1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Битката за Сталинград - пресвртница во Втората светска војна

Кристоф Хаселбах
2 февруари 2023

Битката за Сталинград заврши со капитулација на германскиот Вермахт, на 2 февруари 1943 година. Денес, руското раководство ја користи комеморацијата за кампања за војната во Украина и извлекува паралели.

битка за Сталинград Втора светска војна
Полузамрзнати, изгладнети, деморализирани: германски војници во јануари 1943 година во разурнатиот СталинградФотографија: AP Photo/picture-alliance

Индустрискиот град на Волга за германскиот Вермахт беше всушност поставен само како една етапна цел на патот до освојување на нафтените полиња во Кавказот. Поради името – денес градот се вика Волгоград – Сталинград и за германскиот диктатор Адолф Хитлер, но и за неговиот советски противник Јозеф Сталин, имал значење кое ги надминува стратешките рамки.

Поради многу долгите патишта за снабдување, германската офанзива на 6. армија под водство на генерал Фридрих Паулус на Сталинград уште од почеток беше ризична. Таа започнува кон средината на август во 1942 година, со првично спектакуларни успеси, една година по германскиот напад врз Советскиот сојузкој „заглави“ зимата 1941/42. „Русите се на крајот од силите“, изјави Хитлер на почетокот од офанзивата на Сталинград. Ова се покажува како голема заблуда. Точно е дека Вермахтот и покрај големиот отпор до средината на ноември успева да заземе голем дел од градот, но истовремено руската Црвена армија започнува маневарски контранапади од повеќе позиции со план за опсада. Веќе кон крајот на ноември целата 6. Армија и делови на четвртата тенковска дивизија се опколени. Тоа се речиси 300 илјади луѓе. Но, по наредба на Хитлер тие мора по секоја цена да ги држат позициите. Слична наредба во јули е издадена и од Сталин: „Ни чекор назад“.

Германските војници се целосно опколени. Нивната ситуација многу брзо се влошува. Со недели ги снабдуваат само преку „воздушен мост“. Но, тоа ни на почетокот не е доволно, а со напредувањето на руската Црвена Армија стигнуваат сѐ помалку пакети. Зимата е тешка, со температури до минус 30 степени. Поголемиот дел од војниците всушност и не умираат во борбени дејствија, туку како последица на неухранетост и студ. Ветената таканаречена „Офанзива за помош“ во повеќе наврати е неуспешна.

Војници на Вермахтот растовараат транспортен авион (зима 1942/43): воздушниот мост е недоволенФотографија: picture-alliance/akg-images

Паулус се спротивставува дури на крајот

И покрај сѐ, генералот Паулус ја почитува строгата наредба на Хитлер да се држи „до последниот војник“ и на 8 јануари ја отфрла советската понуда за капитулација. На 29 јануари, кога ситуацијата е веќе целосно безнадежна, Паулус му испраќа радио порака на Хитлер: „На годишнината од Вашето преземање на власта, 6. Армија го поздравува својот лидер. Знамето со свастиката сѐ уште се вее над Сталинград. Нека нашата борба биде пример за овие и идните генерации дека нема предавање ниту во најбезнадежната ситуација. Само така Германија ќе победи. Да живееш мој фиреру!“

Но, верноста на Паулус не е безгранична. Кога Црвената армија на 31 јануари влегува во неговото седиште во подрумот на една стоковна куќа, командантот е заробен. И на своите офицери им забранил да се самоубијат, бидејќи сметал дека сите треба да ја делат судбината на обичните војници кои биле затворени. Во меѓувреме, котлината на Сталинград е поделена на јужна и северна борбена област. По јужниот дел, на 2 февруари капитулира и северниот дел. Оттука 2 февруари Русија го слави како ден на победата во Сталинград. Германските војници се заробени, а Хитлер буквално полудел кога разбрал за капитулацијата.

Воениот заробеник Паулус (л.) со неговиот началник на Генералштабот и аѓутант по предавањето на 31 јануари 1943 годинаФотографија: Mary Evans Picture Library/Alexa/picture alliance

Неверојатно крвопролевање

Билансот на битката: повеќе од половина милион загинати на советската страна, меѓу кои и голем број цивили. Сталин долго време спречувал евакуацијата на цивилното население. Само во првите денови над 40 илјади цивили загинале во воздушни напади, а нацистичката армија, особено на Источниот фронт, презема брутални акции и против цивилите. Од околу 75 илјади луѓе кои остануваат до крајот на борбите, поголемиот дел умираат од глад или од премрзнатост. На германска страна проценките за загинати варираат меѓу 150 илјади и 250 илјади војници. Од речиси 100 илјади Германци, кои завршиле во советските затвори, до 1956 во Германија се вратиле само 6 илјади преживеани, меѓу кои и Фридрих Паулус.

Тоа за Вермахтот во Втората светска војна не е ниту битка со најмногу жртви, ниту најважната меѓу битките во воена смисла, но таа психолошки е од големо значење, меѓу другото и поради тоа што и Сталин и Хитлер ја сметаат како двобој за престиж. „Во Сталинград ја браниме Мајка Русија“, напиша тогаш советскиот писател Илја Еренбург. „Тоа е навистина прашање на живот и смрт, и нашиот престиж, како и оној на Советскиот сојуз, во голема мера зависи од исходот на битката“, забележал и Министерот за пропаганда на Хитлер, Јозеф Гебелс. Оваа битка е голема пресвртница во Втората светска војна. По овој пораз, Хитлерова Германија сè повеќе оди во дефанзива.

Остатоци од германски авион во урнатините на целосно уништениот градФотографија: dpa/picture-alliance

Сталинград и војната во Украина

Победата во битката кај Сталинград станува мит во Советскиот сојуз: беше нанесен клучен пораз на армијата на национал-социјалистичка Германија која долго време важеше за најсилната на светот.

И со таквиот мит руското раководство се служи и денес - токму во војната против Украина. Кремљ со месеци се труди војната во Украина да ја прикаже како нова борба против нацисти во врвот на раководството на украинската држава кои сакале да го истребат руското население на истокот на земјата. Уште кога издаде наредба за напад, претседателот Владимир Путин најави дека ќе ја „денацифицира” Украина.

И музејот „Сталинград“ во денешен Волгоград е вклучен во таквата приказна. Во рамки на музејот се наоѓа изложба која со години е меѓу најпосетуваните во Русија. Таму периодов беа организирани свечености за семејствата на руските војници кои загинаа во Украина. Во музејот се одвиваше и церемонија на патриотската младинската армија која се финансира од Министерството за одбрана, и во која деца се слават како „потомци на победниците од Сталинград”. Познати воени споменици во Волгоград станаа и места на кои се собираат војниците на патот кон Украина.

Претседателот Владимир Путин постојано зборуваше дека сака да ја „денацифицира“ УкраинаФотографија: Pavel Bednyakov/Kremlin/REUTERS

Притоа квалификацијата на Путин за украинското раководство како „нацисти” единствено може да се сфати чисто како повод за неговиот напад. А, паралелите кои ги влече меѓу денес и времето пред 80 години историски се неиздржани. Клучната разлика е што во 1941 година Советскиот сојуз беше нападнат од нацистичка Германија, а во 2022 година земјата наследник на Советскиот сојуз, Русија, ја нападна соседна Украина, без да биде самата загрозена.

Поставена нова биста на Сталин

Колку различно се гледа на минатото во Украина и во Русија, покажува и доживувањето на личноста на Јозеф Сталин. За 80-годишнината од битката кај Сталинград, сега ќе биде откриена нова биста на поранешниот советски диктатор - и тоа во градот којпо смртта на Сталин беше преименуван во Волгоград поради ужасите на неговото владеење кои милиони лица ги платија со живот.

Во Украина, Сталин важи за идеен креатор на „Холодомор” (убиство преку изгладнување). Во годините 1932 и 1933 само во Украина до четири милиони лица починаа како последица на тешка криза со глад, која според мислење кое преовладува во Украина била свесно предизвикана за да се скрши отпорот на украинските земјоделци против присилното здружување во задруги.

Таков став застапуваат и германскиот Бундестаг и Европскиот парламент, кои на крајот на минатата година Холодоморот го оквалификуваа како геноцид.

Реакцијата од Москва тогаш беше дека германските пратеници „одлучиле оти со инает ќе го поддржуваат таквиот политички и идеолошки мит кој се негува од страна на украинските власти под притисок на ултранационалистичките, нацистичките и русофобни сили“, се вели во реакцијата од руското Министерство на надворешни работи.

На 80-годишнината од битката, во Волгоград беше откриена нова биста на СталинФотографија: Pavel Bednyakov/Sputnik/SNA/IMAGO

Заеднички германско-руски воени гробишта

Германските и руските власти досега соработуваа барем во врска со мртвите од битката кај Сталинград. При градежни работи во Волгоград и околината сѐ уште се наоѓаат лешови и цели масовни гробници, секако и тела на загинати германски војници меѓу нив. Благодарение на соработката меѓу Народниот сојуз за грижа за германските воени гробишта и руските власти, посмртните останки се префрлаат на официјални гробишта за паднатите војници, како на пример Росошка коишто се наоѓаат надвор од Волгоград. Тука се погребани војници на Вермахтот и на Црвената армија, навистина поделени со една улица, но сепак во рамки на истите гробишта.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми