1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ИсторијаГерманија

Варшава: Штајнмајер замоли за прошка

ЖА / агенции
19 април 2023

Штајнмајер е прв германски претседател кој држи комеморативен говор по повод годишнината од востанието во Варшавското гето во 1943 година, во кое биле убиени или депортирани речиси 56.000 Евреи.

Франк Валтер Штајнмајер Анджеј Дуда  Исак Херцог Полска
80 години од востанието во Варшавското гето: Франк Валтер Штајнмајер, Анджеј Дуда и Исак ХерцогФотографија: KACPER PEMPEL/REUTERS

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер, на одбележувањето на 80-годишнината од востанието во Варшавското гето побара прошка за злосторствата на германските окупатори во Втората светска војна. „Стојам денеска пред вас и ве молам за простување на злосторствата кои ги извршија овде Германците, а кои ме исполнуваат со длабок срам “, изјави Штајнмајер денеска пред Споменикот на хероите од гетото во полскиот главен град.

На комеморациите во Варшава, на кои присуствуваат и претседателите на Полска и на Израел, Анджеј Дуда и Исак Херцог, Штајнмајер истакна дека помирувањето на двете држави со Германија е бескрајно скапоцен подарок.

„Германците извршија прогон и убиства на Евреите во Европа и на варшавските Евреи со свирепост и нечовечност која ме остава без зборови“, порача германскиот претседател, изразувајќи благодарност и восхит што сепак луѓето во Израел и во Полска им подарија прошка на Германците.

Штајнмајер ја подвлече историската одговорност на Германија, која ќе продолжи да се протега и во иднина: „Таа останува да не` опоменува и да биде наша задача во сегашноста и во иднина“.

Германските окупатори, под изговор за постоење наводна опасност од зараза, есента 1940 година го создале Варшавското гето, затворајќи таму Евреи од цела Полска. На периоди, во гетото во централното градско подрачје биле затворени до 450.000 луѓе. На 19 април 1943 година еврејските жители на Варшавското гето се дигнале на востание против германските окупатори, кое траело до средината на мај и во кое биле убиени или одведени во концентрациони логори повеќе од 56.000 Евреи.

Најважната поука од германската историја гласи- „Никогаш повеќе!“ изјави денеска во Варшава Штајнмајер. Германците ја научија оваа лекција, порача германскиот претседател, истовремено потсетувајќи на руската агресорска војна против Украина:

„Никогаш повеќе, тоа значи дека денес сме на страната на Украина, заедно со Полска и нашите други сојузници. Ја поддржуваме Украина хуманитарно, политички и воено, заедно со нашите партнери.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми