1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

45.000 гледачи на Вембли - критика на сметка на УЕФА

ЖА | АРД
29 јуни 2021

45.000 навивачи смеат да присуствуваат на осминафиналниот меч на ЕУРО 2020 меѓу Германија и Англија на стадионот Вембли, без оглед на растечките бројки на новоинфицирани во Велика Британија. Во Германија расте критиката.

Fußball EM | Tschechien - England, Vorrunde | Fans England
Фотографија: Frank Augstein/AP Photo/picture alliance

Вечер во 18 часот во осминафиналето на ЕУРО2020 фудбалската екипа на Германија игра против Англија. Фудбалска класика на стадионот Вембли, пред 45.000 гледачи. На полуфиналните натпревари и финалето на стадионот Вембли пристап ќе имаат дури 60.000 гледачи. Политичарите сметаат дека ова е погрешен сигнал.

Германскиот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, имајќи ја во вид Делта варијатната, првенствено во Велика Британија, смета дека десетици илјади гледачи на трибините на стадионот се неодговорност. Во весникот „Зиддојче цајтунг“ тој апелираше до Европската фудбалска федерација УЕФА и до британската влада да го коригираат бројот на гледачите на многу помал.

Во Велика Британија бројката на инфицирани со короавирус во изминатите недели повторно рапидно порасна, а во меѓувреме околу 95% од новите инфекции отпаѓаат на многу позаразната Делта варијанта. Стапката на инфицирање во Велика Британија е четири пати повисока од просекот во ЕУ.

Одлуката е во рацете на УЕФА

И потпретседателот на Европската комисија Маргаритис Схинас ја предупреди УЕФА да размисли околу организацијата на последните натпревари на ЕП во Лондон. Тој лично не смета за правилно да се одржуваат натпревари во Лондон.

Полуфиналните мечеви и финалето да се организираат во „полн стадион во време во кое и самата Велика Британија ги ограничува патувањата на своите граѓани во ЕУ“, е сомнително. Схинас признава дека ЕУ нема ингеренции да принуди преместување на натпреварите на друга локација. „Тоа се одлуки кои треба да ги донесе УЕФА“, изјави еврокомесарот.

Повеќе:

Еуро2020: И коронавирусот се радува на фудбалскиот саем

Потценетa опасностa од корона-аеросолите

Коронавирус: Маските на отворено немаат смисла, опасноста демне во затворени простории

И премиерот на германската покраина Винфрид Кречман одржувањето на натпреварите во Вембли го нарече во суштина неодговорно. Тоа би било возможно само со запазување на строги правила и физичко растојание. УЕФА и Германскиот фудбалски сојуз „мора итно да се погрижат да се почитуваат правилата. Планот во стадионите да се дозволи влез на уште повеќе луѓе, како во Вембли, е дрзок“, изјави германскиот политичар.

ЕУРО2020: Германија ќе ја победи Англија, претскажа слоницата од Хамбург

01:04

This browser does not support the video element.

Апсолутно погрешен сигнал

Веќе досегашните слики од фудбалското првенство на Европа предизвикуваат впечаток за крај на пандемијата. „Ова е апсолутно погрешен сигнал“, истакнува Кречман. За време на натпреварите во Унгарија или Данска стадионите беа полни, навивачите ниту држеа меѓусебно физичко растојание, ниту пак носеа маски. Тоа е неодговорно, зашто секоја од овие игри може да се претвори во извор, ново жариште на коронавирус: „Оваа лекомисленост ме остава без зборови“, заклучува Кречман.

На претпазливост повика и покраинскиот премиер на Баварија, Маркус Зедер. На натпреварите во Минхен и во Германија досега во целина сѐ одеше добро, изјави Зедер за „Билд". „Сосема свесно се донесе одлука да се чека сѐ додека не е јасно како ќе се развива инциденцата кај нас“, истакнува Зедер во однос на дозволата за присуство на гледачи на стадион.

Тоа што во Будимпешта на стадион беше дозволен влез за преку 55.000 навивачи, за Зедер е грешка. „Такво нешто како во Унгарија не би направил, не би сакал да сносам таква одговорност. Поради фудбалот не вреди да се стане ново жариште на коронавирус. Да се ужива – да, но да се ужива со разум“, изјави Зедер.

Речиси 300 гледачи позитивни на тест по натпревар

Во изминатите денови постојано се објавуваше за случаи на инфекции со коронавирус по посета на натпревар во рамките на Европското првенство. Финските власти во петокот соопштија дека околу 300 гледачи на натпреварот Финска против Белгија во понеделникот минатата недела во Санкт Петербург се позитивни на тест за коронавирус. Со оглед на тоа што враќањето на околу 3.000 фински навивачи во вторникот предизвика застои на границите, според локалните медиуми, околу 800 повратници во земјата биле пропуштени без корона-тестови.

Вчера Санкт Петербург, исто како и рускиот главен град Москва, пријави нов рекорд на дневни регистрирани смртни случаи од коронавирус. И покрај значителното заострување на инфективната состојба, Санк Петербург се подготвува за четвртфиналето на ЕП во петок. Натпреварот ќе се одржи според планот, соопштија руските организатори. Портпарол на УЕФА за новинската агенција АФП изјави дека за тимовите „ситуацијата со инфекцијата“ не прави никаква разлика. На натпреварот се очекуваат преку 26.000 гледачи.

Политичарот од германските Зелени, Јанош Дамен, од оваа причина предупредува од опасна немарност. „Како политичар и лекар подеднакво ме загрижува тоа што и покрај драстичниот пораст на опасните вирусни варијанти, нема откажување од полни фудбалски стадиони, каде често нема потребна дистанца и не се носат маски. Во меѓувреме се инфицирани дури и националните играчи од повеќе тимови. Ги урнисуваме сите успеси со кои стигнавме до ниски бројки на инфицирани“, изјави пратеникот во Бундестагот за новинската агенција ДПА.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми