1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Култура

500 години од смртта на Леонардо да Винчи

Кристина Рејман / Торстен Ландсберг
2 мај 2019

Универзалниот гениј од Тоскана, Леонардо да Винчи, почина пред 500 години. Тој бил уметник и научник, кој и покрај тоа што потекнувал од пониските слоеви, се дружел со најмоќните луѓе од ренесансата.

Leonardo da Vinci / Anderloni n. Bossi - Leonardo da Vinci / Anderloni n. Bossi - Leonard de Vinci / Anderloni d'ap.Bossi
Фотографија: picture-alliance/akg-images

Науката и уметноста за Леонардо да Винчи се работи кои си припаѓаат заедно. Всушност за него сѐ припаѓало едно на друго. Тој бил љубопитен, сакал да го разбере светот и да ги спои своите научни откритија во својата уметност. Уште како дете седел со книга пред врата, ги набљудувал облаците и го запишувал она што го гледа. Подоцна, како повозрасен, тајно сецирал трупови за да го продлабочи своето знаење за човечкото тело, мускулатурата, коските и пропорциите.

Од провинција во живописната Фиренца

Леонардо е роден на 15 април 1452 година во Анчиано, во областа Винчи во Тоскана. Неговите родители, нотар и 16-годишна слугинка, не биле во брак. Поради тоа Леонардо пораснал кај дедо му. Радо цртал и му успева да влезе како ученик во работилницата на реномираниот вајар Андреа дел Верокио. Тој креирал дела за Медичи, познато трговско и банкарско семејство, кое со својата моќ и пари со децении ја контролира Фиренца.

Револуција во цртањето портрети

Леонардо на тој начин влегува во повисоките кругови и станува член на Св. Лука, уметничко здружение во Фиренца. Тој внимателно и темелно сликал портрети и слики на Богородица. Дел од сликите неколку децении ги чувал во својата работилница и постојано ги доработувал. Неговата најпозната слика, која со години ја носел со себе каде и да патувал, е светски познатата „Мона Лиза“, која денес е изложена во парискиот музеј „Лувр“.

„Мона Лиза“ на Леонардо да Винчи денес е во музејот „Лувр“Фотографија: picture-alliance/United Archive

Со замислено тажен поглед или самоуверени - жените имале големо влијание врз него, додуша само на платно. Лично бил заинтересиран за мажи. Ги прекршил конвенционалните правила и со начинот на цртање портрети. Наместо дамите да се цртаат во профил, како што било вообичаено за тоа време, ликовите од сликите на Да Винчи гледаат директно во вас.

Сестран гениј

Не е фер да се зборува за Леонардо само како за сликар. Од една страна, бидејќи тој и нема оставено многу слики зад себе. Денес може да се каже дека само неколку десетици се со негов потпис. Од друга страна, има огромен број на негови скици и студии за анатомија, текстови напишани во форма на рефлексија од огледало и скици за конструкција, кои немаат никаква уметничка позадина, како на пример дизајн за тенкови, авиони или опрема за нуркање. Тој конструирал и мостови и дизајнирал цел град. Поголемиот дел од неговите идеи никогаш не биле реализирани.

Леонардо сакал да го продлабочи своето знаење за човечкото тело, мускулатурата, коските и пропорциитеФотографија: picture-alliance//HIP

Фиренца, Милано и Рим, главните градови на ренесансата, биле неговите омилени места за работа. Таму наоѓал клиенти, богати семејства, па дури и Папата. Во 1516 година францускиот крал Франсоа I го поканил кај себе, одлично го платил и му ја дал сета слобода да им се посвети на своите проекти. Меѓу другото, негова задача било и да организира забави и фестивали. На 2 мај 1519 година овој сестран гениј починал во замокот Кло-Лусе – според легендата во рацете на францускиот крал.

Низ Европа годинава има бројни изложби посветени на животот и делата на Леонардо да Винчи. Музејот „Лувр“ во Париз есенва ќе направи и изложба - ретроспектива. Од 24 мај до 13 октомври над 200 слики и скици ќе бидат изложени во Бакингемската палата во Лондон.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми