1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ФудбалГерманија

Како беше основана Бундеслигата пред 60 години

Андреас Штен-Цимонс
24 август 2023

Бундеслигата од 1963 година ги радува фудбалските фанови, и тоа не само во Германија. Сепак, нејзиното основање не помина глатко, а интересно е и што Бајерн Минхен го нема меѓу клубовите основачи.

Бундеслига 1963/64 година
Бундеслига 1963/64 година: Пројсен Минстер против Хамбургер СВФотографија: dpa/picture alliance

 

Топката во Бундеслигата за прв пат се затркала на 24.август 1963 година. Тринаесет месеци пред тоа, делегатите на покраинските фудбалски сојузи на собранието на Германскиот фудбалски сојуз (ДФБ), по долги дискусии, одлучија да формираат заеднички лига, елитно фудбалско натпреварување за 16 клубови во тогашна Западна Германија.

„Се радувам на ваквата одлука, конечно ја добивме лигата“, во тогашниот журнал на ДФБ со овие зборови е цитиран тогашниот германски селектор, легендарниот Зеп Хербергер. Инаку, тој на собранието на ДФБ гласаше како делегат на Југозападниот фудбалски сојуз. 

ДФБ беше меѓу последните големи фудбалски федерации што одлучи да формира единствена прва лига за целата земја. Англичаните ја имаа „Фудбалската лига прва дивизија“ од 1892 година, која беше преименувана и трансформирана во Премиер лига во 1992 година. Италијанската „Серија А“ го започна своето прво првенство во 1898 година, шпанската „Примера дивизион“ во 1929 година, а француската од 1932 година. Дури и Источна Германија беше побрза и во првата лига (ДДР-Оберлига) почна да се игра во 1949 година, односно уште пред официјалното формирање на комунистичката држава.

Зошто е основана Бундеслигата? 

На многу фудбалски функционери и навивачи не им се допаѓаше стариот систем. Според него, од 1903 година за шампионот на Германија се „одлучуваше“ во рамките на натпреварувањето организирано од ДФБ. На крајот на сезоната, од осум (со неколку исклучоци), а подоцна од 16 клубови во нокаут систем произлегуваше шампионот. Учесниците во таквите завршни кола беа шампионите од регионалните фудбалски лиги.

Олимпискиот стадион во Берлин, меч меѓу Херта и Нирнберг(1:1) на 24.8.1963 годинаФотографија: picture alliance / dpa

Поради оваа расцепканост по региони, редовно се случуваше најдобрите тимови во Германија, а во период од триесетина години во минатиот век тоа беа Нирнберг и Шалке 04, да не играат редовно дерби, туку да се среќаваат во најдобар случај еднаш на крајот од сезоната, во последното коло. И таквата „аномалија“ требаше да се надмине со формирањето на Бундеслигата.

Освен тоа, на многумина им се чинеше дека е поправедно шампионот да произлезе од рамките на лигашко натпреварување кое трае цела сезона, наместо за него да одлучува „лотарија“ во нокаут системот, во кој не се играа дури ни по две средби, туку само една.  

Како е донесена одлуката за 16 основачи? 

Пред шест децении, од вкупно 74 тима во водечките покраински лиги, во Германскиот фудбалски сојуз се пријавија 46 кои учествуваа во трката за едно од 16-те стартни места во првата сезона во новата Бундеслига. ДФБ уште на почеток ги дефинираше критериумите за доделување на стартните позиции: три клуба од северот, по пет од запад и југ, два за југозапад и еден за градот Берлин.

За изборот беше задолжена петчлена бундеслигашка комисија, која ги разгледуваше спортските, економските и техничките критериуми. Како основа за разгледување на апликациите, нејзините членови ги анализираа резултатите на пријавените екипи во изминатите 12 сезони во Оберлигата. Се работеше за јасна процедура, со јасни критериуми, но бездруго дојде до расправии, особено затоа што ДФБ не ги соопшти во стартот, а подоцна не се ни придржуваше кон сите претходно договорени правила. 

Имаше неколку конкретни случаи во кои одлуката не беше транспарентна за сите, ниту беше евидентно зошто е така одлучено. Тие посебни случаи доведоа до настанување длабоко ривалство меѓу клубовите кои добија покана и оние кои извисија, кое делумно трае до денес. 

Сеп Бергер во 1954 година, по освојувањето на титулата светски првак на СР ГерманијаФотографија: sportfotodienst/imago images

Не помина ниту иницијативата првата сезона наместо со 16, да започне со 18 или 20 клуба. Вкупно 13 клуба кои не влегоа во Бундеслигата поднесоа жалба до ДФБ,меѓу кои и Бајерн од Минхен и Борусија Менхенгладбах. Но, ниту една од жалбите не беше прифатена. 

Кои се учесниците во првата сезона на Бундеслигата? 

Учесници од северот беа Хамбургер, Вердер Бремен и Ајнтрахт Брауншвајг. Од југот, Ајнтрахт Франкфурт, Карлсруе, Нирнберг, ТСВ 1860 Минхен и Штутгарт. Од западот  тоа беа Борусија Дортмунд, Келн, Дуизбург, Пројсен Минстер и Шалке 04. Освен нив, меѓу избраните се најдоа и Кајзерслаутерн и Зарбрикен од југозападот, како и Херта од Берлин. Келн е првиот шампион на Бундеслигата. 

Бундеслигата во сезоната 1965/66 година се зголеми на 18 клуба, а токму тогаш во елитното друштво конечно се најде денешниот рекорден шампион во Бундеслигата, Бајерн од Минхен, кој дотогаш играше во Регионалната лига Југ. 

По обединувањето на Германија во 1991 година, во Бундеслигата беа интегрирани и клубови од поранешната ДДР. Последниот шампион на источна Германија, Ханза од Росток и вицешампионот Динамо Дрезден веднаш станаа прволигаши, па Бундеслигата таа сезона се играше со 20 клуба. Но, на крајот на сезоната испаднаа четири клуба, а само два од второлигашите влегоа во Бундеслигата, па бројот на учесници повторно се сведе на стандардните 18. 

Најдолг стаж од сите клубови основачи на Бундеслигата пред 60 години имаше Хамбургер. ХСВ 55 сезони континуирано настапуваше во првата лига, се додека „диносаурусите“ не испаднаа во 2018 година. Најмногу прволигашки сезони имаат одиграно Бајерн Минхен и Вердер Бремен. Деновиве Бундеслигата ја започна својата 61 сезона, а овие два клуба ја започнаа 59-тата бундеслигашка сезона. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми