1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаСоединети Американски Држави

65 години од нападот врз Куба и пораката до Трамп

АРД
17 април 2026

65 години по неуспешната инвазија во Заливот на свињите, нападот врз Куба останува болна и политички чувствителна тема во САД, со нови пораки кон Доналд Трамп.

Американскиот претседател Доналд Трамп
Доналд Трамп изјави: „Куба е следната“, но директна воена закана се смета за малку веројатнаФотографија: Yuri Gripas/dpa/picture-alliance

Поминаа 65 години од неуспешниот напад врз Куба во Заливот на свињите — настан што се смета за едно од најзначајните и најконтроверзни поглавја од Студената војна. И денес, децении подоцна, оваа епизода останува силно политички и емотивно набиена, а дополнителна актуелност добива преку реториката на американскиот претседател Доналд Трамп.

Од револуција до отворен судир меѓу Вашингтон и Хавана

По Кубанската револуција во 1959 година, предводена од Фидел Кастро, односите меѓу Куба и  Соединетите Американски Државинагло се влошија. Новата власт во Хавана ги национализираше американските компании и започна политичко и економско приближување кон Советскиот Сојуз.

Во Вашингтон се зголеми стравот дека Куба би можела да стане комунистичка испостава на само 145 километри од американскиот брег. Уште за време на мандатот на претседателот Двајт Д. Ајзенхауер, Централната разузнавачка агенција (ЦИА) започна подготовки за соборување на режимот на Кастро.

Мисијата: соборување на Кастро

Во тој период, илјадници млади Кубанци ја напуштија земјата и заминаа во САД со цел да организираат отпор и да иницираат промена на режимот. Меѓу нив беа и Рафаел Гутиерез и Карлос Акоста, денес на 83 и 82 години. Тие сведочат дека тогаш биле подготвени и да го дадат животот за татковината, убедени дека комунистичка Куба за нив е неприфатлива опција.

Во Гватемала и Никарагва, добиле основна обука од ЦИА. Според Карлос Акоста, токму овие две земји биле единствените кои ги одобриле подготовките за идниот напад.

Инвазијата во Заливот на свињите и нејзиниот крах

На 17 април 1961 година, околу 1.400 Кубанци во егзил од Бригадата 2506 се истоварија на јужниот брег на Куба, во Заливот на свињите. Целта беше јасна: соборување на режимот на Фидел Кастро и воспоставување нова власт. Сепак, операцијата пропадна за само неколку дена — военo, стратешки и политички.

Лошо планирање и голем надворешнополитички пораз

Причините за неуспехот беа повеќекратни: ветената, но никогаш реализирана воздушна поддршка од САД; потценувањето на воената сила и лојалноста кон Кастро; изостанувањето на очекуваното народно востание; како и слабата подготовка и недоволната тајност на операцијата.

Операцијата во Заливот на свињите пропадна за само неколку дена — военo, стратешки и политички - кубански војници го слават успехотФотографија: Miguel Vinas/Prensa Latina/AP Photo/picture alliance

За Соединетите Држави, нападот под водство на претседателот Џон Ф. Кенеди прерасна во сериозен надворешнополитички дебакл. Кубанската армија брзо го одби нападот. Повеќе од 1.200 напаѓачи беа заробени, а многумина загинаа. Меѓу заробените беа и Карлос Акоста и Рафаел Гутиерез.
„Мислевме дека можеме да промениме нешто,“ се присетува Акоста. „Но не бевме подготвени за она што следеше.“

Последици што одекнуваат и денес

Неуспехот значително ја зацврсти власта на Фидел Кастро. Куба се прогласи за социјалистичка држава и уште повеќе се доближи до Советскиот Сојуз, што една година подоцна кулминираше со Кубанската ракетна криза.

Денес, Акоста и Гутиерез живеат во Мајами, како и многу други поранешни членови на Бригадата 2506. По повод 65-годишнината од инвазијата, заедно со други Кубанци во егзил планираат отворање музеј, со цел да се зачува сеќавањето на настаните и, како што истакнуваат, да се оддаде почит на соборците кои залудно ги загубија животите.

Политичките пораки остануваат силни

Иако за многумина доминира историската перспектива, други во сеќавањето на 1961 година гледаат и конкретни политички очекувања. Рафаел Гутиерез јавно упати порака до американскиот претседател  Доналд Трамп,  барајќи поостар курс кон Хавана.
„Тој треба да го доврши она што ние го започнавме пред 65 години,“ вели Гутиерез.

Овие ставови покажуваат дека инвазијата во Заливот на свињите и понатаму има политички одек, особено меѓу кубанската заедница во егзил. Само во американската сојузна држава Флорида живеат околу 1,6 милиони луѓе со кубанско потекло.

Реторика или реална закана?

Кога Доналд Трамп изјавува „Куба е следната“,  повеќето аналитичари оценуваа дека станува збор за намерно  заострена политичка реторика.  Вообичаено, ваквите пораки служат за демонстрација на сила и привлекување внимание, но и за мобилизирање на одредени гласачки групи на внатрешен план. 

Минатото на Куба се среќава со нејзината неизвесна иднина

00:53

This browser does not support the video element.

Директна воена закана се смета за малку веројатна, бидејќи таквите потези не се најавуваат јавно на ваков начин. Пореално сценарио е  Куба да остане цел на политички притисоци  и дополнителни санкции.

Историска лекција со трајни последици

Настаните од април 1961 година и денес се изучуваат како пример за ризиците од тајни воени операции во услови на глобален геополитички судир. Инвазијата во Заливот на свињите останува симбол на неуспешна интервенција и сериозни стратегиски промашувања.

Во исто време, таа е потсетник на длабоките идеолошки поделби од Студената војна, чии последици и натаму се чувствуваат. За сведоците како Карлос Акоста и Рафаел Гутиерез, овој настан не е само историја — туку дел од нивниот личен животен пат.

Автор: Гудрун Енгел, АРД

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми