1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

Берлинскиот ѕид - која беше улогата на Штази?   

Штефан Деге
13 август 2021

Речиси 30 години ја делеше Германија, ги подели системите, ги подели семејствата – изградбата на Берлинскиот ѕид започна пред 60 години. Каква улога одигра Штази?

Gedenken zum Mauerbau vor 54 Jahren
Фотографија: picture-alliance/dpa/R.Jensen

Жителите на Берлин гледаа со неверување на она што се случи на 13 август 1961 година. Безбедносните сили на ГДР ја оградуваа границата околу нивниот сектор. Народни полицајци и граничари, членови на борбени групи го рушат тротоарот и поставуваат барикади од камени блокови и ги поврзуваат со бодликава жица. Само неколку контролни пунктови останаа отворени, а речиси сите трамвајски и железнички линии се прекинати. Берлин стана поделен – и така ќе остане следните 28 години. Германската Демократска Република (ГДР) ги „заѕида“ своите граѓани. 

Ова е среќна вест за тајната служба на ГДР, организирана во Министерство за државна безбедност (МфС) на чие чело долги години беше Ерих Милке. До ваков заклучок дојдоа Даниел и Јирген Аст, како и Ханс – Херман Хертле, автори на документарецот на АРД во копродукција со Дојче Веле.  

Ѕидот, а со тоа и изолацијата на Источна Германија за Штази е „гарант на моќта, еликсир на живот“. Од 13 август 1961 до 9 ноември 1989 десетина илјади соработници на Штази имаа само една цел – да го направат ѕидот непремостлив за својот народ.

30 години обединета Германија: Што остана од Берлинскиот ѕид?

01:42

This browser does not support the video element.

„Сè беше под наздор од сите страни"

За таа цел луѓето се прислушкувани, поштата им е отворана, информанти им се доделуваат на пријатели, па дури и на сопружници – филмот раскажува за механизмите на неправда во ГДР и за растечката улога на Министерството за државна безбедност (МфС). „МфС доби на значење со Ѕидот,“ вели во филмот поранешниот потполковник на Штази, Харалд Јегер и додава: „задачите стануваа се поголеми. Со други зборови - сè беше под надзор од сите страни.“ Шефот на Штази, Милке веднаш по изградбата на Ѕидот најавил: „Ситуацијата по 13 август покажува дека подигањето на антифашистичкиот ѕид за заштита е добра и исправна одлука за граѓаните на ГДР. Работничката класа ја освои власта со цел никогаш повторно да не ја предаде!“ 

-повеќе: 

Денот кога почна да „никнува" Sидот што ги подели Германија и светот

Каков беше Ѕидот?

Овој бедем станува сè понепропустлив – пред се благодарение на видливата и суптилната работа на контролната машинерија на Милке. Луѓето омаловажени како „бегалци од Републиката“ во обидот за бегство гинеа од куршумите на граничните полицајци. 

„Во моите очи тие во тоа време беа злосторници.  За нас тие беа предавници кои сакаат да ја предадат нашата држава. Без оглед на мотивите, дали биле политички или економски. Ништо не беше оправдание за бегство!,“ вели во филмот поранешниот припадник на Штази, Јегер. 

Бегалците се апсени – завршувале во затвор или биле трампани и „продавани“ на Запад за девизи. Откриените копачи на подземни тунели под Ѕидот или лица кои сакале скриени во автомобил тајно да ја преминат границата  често биле регрутирани како „неофицијални информанти“ на Штази – агентите на Штази секаде имале вмешано прсти. 

Луѓето во август 1961. година со неверување гледаа што се градиФотографија: picture-alliance/Ap Photo/Worth

„Никој нема намера да гради ѕид“

Наредба за изградба на ѕид? Ја издаде шефот на СЕД, Валтер Улбрихт и тоа само два месеца откако пред светските медиуми даде изјава дека „никој нема намера да гради никаков ѕид.“ Многу историчари и денес веруваат дека СЕД и Улбрихт сакале многу порано да ја затворат границата во Берлин. Сè повеќе Германци од Источна Германија ја користат „дупката“ во Западен Берлин. ГДР крвареше до смрт. Улбрихт затоа сакаше да ја затвори оваа „дупка“ па оттука е и неговата наредба. 

Улбрихт е лажго?

Телевизискиот документарец дава поглед врз режимот на ГДР. Во него поранешни службеници на Штази коментираат до сега ретко објавени оригинални снимки. „Од една страна ѕидот мораше да биде зачуван и физички и психички. Од друга страна сакавме да се претставиме како отворени кон светот,“ анализира поранешниот офицер на Штази, Гинтер Ентерлајн, потсетувајќи се: „за нас тоа беше само работа, и тоа многу работа.“ Во последните денови на ГДР, кога советскиот претседател Михаил Горбачов се престрои кон Перестројка и Гласност (политика на отвореност и преструктуирање) го стави под притисок и режимот на ГДР. „Сè што беше поврзано со олабавување за нас во безбедносните служби беше крајно опасно“, се присетува Ентерлајн. 

Меѓу 1961. и 1989. година најмалку 140 лица се убиени крај Берлинскиот ѕид или пак настрадале поради пограничниот режим на ГРД. Ѕидот го осигура долгото постоење на ГДР. Империјата на Милке цутеше благодарение на „антифашистичкиот заштитен ѕид“. Со падот на Ѕидот двајцата паднаа тивко. Да биде иронијата на историјата поголема, токму човек на Штази беше тој кој на 9 ноември 1989. година прв удри по ѕидот на улицата Борнхолм, со што започнува и падот на Берлинскиот ѕид. 

Телевизискиот документарец „Штази и ѕидот“ имаше премиера на 11 август 2021 година во берлинскиот „Камп за демократија“ – поранешната централа на Штази. Дојче Веле, кој беше вклучен во изработката на филмот во копродукција со АРД ќе го емитува на 17 август.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми