1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

75 години од крајот на Втората светска војна

Ралф Бозен
8 мај 2020

На 8 мај 1945 година капитулираше нацистичка Германија. Со тоа заврши Втората светска војна, која како ниту еден друг настан дотогаш влијаеше врз германската историја. Денес сеќавањето е попотребно од кога и да е.

Deutschland 1945 Berlin
Берлин во 1946 годинаФотографија: picture-alliance/Judaica-Sammlung Richter

Тоа попладне на 30 април 1945 година, додека Црвената армија јуриша на центарот на Берлин, Адолф Хитлер за себе гледа само еден можен излез. Не сака да им падне жив в раце и така да поднесе сметка за својата злосторничка мегаломанија. Нацистичкиот диктатор и Ева Браун, со која штотуку се венчал, извршуваат самоубиство во „фиреровиот бункер“, 12 метри под земја. Последните следбеници ги палат нивните тела и ги погребуваат остатоците кај излезот во бункерот .

Брутални промени во светот

Но, крајот на Хитлеровата „илјадагодишна империја“ е запечатен дури на 8 мај. Тој ден генералите на Вермахтот потпишуваат безусловна капитулација на Германија. Со тоа е ставен крај на Втората светска војна во Европа, која започна на 1 септември 1939 година со инвазијата на Германија врз Полска. Војната во Азија траеше уште неколку месеци, до капитулацијата на Јапонија на 2 септември 1945. Се проценува дека во текот на војната загинале повеќе од 60 милиони луѓе. Лицето на светот се деформираше на најбрутален можен начин.

Командантот на Вермахтот, Вилхелм Кајтел, потпишува капитулација Фотографија: picture-alliance/dpa

Многу градови беа во урнатини - и во Германија, земјата одговорна не само за почетокот на војната, туку и за геноцидот во концентрационите логори мотивиран од расно лудило. А германското население? Дали тоа се чувствуваше поразено или ослободено од нацистичкото владеење?

„Непосредно по 8 мај воопшто не размислував дали сме поразени или ослободени“, изјави своевремено покојниот високопозициониран политичар на Социјалдемократската партија на Германија (СПД),Егон Бар. Снимката од таа негова изјава како сведок на времето се наоѓа на интернет порталот на бонскиот музеј Куќа на историјата. „Се разбира дека сме поразени, што друго? Но, и ослободени сме. Ни се случи и едното и другото. Но, тоа и не ни беше важно, туку важно беше тоа што сме преживеале. Тоа беше најважно!“

Борбата за опстанок по војната

Повеќето преживеани можеби и размислувале како Егон Бар, но безброј луѓе останаа трауматизирани - мажите поради учество во воените операции, 800.000 до два милиона жени поради силувања извршени пред се’ од советски војници. Точните бројки денес веќе не можат да се утврдат.

Речиси 14 милиони луѓе побегнаа од германските источни и централноисточни региони или оттаму беа протерани. Мораше да бидат интегрирани од страна на до темел потресената Германија. Искуство кое ги сензибилизираше сведоците на тоа време кои се се’ уште живи за актуелната состојба на бегалците.

На Германците им чукна т.н. „нулта час“ - борба за опстанок непосредно по војната. Тие ја вложија својата преостаната енергија во напорната обнова на земјата. Расчистувањето на урнатините би било речиси невозможно без потфатот на жените, или како што ги нарекуваат „жени од урнатините“ (Trümmerfrauen). Под тоа име влегоа во легендите.

„Жените од урнатините“ во Берлин (август 1937 година)Фотографија: picture-alliance/dpa

Но, Германците отстрануваат уште нешто - урнатините на минатото. Тоа е време на заборав и потиснување на сопствената вина за војната. Се смета само она што е сега и овде. За соочување со минатото се’ уште не беше минато доволно време, за тоа немаше доволно волја и сила.

Од диктатура до демократија

„Помеѓу 1945. и 1949. за Германија се посебно важни две работи. Прво, Германците мораа да го прифатат поразот, што за многумина било многу тешко. Второ, мораа да се подготват за нов начин на живот - и како нација и како политичка целина“, вели за ДВ публицистот и историчар Флоријан Хубер.

Тој потсетува на долгогодишното перење на мозокот со нацистичка пропаганда, но истовремено е уверен дека „искуствата од времето на Студената војна, му олесни пред се’ за западногерманското општество да прифати дека припаѓа на западниот свет“. За тоа, додава Хубер, придонесе и „усвојувањето на новиот демократски устав, кој го имаме и денес“.

Аушвиц: Заедничкото сеќавање поврзува

04:31

This browser does not support the video element.

Надворешната политика на Сојузна Република Германија се раководи од принципите на добра волја и соработка. Кога станува збор за армијата, се случува радикална промена. Бундесверот е граден како одбранбена војска. Неговото ангажирање во странство политиката го овозможи дури по 1990 година, а и тоа беше можно дури по долга расправа и под строги услови. Освен тоа, поголемиот дел од тие ангажмани е од логистичка природа.

СР Германија, како и подоцна обединета Германија, се посветени на европското обединување. Историската одговорност за холокаустот и безбедноста на Израел се делови на државната доктрина. Германија се залага за темелните вредности како што се слободата, демократијата и човековите права.

Темната страна на новата национална гордост

Политички и општествено, Германија многу бавно излегуваше од сенката на својата нацистичка историја. Соочувањето со минатотона Западот почна дури во 1960-те. Децении по завршувањето на војната за мнозинството Германци тешко можеше да се каже дека се горди на својата земја. Тоа се промени дури по мирното обединување во 1990 година - постепено се идентификуваа со својата нација, а од Светското првенство во фудбал во 2006 година и Германците во својата земја мавтаат со националното знаме и со самодоверба ја пеат својата химна.

02:51

This browser does not support the video element.

Но, како што покажуваат анкетите, општото знаење за Втората светска војна и за нацистичката ера постепено опаѓа, посебно меѓу младите. Истовремено, духовите на минатото никогаш не исчезнаа сосема. Напротив, за тоа сведочи и зголемениот број напади и различни активности на десните екстремисти. Многу политичари ја обвинуваат деснопопулистичката партија Алтернатива за Германија (АфД) дека е „духовен двигател“ на сето тоа.

Политичарите од АфД остро ги отфрлаат таквите тврдења, но воедно и редовно предизвикуваат огорченост со своите провокативни изјави. Борбата околу културата на сеќавање е одамна почната. Нивниот поранешен лидер, а денес почесен претседател на партијата Александер Гауланд, во 2018 година ја изрече оттогаш многу цитираната реченица: „Хитлер и нацистите се само птичји измет во повеќе од илјада години успешната германска историја.“

Борба за култура на сеќавање

Или првиот човек на АфД во покраината Тирингија, Бјерн Хеке. Тој берлинскиот спомен-комплекс посветен на холокаустот во јануари 2017 година го нарече „споменик на срамот“. Тој зборува за „глупава политика на соочување“. Тоа очигледно не и’ нанесе штета на неговата партија. Таа веќе со години освојува гласови на изборите, наспроти тоа, или можеби токму поради тоа што ги тестира границите на она што смее да се изговори. „Мора да бидеме сосема свесни дека АфД денес претставува значаен дел од германското општество“, вели историчарот Флоријан Хубер.

АфД е тука за да остане. „Сугурно ќе бидеме сведоци на долга и тешка борба помеѓу оние кои инститираат да се продолжи со потсетување на поуките од минатото и оние кои сакаат да го затворат еднаш засекогаш тоа поглавје од германската историја.“

Германската канцеларка Ангела Меркел и полскиот премиер Матеуш Моравјецки по полагањето венец во Аушвиц (6.12.2019)Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Michael

Канцеларката Ангела Меркел е повеќе од свесна за тоа. На шести декември 2019 година таа го изнесе својот став за културата на сеќавање - и тоа на местото кое ги прикажува злосторствата на нацистите како ниедно друго - во Аушвиц, некогашниот германски концентрационен логор во Полска. Во текот на својата прва посета, која привлече големо внимание, таа изјави: „Не смееме никогаш да заборавиме. Никогаш не може да се подвлече линија и не може да има релативизација.“ По тоа прашање зад канцеларката стои мнозинството граѓани на Германија. Според истражувањата, тие и натаму чувствуваат морална одговорност за историјата на својата земја.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми