470 милиони евра, гаранција за економски мирна Ковид-зима!?
Костадин Делимитов
28 септември 2020
Бизнисмените и синдикатите генерално задоволни, опозицијата огорчена. Четвртиот антикризен пакет е скроен. Допрва претстои имплементација на дури 31 мерка за поддршка на граѓаните и стопанството.
Реклама
Субвенциите за плати и директната поддршка за пензионерите и најсиромашните е клучниот сегмент и во четвртиот пакет антикризни мерки. Сепак, за разлика од првите три, овој пат македонската Влада го шири фронтот за поддршка со активирање на дури 31 поединечна мерка. Пари ќе има за сите, а фокусот е насочен кон директна поддршка за економска и социјална сигурност на граѓаните, но и поттикнување на приватната потрошувачка.
Само за исплата на плати до крајот на годината се обезбедува поддршка од 70 милиони евра. Со овие пари ќе се поддржат дури 250.000 работни места. Новина овој пат е што поддршката ќе биде скалеста од 14.500 до 21.776 денари месечно: Владатата повторно ќе даде платежни картички „Купувам домашно" на 283.000 граѓани. Вкупната вредност на оваа мерка изнесува 27,6 милиони евра. По 6.000 денари на картичка ќе добијат пензионерите, граѓани од ранливи категории, студентите. Синдикалците се генерално задоволни иако дел од нивните предлози не поминаа:
„Има за невработени, има за пензионери има и за стопанството. Но зошто нема пролонгирање на кредитите за обичните граѓани, оти гледаме тоа го има за фирмите. Дополнително што со овој пакет мерки не се уреди е да се пролонгираат обврските и кон извршителите. Џабе ви е помош за пензионер што зема 15.000 денари ако на врат му виси извршител кој ќе му зема по 6.000 денари. Ќе видиме, ова некако да го избуткаме", коментира Марјан Ристески од Конфедерацијата на синдикални организации.
Да нема злоупотреби
Сепак, генерално според Ристески пакетот дава оптимизам дека периодот што следи ќе биде економски извесен и постабилен. Клучно е вели парите да се употребат на вистински начин:
„Ние баравме субвенциите директно да одат на сметките на работниците, но сепак ќе се оди по стариот рецепт, директно на сметка на фирмите. Сакавме со ова да нема злоупотреби како претходно, но сега се гарантира, а и ќе имало засилени контроли. Ајде да видиме, сепак работниците зависат од стопанството. Инаку добра е мерката што кој сака да земе субвенции за плати треба да ја врати првобитната состојба на вработени заклучно со 31 јули. Тоа значи, ако имало отпуштања по овој период до први октомври, нема да имаат право да аплицираат. Добро е што дури и помошта е поголема односно скалеста. Многу пари се во игра, безмалку половина милијарда евра. Дај боже да мрднат работите, сите тоа и го очекуваме. Гледаме дека работодавачите и коморите се задоволни, па ајде да видиме", смета Ристески.
Бизнисмените пак се изненадени од големината на пакетот. Очекуваат многу бргу да стартува и имплементацијата на мерките, иако за добар дел од нив ќе бидат потребни сериозни подготовки и широки консултации:
„Поголем е сетот на мерки, а изненадувачки, опфатени се и некои категории за кои не очекувавме дека може да се сети владата. Опширно е мислено на се`, но клучно е сега од каде и како до парите. Тоа е најважната работа. Сепак се` нема да се случува од утре, целиот сет на мерки и предлози ќе треба да помине низ една структура на дијалог. На економско социјалниот совет, креирање на мерките, измена на системски закони кои ќе бидат неопходни, гласање во Парламентот. Но она што е важно е мерката за платата на работниците, добро е што ќе биде испорачана до оние до кои што навистина што ќе имаат потреба. Секако и изворите од каде ќе се обезбедат парите", коментира Миле Бошков претседател на Бизнис Кофедерација на Македонија.
Да се засукаат ракавите
Добар дел од мерките нема да започнат веднаш. За дел од нив ќе бидат потребни законски, но и системски измени. Оттука според Бошков е многу важно во процесот на усогласување и имплементирање да бидат вклучени сите засегнати страни:
„Сето ова убаво звучи, но ќе видиме како ќе изгледа кога ќе излеземе со маски и ракавици да ги бркаме работите, како тоа ќе изгледа во реалниот живот. Некои мерки се однесуваат и на помош во вонредна состојба и ако го мериме тоа така, може да претпоставиме влошување на состојбата со пандемијата. Овие мерки не би биле на сила доколку не се очекува некаква ескалација. А тоа значи дека економијата ќе има ограничен маневарски простор. Ќе има и системски работи кои ќе бараат системско дигитално поврзување на регистри, државата има преку 30 регистри кои ќе треба да работат едновремено за да може да се олесни процедура на дигитално поднесување документи што е посебно важно во услови на пандемија", укажува Бошков.
Мицкоски „удри" со критики
Претпазливиот оптимизам сепак не го дели и опозицијата која четвртиот пакет антикризни мерки го дочека буквално на нож. За лидерот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски, мерките на власта се задоцнети, популистички и ќе влијаат на продлабочување на и онака тешката состојба во државата:
„Четвртиот пакет мерки на мафијата во Владата е последниот обид за сламката за спас во услови кога економијата пропаѓа. Кога веќе се прави четврт пакет на мерки, треба да се види искуството од претходните три, а тоа е поразително и се вика нови дополнителни најмалку 40 илјади невработени за пет месеци, минус речиси 13 проценти намалување на бруто домашниот производ, рекорден во вториот квартал. Затоа, и четвртиот пакет на мерки е промашен обид да се дефокусира вниманието од вистинските проблеми. Мафијата ќе стане побогата, а народот посиромашен", предупреди Мицкоски.
Жртвите на коронавирусот на пазарот на труд
Пандемијата на коронавирусот веќе има катастрофално влијание врз голем број индустрии. Милиони работни места се загрозени, стотици илјади веќе укинати. Издвојуваме некои од досега најпогодените компании и сектори...
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Циркусот остана, уметниците ги нема
Легендарниот „Cirque du Soleil “ поднесе барање за течајна постапка по тримесечен прекин на работата поради пандемијата на коронавирусот. Славниот циркус најави отпуштање на 3.480 од вкупно 5.000 вработени. „Cirque du Soleil“, со седиште во канадски Монтреал, овој потег го образложи со „огромното нарушување и присилно затворање на шоуто како последица на пандемијата на Ковид-19“.
Фотографија: picture-alliance/dpa/U. Düren
„Ербас“ ќе се раздели со 15 илјади луѓе
Европскиот авиоконцерн „Ербас“ предупреди на масовни укинувања на работните места. Тој има намера да укине околу 15.000 работни места поради падот на побарувачката како последица на пандемијата. Еден од шест вработени би можел да го загуби работното место во одделот за транспортни авиони - најважниот и најголемиот во „Ербас“. Само во Германија треба да се укинат 5.100 работни места.
Фотографија: picture-alliance/abaca/H. Lionel
Турбуленции за „Луфтханза“
Најголемиот авиопревозник во Германија, е заробен во турбуленции поради коронавирусот. Авиоконцернот беше исклучен од индексот на акции Дакс, во кој членуваше 32 години. „Луфтханза“ ќе добие 9 милијарди евра директна финансиска помош и државни гаранции за заем, но 26.000 работни места се изложени на ризик. „Во случај на опасност, ние ве спасуваме вас, а кој ќе нè спаси нас?“- прашува стјуардесата.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Dedert
На едно небо
Британската авиокомпанија „Бритиш ервејс“ планира да укине 12 илјади од вкупно 42.000 работни места. Нејзиниот француски ривал „Ер Франс“ ќе отпушти над 7.500 вработени поради пандемијата. Британската авиокомпанија „Изи џет“ предвидува од долгорочен пад на побарувачката. Концернот планира да го намали бројот на вработените за 30 проценти - околу 4.500 луѓе може да ги загубат своите работни места.
Иако производителите на автомобили сè уште немаат предвидено застрашувачки сценарија, светскиот пазар на автомобили може да се намали за 18 проценти во 2020 година. Германскиот стручњак за автомобилска индустрија Фердинанд Дуденхофер веќе изнесе разочарувачко предвидување: околу 100 илјади работни места во Германија се изложени на ризик. Автомобилската индустрија во земјата вработува 800.000 луѓе.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Gollnow
Тешка опрема
Германскиот концерн „MTU Aero Engines AG“ планира да го намали бројот на вработени за 15 проценти. Производителот на мотори за авиони, со седиште во Минхен, вработува 10.000 луѓе низ целиот свет. Околу 1.500 места се под закана за укинување. Во 2019 година компанијата беше во топ-лигата на индексот на акции Дакс.
Фотографија: picture-alliance/dpa/MTU Aero Engines AG
Отпаѓа ли модата?
Седењето дома и забраната за масовни настани обесхрабри многумина да купуваат нова облека. Падот на потрошувачката се почувствува во трговијата. Германскиот концерн „Галерија Карштат Кауфхоф“ затвори околу 80 од своите 170 стоковни куќи, кои главно продаваат облека. Повеќе од 5.000 од вкупно 28.000 вработени ги загубија работните места.
Фотографија: picture-alliance/dpa/H.-C. Dittrich
Сите на одмор
Еден од најголемите светски туристички концерни „ТУИ“ најави укинување на 8.000 работни места како последица на пандемијата. Менаџментот на компанијата, која веќе доби финансиска помош од германската држава, соопшти дека овие мерки се неопходни за да се зачуваат претставничките канцеларии на концернот во светот. „ТУИ“ очекува дека така ќе ги намали административните трошоци за 30 насто.
Премиерот Зоран Заев пак порача дека е многу важно што во креирањето на мерките учествувале сите засегнати страни. Првите три пакети спречиле драматични и долгорочни економски последици. Сега, со четвртиот пакет мерки се помага на максимален број граѓани:
„Вкупниот износ на овој пакет е во висина од 470 милиони евра и заедно со претходните три пакети помошта надминува една милијарда евра. Во процесот на креирање на овие мерки учествуваа стопанските комори, синдикалните организации, организациите на работодавачи со цел да бидат опфатени максимален број на граѓани засегнати од кризата. И затоа е голем севкупниот број на мерки", изјави Заев.
Кој колку добива
Со четвртиот антикризен пакет, платежна картичка во износ од 6.000 денари ќе добијат 5726 самохрани родители, над 18.000 пензионери со со пензии до 15.000 денари, 85108 пасивни баратели на работа, 520 самостојни уметници. Исто така и оние граѓани над 64 години кои немаат пензија, а се со приходи пониски од 15.000 денари или воопшто немаат приходи. Дополнително и 540 студенти, кои во претходниот пакет не ги добија овие картички.
Коронавирус: Кога маката ќе те направи инвентивен
И во иднина ќе треба да живееме со пандемијата на коронавирус. Но, добро е што во меѓувреме има толку многу идеи кои ни го олеснуваат секојдневието со вирусот - иако на некои треба допрва да се навикнуваме.
Фотографија: JF Group GmbH
Добар апетит на вечера во стакленик
Конечно може да се отиде некаде на вечера: рестораните се повторно отворени по повеќе недели пауза. Во Културниот центар Медиаматик во Амстердам гостите можат да јадат во мали „оранжерии“, стаклени куќички, добро заштитени од ветар, временски прилики и коронавирусот кој евентуално може да им го пренесат други посетители. Концептот има добар прием, до крајот на јуни се резервирани сите маси.
Фотографија: picture-alliance/AP Photo/P. Dejong
Во ресторан со стаклена преграда на масите
Во многу ресторани пак на масите се поставува стаклена преграда, како оваа во „Гага кафе“ во Милано. Гостите при јадењето се заштитени од останатите со вграден плексиглас и од поторот меѓу масите, заради намалување на опасноста од инфекција. Заштитна маска сепак е обврска, барем додека не се јаде.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Furlan
Фризерски салони со заштита
Посебни правила во време на пандемијата на коронавирус важат и во фризерските салони. Заштитни маски за уста за фризерите и муштериите, и овде мијалниците се одделени со стаклена преграда. Нема веќе кафе додека се чека во салонот, долго задржување е табу. На муштериите ионака им е важно само повторно да имаат добра фризура.
Фотографија: Imago Images/J. Tack
Судбоносното „да“ пред гостите во автомобили
Кој вели дека свадбите во време на корона мора да бидат без гости? Во едно автокино во Диселдорф младенците склопија брак додека гостите ја следеа церемонијата ѕиркајќи преку шофершајбните од нивните автомобили. На крајот на венчавката следеше бучно свирење со автомобилските сирени. Ова беше прва германска свадба во автокино.
Фотографија: picture-alliance/dpa/F. Strauch
„Црни острови“ во канцеларијата
Вака би можело да изгледа бирото на иднината: црни обележани простори на подот покажуваат колку можете да им се приближите на колегите, без да го прекршите правилото за дистанца од два метри. Преградите од плексиглас зад мониторите даваат дополнителна заштита. Но, за оваа визија на „футуристичката канцеларија“ од една филијала во Амстердам е потребно пред сё едно - многу простор.
Фотографија: Reuters/Cushman/Wakefield
Ред при чекањето
Не само во затворен простор, туку луѓето и надвор во идните месеци мора да држат меѓусебно растојание. На станица на метрото во францускиот град Ница стапалките во кругови покажуваат каде смеат да стојат патниците кои чекаат. Слични примери има низ цел свет. Но, и на ваков начин не може да се спречи турканица при влегувањето.
Фотографија: Reuters/E. Gaillard
Едносмерно движење
И во трговските улици во Данска луѓето треба да се движат по определени правила. Исто како и во автомобилскиот сообраќај, во Аалбог важи и за пешаците - секогаш движи се на десната страна. Целта е така да се избегнат премногу блиски средби. Дали тоа навистина функционира, барем на прв поглед, според оваа фотографија, е сомнително.
Фотографија: Reuters/H. Bagger
Живот во шише
Во густо населениот Хонгконг, некои луѓе со пресечено пластично шише не само што се погрижуваат за држење физичка дистанца, туку обезбедуваат и целосна заштита на лицето од евентуални капки кои содржат вирус. Мора да се признае, не изгледа баш удобно, но барем е евтин пронајдок.
Фотографија: AFP/A. Wallace
Направа за отворање врата
Држење физичко растојание е едно, избегнување инфекција преку површини е друго. Многу луѓе при влегувањето во лекарски ординации или јавни тоалети затоа ја отвораат вратата со лакт, но постои и нешто подобро. Овој „отворач на врати“ го решава проблемот, барем така тврди производителот.
Фотографија: JF Group GmbH
9 фотографии1 | 9
Вкупниот пакет тежок 470 милиони евра опфаќа и дополнителни 100 милиони евра за евтини кредити преку Развојната банка, намалување на ДДВ на занаетчиски услуги од 18% на 5%, стапка од 10% на ДДВ за ресторантски и услуги за служење на храна и пијалоци, ослободување од ДДВ за донации до крај на 2021 година, викенд без ДДВ за домашни производи и ИТ опрема (10,11,12 октомври), државна гаранција за кредити и Царинска гаранција за царински долг.
За финансирање на мерките, околу една третина од потребните пари ќе се обезбедат од буџетот, кој допрва треба да претрпи ребаланс. На располагање на владата и стојат неискористени средства од задолжувањето, но јасно е дека ќе биде потребно и дополнително. Но како, за колку и од каде допрва ќе треба да се утврдува.