Со Битлси напиша историја, протестираше во кревет против војната, ги создаде химните „Дајте му шанса на мирот“ и „Замисли“ и стана икона на повеќе генерации - Џон Ленон!
Реклама
Да беше жив, денеска ќе наполнеше 80 години. Џон Ленон беше убиен на 8 декември 1980 година во Њујорк. „Погоден сум“, се неговите последни зборови. Ленон тогаш имаше само 40 години и беше култна фигура на својата генерација. Беше пејач и композитор на Битлси, неговите соло-албуми и уметнички хепенинзи фасцинираа и го поларизираа светот.
За делото на еден од највлијателните музичари на 20. век, во галеријата:
Џон Ленон и Битлси
Џон Ленон беше еден од највлијателните музичари на 20. век. Но, тој не беше ангажиран само како музичар, туку планираше и хипи-комуна на еден грчки остров, а во Њујорк стана домаќин.
Фотографија: AP Images/picture-alliance
Многу Бади Холи, малку училиште
Џон Ленон е роден во Ливерпул, на 9.10.1940 година. Уште како дете (на фотографијата со мајка му Џулија) Џон се интересирал повеќе за различни музички инструменти отколку за училиштето. Бади Холи и Елвис Присли му биле идоли. Во 1956. ја основа групата The Blackjacks, ја прекрстува во The Quarrymen и ги регрутира Пол Мекартни и Џорџ Харисон. Тоа е основата од која беа создадени Битлси во 1960-та.
Подемот на групата е неверојатен. На концертите музиката честопати се губеше во врескањето на женските фанови. Песните главно ги пишуваа Ленон и Мекартни, кои рано почнаа да се борат за спроведување на своите идеи и влијание во музиката на групата. На вториот албум „With the Beatles“, од 1963 година, една композиција е и од Џорџ Харисон.
Фотографија: PA Wire/picture-alliance
Зрел за на остров
Во 1967-та, во врвот на конзумирањето ЛСД и марихуана, групата се враќа од патување во Грција. Џон ги наговори колегите од групата да купат остров таму за да создадат хипи-комуна. Секогаш бевме добри во тоа да одиме на патувања со големи идеи, изјави подоцна Ринго Стар. Од сето тоа не излезе многу. Комуната остана само сон.
Фотографија: Solo Syndication/Daily Mail/picture-alliance
Се’ што ви треба е љубов
Истата година Битлси добија задача од Би-Би-Си да компонираат песна за настанот што се пренесуваше во живо ширум светот - „Нашиот свет“. Кратко потоа, групата заедно со 13-член оркестар и пријателите Мик Џегер, Ерик Клептон и Мериен Фејтфул во Еби Роуд студијата ја снимаше „All You Need Is Love“. Според многумина, Битлси тогаш беа на врвот од својот музички потенцијал.
Фотографија: United Archives/picture-alliance
Пукнатини
Во 1966 година Џон Ленон ја запозна јапонската авангардна уметница Јоко Оно. Во 1968-та излезе нивниот заеднички албум „Two Virgins“. Ленон свиреше на концерти без Битлси, а во 1969 година следуваше и уште еден албум со Оно и свадба. Двојката ја основаше групата Plastic Ono Band, додека пукнатините во Битлси стануваа се’ подлабоки. Ленон подоцна го критикуваше нивниот последен албум „Abbey Road“.
Фотографија: Getty Images/Keystone/M. Webb
Уметничка слобода
На фотографијата е прикажан Џон Ленон во 1971 година, една година по растурањето на Битлси. Мекартни го објави растурањето на групата и со тоа го „претрка“ Ленон, кој ги извести колегите за својата одлука. Иако недоразбирањата со Ленон ги опиша како „прилично болни“, Мекартни демантираше дека членовите на групата некогаш се мразеле.
Фотографија: AP Images/picture-alliance
Њујорк
По распадот на Битлси, Ленон и Јоко Оно во 1971 година се преселија во Њујорк. Во средината од 1970-те Џон се повлече од јавноста и како домаќин се грижеше за својот втор син. На фотографијата од август 1980 година двојката е на пат кон студиото Hit Factory Recording, каде се снимаше првиот албум на Џон Ленон по пауза од пет години и истовремено негов последен албум „Double Fantasy“.
Фотографија: Steve Sands/AP/picture alliance
Последениот албум
Албумот се појави на 17 ноември 1980 година, а на каверот Ленон и Јоко Оно се бакнуваат нежно. По убиството на Џон Ленон, три недели подоцна пред неговата зграда, „Double Fantasy“ се искачи на прво место на топ-листите, исто како и синглот „Starting Over“ и поранешните песни на Ленон како „Imagine“ од 1971 година.