1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

5 мај – важен ден во граѓанската пркосна меморија

Кристина Озимец5 мај 2016

Помина една година од 5 мај,денот на кој беа чуени „бомбите“ за убиството на Мартин Нешковски и кој за многу од демонстрантите од „Протестирам“ претставува еден од симболите на граѓанското движење за демократски промени

Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

„Од големиот шок по слушнатите разговори во бомбите, единствено што ми дојде напамет на тој 5-ти мај е да излезам на улица, без никакви очекувања. Знаевме дека пробаа да скријат убиство, но не знаевме на каков монструозен начин било договарано тоа“, раскажува активистката Марина Трајкова, за денот кога илјадници граѓани спонтано излегоа на улиците, веднаш по објавата на „бомбите“ поврзани со убиството на Мартин Нешковски.

Оние кои присуствуваа на лице место, лесно може да ја препознаат спонтаноста на граѓанскиот револт. На социјалните мрежи започна да се шири повикот за излегување на протест во шест часот пред Владата, по што граѓаните излегоа на улица. Пред Владата првично немаше повеќе од 200 до 300 луѓе, за постепено оваа бројка значително да се зголеми. Барикадата први ја поминаа братот на Мартин, Александар Нешковски и неговата мајка, кои беа буткани од полицијата да се повлечат, по што граѓаните започнаа да ја прескокнуваат оградата, која потоа беше растргната, набргу полнејќи го целиот двор на Владата.

Се маваше со јајца по барокната „торта“ како што ја нарекуваа демонстрантите и се протестираше долго во ноќта, се додека не започна полициска акција за разбивање на протестите, по која следеа масовни апсења. Освен апсењата и бркањето демонстранти по скопските улици, ноќта полицијата дури влезе и во универзитетската библиотека за да бара демонстранти, бидејќи „никој не спремал испит во 11 навечер“.

Иако долго пред 5 мај, имаше многу протести, за голем дел од граѓаните, револтот и солидарноста која се создаде на тој ден беа предвесник на „Шарената револуција“ која една година подоцна повторно се одвива на улиците.

„Во првите редови, пред кордоните стоеја луѓе од сите возрасти, без страв, со кренати раце. Лично јас бев таму со моето семејство. Стоевме за да не видат, да ни ги запомнат ликовите и да знаат дека знаеме што прават. Не верував дека полицијата ќе удри по граѓаните, впрочем тој протест беше против полициската бруталност. Се случија ударите, апсењата, трчањето, криењето по влезови од каде пробаа да не вадат со пендреци. Се случи преголема употреба на сила од страна на режимот. Нешто што овие генерации никогаш нема да им го заборават“, вели Трајкова.

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

Еден од симболите на отпорот

Граѓанскиот активист Марјан Забрчанец вели дека 5-ти мај е еден од симболите на отпорот кој денес граѓаните го манифестираат преку движењата „Шарена револуција“ и „Протестирам“, иако нагласува дека отпорот не треба да се врзува со еден симбол или еден датум, исто како што не треба да се врзува со една протестна граѓанска група, партија, организација или со еден лидер. Според него, меѓу тие симболи на отпорот свое важно место во граѓанската пркосна меморија имаат и протестите против изградба на верски објекти на скопскиот плоштад на кои беа нападнати студенти и активисти во 2009 година, протестите против полициска бруталност после убиството на Мартин Нешковски во 2011 година, студентските протести од 2014 и 2015, протестите на хонорарците од 2015, масовниот граѓански собир од 17 мај проследен со антивладиниот камп од 2015, протестите за чист воздух како основно човеково право и другите граѓански протести.

„Шарената револуција е до сега најсофистицираната форма на граѓанска артикулација на оваа борба во Македонија, особено ако се има предвид дека е создадена директно, на улица, од граѓаните, без некој да ја наметнува од горе. Во исто време, Шарената револуција не само што се бори против едноумието, туку и директно манифестира разноумие кое до сега покажува дека знае да се организира до граница да тоа не стане претерано и да не ја загрози хоризонталата. Овие лекции граѓанството ги учеше од ланскиот 5 мај до денес, но и пред тоа, изминативе шест до осум години. Клучната промена која денес е видлива на улица е што се повеќе граѓани ја разираат суштината на полтичкото, а тоа е дека политиката е на граѓаните пред се, а не (само) на партиите и дека граѓаните имаат право на став, глас и учество во креирањето решенија и во носењето одлики за тие решенија. Ваквиот политички наратив веќе јасно се гледа на протестите, на паролите од транспарентите, во извиците на граѓаните, во дискусиите низ маалските муабети“, смета Забрчанец.

Според научниот истражувач и активист Јордан Шишовски, на 5 мај се случуваат три важни преседани на полето на урбаната борба. „Прво, се случи пробив на кордонот на полициската држава. После години страв и чувство на немоќ, протестното тело се охрабри и ја премина границата што полициската држава ја поставува како симбол на моќ. Второ, полициската држава својата моќ ја темели на заканата за употреба на сила. Затоа со години секој протест колку и да е мирен и мал, е окружен со масивно присуство на милитаризираната полиција. Самиот факт што полицијата употреби несразмерна сила укажува дека режимот е немоќен. Тоа значи дека главното оружје на режимот – стравот – веќе е јалово. Трето, фактот што протестното тело возврати укажува дека балансот на силите меѓу полициската држава и народот се поместува кон вториот“, додава Шишовски.

#

Фотографија: Reuters/O. Teofilovski

На полето на протестната динамика, според него, оваа година многу полесно ескалира народното незадоволство. Поттик за тоа е аболицијата на политичарите од страна на претседателот Иванов. „Ескалацијата на незадоволството беше јасно и прецизно насочена кон симболите на неправдата иако немаше ниту една организација зад протестите. Тоа покажува дека веќе постои самосвест и дејственост (агентност) кај народот како носителот на суверенитетот, на место на апстрактната „држава“. Веќе е јасно дека центарот на моќ се поместува од елитите кон народот. Ова придвижување значи зголемување на демократските на сметка на авторитарните тенденции во општеството“, додава тој.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми