: „Како Африканци, не сакаме другите да ја раскажуваат нашата историја.“

Сега и Ед Ширан се дистанцира

Фјуз сега има бел сојузник. Ед Ширан се согласува со неговата аргументација и во иднина веќе не сака да го става својот потпис кога станува збор за стереотипно претставување на Африка и нејзиниот народ. Ширан пред десет години учествуваше во проектот заедно со One Direction, Анжелик Киџо, Крис Мартин (Колдплеј), Боно, Шинејд О'Конор и други ѕвезди, но веќе не сака да се појавува во новата верзија.

Тоа не е така лесно бидејќи „Дали знаат дека е Божиќ“ за 2024-та под името на проектот „Бенд Еид 40“ е веќе завршена и монтирана нумера од верзиите од последните четири децении. Да бил прашан, напиша Ширан на Инстаграм, ќе „одбиел со почит“.

Боб Гелдоф, пак, е неуморен во одбрана на песната и идејата зад неа. Тој за тв-станицата 1Њус изјави: „Оваа мала поп-песна спаси стотици илјади, ако не и милиони луѓе“. Сепак, радио станиците како што е швајцарскиот радиодифузер СРФ во моментов многу внимателно одмеруваат дали да ќе ја пуштаат песната во својата овогодишна божиќна програма.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми