70 години бикини: четири триаголници и неколку врвки
ЗВ/ЕМФ5 јули 2016
Во 1946 година еден инженер од Париз го креираше „скандалозното“ парче облека за дами: бикини-костимот за капење кој повеќе открива отколку што покрива. И, тој влезе во легендите.
Реклама
Професионална манекенка не можеше да најде. Затоа, за презентацијата на првиот бикини-костим на 5 јули 1946 година инженерот Луи Реар ја ангажираше стриптиз-танчерката Мишелин Бернардини. Тоа не беше случајно. Американската армија само што спроведе нуклеарен тест на атолот Бикини во Тихиот Океан и со тоа предизвика големо внимание во светот. Слична експлозија требаше да биде презентирањето на новиот костим за капење од Париз. Реар добро предвиде. Толку многу кожа беше премногу за тогашните прилики. Чуварите на моралот беа вџашени. Жената во повоените години требаше да биде облечена во здолниште и да има долга престилка, а не да се соблекува на таков бесрамен начин, сметаа тие.
Бикини-костимот беше долги години изолиран од јавноста, дури и познатиот „Вог“ го одби. Сепак, филмски ѕвезди како Мерилин Монро и Брижит Бардо се држеа до своите бикини и редовно се фотографираа во нив.
Пречките беа урнати со филмот „Доктор Но“ во 1962 година. Моделот што Урсула Андрес го носеше во филмот за Џејмс Бонд, влезе во историјата. Победничкиот поход на бикини-костимот не можеше да се запре.
Бикини-костимот полни 70 години, но не е стар
Скандалозно и секси: креацијата на Французинот Луи Реар пред 70 години го возбуди светот на модата. Една од првите поборнички за новото „слободно“ парче облека беше Мерилин Монро.
Фотографија: AP Photo/Brooklyn Museum of Art
Историјата на триаголникот
Четири мали триаголници, кои се поврзани со тенки врвки - помалку штоф и не може да има. На 5 јули 1946 година, стриптиз-танчерката Мишелин Бернардини застана пред камерите во еден базен во Париз и го презентираше првиот бикини-костим за капење, креација на еден машински инженер. Французинот Луи Реар тогаш и не претпоставуваше дека создал парче облека за вечност.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Анатомска бомба
Втората светска војна заврши, Студената војна почна. Во атолот Бикини, во Тихиот Океан, се направени првите американски нуклеарни тестови. Тоа го инспирира Реар за името „бикини“. Тој новиот костим за капење (фотографијата е од 1947 година) го рекламира со играта на зборови: „Бикини, премиера на анатомската бомба“.
Бикини-костимот всушност воопшто и не е изум на парискиот инженер. Идејата за „лесна“ облека, која го покрива само најнеопходното од телото, е многу постара. Во вилата Романа дел Касале на Сицилија се пронајдени мозаици од 4. век, на кои се прикажани Римјанки спортистки - во антички бикини.
Фотографија: picture alliance/ZB/W. Thieme
Големата среќа на пин-ап девојките
Пред да ја почне актерската кариера, Мерилин Монро заработувала како модел за пин-ап фотографии. За нејзе и нејзините колешки бикини-костимот бил подарок. Се разбира дека сите се фотографирале во бикини. Оваа фотографија од 1949 година се наоѓа во музејот Бруклин/Њујорк и се вика едноставно: „Мерилин на плажа“.
Фотографија: AP Photo/Brooklyn Museum of Art
Нема лизгање
Во 1950-тите во САД големи успеси имаат холивудските филмови со пливачки. „Aqua Maids“ изведуваат балет во вода и вратоломии на скии на вода. На фотографијата - две „водни нимфи“ се ладат. Како што се гледа, горниот дел од бикини-костимот изгледа како да ќе се лизне, но одоздола има толку многу штоф, што се чини дека ќе може издржи и на 50 km/h.
Фотографија: picture alliance/AP Images
Убавиците на Џејмс Бонд
Кога Урсула Андрес во 1962 година излегува од морето во дводелниот костим, на кино-посетителите и на чуварите на моралот им паѓаат вилиците. Мора да се соземе и Џејмс Бонд (Sean Connery) во филмот „Доктор Но“. Истото, 40 години подоцна, му се случува и на Пирс Броснан како Џејмс Бонд во филмот „Умри некој друг ден“ - Хали Бери од морето излегува во сличен модел.
Фотографија: picture-alliance/dpa/UPI/Fox
Плетени
И модерната жена во комунистичката ГДР има право на минијатурниот костим. Во 1971 година „Издавачка куќа за жени“ многу го фали хекланиот бикини-костим. Тој е популарен и кај хипиците. Лошата страна му е што по влегувањето во вода се шири и станува тежок. Денес костимите се прават вештачки влакна.
Фотографија: picture alliance/akg-images
Татковината на тангите
Во 1950-тите години анти-бикини здружение имаше, ни помалку ни повеќе, туку во Рио де Жанеиро. Бразилските танги немаа добар глас сѐ до 1970-тите. Во меѓувреме, на бразилските плажи шетаат најубавите жени со најмалку штоф на себе што може да се замисли.
Фотографија: picture-alliance/dpa/A. Lacerda
Бикини-фигура
Папараците демнат на плажите ширум светот каде може да се најдат познати личности. Тие ги насочуваат телеобјективите кон присутните дами и бараат евентуални масни наслаги на телото. Кај Мишел Хунцикер (модел и водител, на фотографијата лево) фотографот може да бара колку сака - и по три породувања, таа изгледа перфектно.
Фотографија: picture alliance/Riccardo Dalle Luche Excl/IPA
Бикини за спорт
Одбојката на плажа станува олимписка дисциплина во 1996 година. Брзо се претвора во една од најомилените, затоа што токму кај дамите има што да се види. До 2012 година прописите за облекување на Светската одбојкарска федерација велеа дека мора да се носат бикини, но денес е сѐ можно - од танга до велосипедски панталончиња.
Фотографија: Getty Images/B. Kara
Бесмртни
„Бикини“ инаку значи „земја на кокосови ореви“. Жителите на нуклеарно загадениот атол одамна се преселени некаде на друго место. Но, облеката преживеа со децении и за нејзе, според многу водни нимфи, нема алтернатива. Токму сега фирмата ТЦН на модната недела во Барселона им постави споменик на бикините. И тоа на најкласичната можна форма: четири триаголници со врвки.