1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Историја

75 години Повелба на ОН: Идеалите на тежок испит

Ралф Бозен
26 јуни 2020

Кога претставниците на 50 држави го потпишаа основачкиот договор на Обединетите нации, зад нив беа ужасите на Втората светска војна. Денес нивните идеали се пред тежок тест на издржливост, меѓу другото и поради Трамп.

UN-Generalversammlung
Фотографија: Imago Images/Xinhua/Li Muzi

Беше тоа контроверзен говор. Пораката на претседателот на САД во септември минатата година во Обединетите нации беше јасна: „Иднината не им припаѓа на глобалистите, туку на патриотите“, рече Доналд Трамп и додаде: „Мудрите лидери на прво место ја ставаат благосостојбата на сопствената земја и на сопствениот народ“.

Предлози за меѓународни мировни проекти? Американскиот претседател тогаш не кажа ниту еден збор за тоа.

Прво САД, потоа ООН

Ваквата непогрешлива формулација на неговата политика „Америка, прво“ уште еднаш јасно стави до знаење: приоритетите на Трамп немаат никаква врска со идеалите на ОН. Еден од неговите твитови го најави тоа уште во декември 2016 година. Непосредно пред да стапи на должноста, тој ги опиша Обединетите нации како „клуб во кој луѓето се собираат, разговараат и уживаат“.

Досегашниот резултат од овој нарушен однос е следниов: САД се повлекоа од глобалниот договор за климата, го откажаа учеството во Пактот за миграција на ОН, го намалија својот финансиски придонес во мировните мисии, се повлекоа од УНЕСКО и од Советот за човекови права на ОН. Неодамна, Трамп ја критикуваше Светската здравствена организација, опишувајќи ја како неспособна.

Универзалното значење на ОН

Притоа токму меѓународната соработка беше основна цел на ОН. Стануваше збор за надминување на националните егоизми во полза на светскиот мир. Предуслов за тоа беше договорот од универзално значење- Повелбата на Обединетите нации.

Фотографија: AFP/S. Loeb

Пред точно 75 години, кога претставниците на 50 земји во Сан Франциско ја потпишаа Повелбата на ОН, тие беа под голем и директен впечаток на двете светски војни. Поради тоа, во првата и најважна преамбула на Повелбата се вели: „Ние, народите на Обединетите нации, решени сме да ги спасиме идните поколенија од ужасите на војната, која  двапати во текот на нашите животи му  нанесе неописливи страдања на човештвото“.

Повеќе:

-ОН се оставени на цедило

-Трамп во ОН: Подобро е кога чита напишан говор

-60 години од стапувањето во сила на Повелбата на ОН

Понатаму, целите вклучуваат почитување на човековите права и основните слободи, без оглед на „расата, полот, јазикот или религијата“. Повелбата ги опишува задачите и надлежностите на Обединетите нации.

 Победничките сили во Втората светска војна - САД, Велика Британија и Советскиот Сојуз, преговараа за првите концептуални темели на Повелбата. Подоцна им се приклучија Кина и Франција. Овие пет држави добија постојано место во најмоќното тело во ОН, Советот за безбедност. Повелбата стапи на сила на 24 октомври 1945 година и стариот сонна човештвото за мир во светот конечно требаше да стане реалност.

Фотографија: picture alliance/dpa/akg-images

Застарени структури во Советот за безбедност

Но патот е трновит. Постојано се критикува недоволната ефикасност и преголемата бирократизација на светската организација. А тука се и настојувањата на одделни држави да ја инструментализираат ОН за своите потреби. Како одбрана од овие критики можат да се наведат зборовите на вториот генерален секретатр, Швеѓанинот Даг Хамаршелд. „ОН не се создадени човештвото да го одведат на небо, туку да го спасат од пеколот“, рече Хамаршелд.

Деструктивните и унилатералните маневри на Трамп не се единствениот испит за издржливот на заедницата на народите. За некои проблеми таа е сама виновна. „Трамп не направи многу работи како што требаше. Во тоа спаѓа и конструктивното учество во работата на Советот за безбедност. Но, за тоа не е само тој виновен, туку и застарениот систем на Советот за безбедност“, вели за ДВ поранешниот германски амбасадор во ОН, Гунтер Плојгер (2002-2006). Според него, најмоќното тело во ОН не го претставува денешниот свет, туку оној од 1945 година. Структурата овозможува петте светски сили - САД, Русија, Кина, Велика Британија и Франција, со право на вето да можат да спречат каква било одлука со едно НЕ. „А тие дури тоа и не мораат да го образложат“, вели Плојгер. Досегашните обиди за реформа, кои најмногу ги бараат Индија, Бразил, Јапонија и Германија, постојаните членки на Советот за безбедност ги спречија.

Фотографија: picture-alliance/dpa/R. Hirschberger

Сините шлемови не ги спречија масакрите во Руанда и во Сребреница

Покрај крутите структури, тука се и извештаите за сексуални напади на хуманитарците од ОН и на сините шлемови. Или тоа дека земјите „во кои воопшто не се почитуваат човековите права не само што се примени во Советот за човекови права, туку повремено и преседаваат со него“, забележува поранешниот германски амбасадор во ОН.Угледот на организацијата која денеска брои 193 земји членки пред сѐ е нарушен со неуспесите за време на некои мировни мисии. Отако сините шлемови ја напуштија Руанда во 1994 година наместо да го спречат геноцидот на Тутсите и од кога се дозна дека војниците на ОН го дозволиле масакарот на цивили во Сребреница во 1995 година, меѓународната јавност со многу поголема критика гледа на мировните операции на ОН.

Моќта на глобалниот поредок во глобализираниот свет

Сепак, меѓународната заедница на држави останува неопходна регулаторна сила во се поглобализираниот свет. Тешко може да се реши некоја голема криза без вклучување на една од бројните специјализирани организации на ОН -  на пример организација која ќе им помогне на децата или на бегалците - и многу други специфични организации, 156 од нив - секогаш се потребни неколку десетици од нив за да се реши некој воен конфликт и да се дојде до мир “, вели Плојгер.

Сепак, Обединетите нации постигнаа некои важни цели од нејзиниот основачки договор. Така, на 10 декември 1948 година Повелбата беше надополнета со Универзалната декларација за човекови права. За првпат, сите држави усвоија основни човекови права кои се важат подеднакво за сите луѓе. Иако оваа декларација не е обврзувачка за земјите членки, таа претставува пресвртна точка во историјата на почитување на човековите права.

Германија како непостојана членка го презема претседателството на Советот за безбедност од јули - само неколку дена по 75-годишнината од потпишувањето на Повелбата на ОН.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми