1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

749.000 потписи за брак меѓу маж и жена

Синиша Богдановиќ / Александар Методијев18 јуни 2013

Активистите на иницијативата „Во име на семејството“ на хрватскиот Сабор веќе му предадоа 749.000 потписи за распишување референдум за впишување одредба во Уставот со која бракот е резервиран исклучиво за жена и маж.

Фотографија: DW/S. Bogdanic

Челните луѓе на иницијативата тврдат дека нивната акција не ја иницирала Католичката црква, но многумина се сомневаат дека таа со поддршка на главната опозициска партија ја осигура инфраструктурата за нејзино спроведување. Станува збор за активисти кои остро се противат на провлекувањетo на родовата и половата еднаквост низ предавањата во основните и средни училишта.

Експертите велат дека референдумот мора да се распише, или во спротивно ќе настапи уставна криза. Владејачката лево-либерална коалиција бара излез од непријатната ситуација, активистите за човекови права негодуваат, а дел од јавноста бара одговори на прашањето – кој ја финансираше акцијата и зошто токму сега се сака да се вгради во хрватскиот Устав одредбата која веќе постои во Законот за семејство?

Добар момент за нови поделби 

Политикологот Хрвоје Шпехар од Факултетот за политички науки во Загреб, причините за успехот на оваа иницијатива ги гледа во економската криза и намалените перспективи на граѓаните, кои доведоа до вриење на атмосферата.

Хрвоје ШпехарФотографија: DW/S. Bogdanic

„Владата не е во состојба доволно брзо, ефикасно и квалитетно да одговори на низа значајни економски проблеми кои произведуваат ваков тип на општествена криза и радикализирање на позициите“, вели Шпехар за Дојче веле. Тој притоа го нагласува и недостатокот од силна опозиција. Според него, тоа го искористиле одредени верски иницијативи и цивилни организации за да мобилизираат незадоволни.

Правникот Марко Сјекавица од Градскиот одбор за човекови права за ДВ изнесува сомнеж за веродостојноста на бројот на собрани потписи, но вели дека дури и половина од нив да се точни, тоа за него е бројка која е застрашувачка. Тој наведува дека има непосредни сознанија оти дел од потписите биле собрани под изнуда, измама и на незаконски начин.

Еден од противниците на истополовите браковиФотографија: DW/S. Bogdanic

„Тука се работи за директен, од црквата оркестриран напад на едно од најважните уставни права – правото на достоинство. Се работи за обид за поткопување на рамноправноста како еден од темелите на кои почива оваа општествена заедница“, смета овој активист.

„Под изговор за заштита на светиот, традиционален, хетеросексуален брак, се сака да се пласира опасен сет на вредности во кој мнозинството, преку злоупотреба на инструментите на демократскиот општествен поредок, би го понижило и деградирало малцинството. Користењето на референдумот во такви цели е недопустливо и неспоиво со суштината на демократијата“, оценува Сјекавица.

Црквата ја потресе цивилната сцена

Политикологот Шпехар потврдува дека за првпат во Хрватска се јавуваат јаки организации на цивилното општество кои не и’ се противат на црквата, имајки предвид дека досега невладините организации по правило и‘ контрираа на институционалната црква. Тој смета дека црквата сега веќе не се вклучува во општествените односи преку својата хиерархија, туку тоа го прават нејзините цивилни претставници кои не настапуваат како црква.

Сјекавица смета дека за иницијативата се мобилизирани неуки луѓе преку манипулација.

Жељка Маркач е на чело на иницијативата „Во име на семејството“Фотографија: DW/S. Bogdanic

„Тврдењето дека Европскиот суд за човекови права одлучил оти хомосексуалниот брак не е човеково право е целосна манипулација. Според мислењето на судот, не само што хомосексуалниот брак не претставува човеково право, туку и бракот воопшто не се става во категоријата на човекови права, а истополовите заедници, што произлегува од одлуките на овој суд, имаат карактер на семејство“, наведува активистот.

Челните луѓе на иницијативата, иако тврдат дека немаат ништо против хомосексуалците, често се служеа со лажни интерпретации на една американска научна студија, која наводно докажала дека децата од хомосексуалната заедница имаат повеќе проблеми во животот од децата на хетеросексуалните парови. Самиот автор на истражувањето неколку пати наведуваше дека таквата интерпретација е погрешна, бидејќи тој не истражувал деца од геј бракови.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми