1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Човекови праваСеверна Македонија

8-ми март не е „празник”, туку завет за борба

Kica Kolbe mazedonische Schriftstellerin und Philosophin
Кица Колбе
9 март 2026

Ниту правата на жените во постсоцијалистичките земји како Македонија, не се повод за празнична еуфорија, туку за горчливо сознание дека македонските жени и денес немаат еднакви права со мажите. Пишува Кица Колбе

8-ми март не е „празник”, туку завет за борбаФотографија: imago/IPON

Како можеше еден датум на кој светот се потсетува на борбата на американските и европските социјалистки, како Клара Цеткин и Роза Луксембург, да се банализира во празникот на кој мажите го даруваат „понежниот пол”? Овој длабоко амбивалентен израз беше актуелен и во Југославија.Тогаш секоја година ритуално се потсетуваше на почетокот на борбата за правата на жените во минатото, со што, веројатно, се сметаше дека во социјализмот таа борба беше завршена.Така жените станаа „понежниот пол”, даруван еднаш во годината со парфем, со цвеќе и со вечера во ресторан. Притоа се прашувам, во однос на кого жените беа „понежниот пол”? Во однос на мажите, претпоставувам. Тогаш мажите се „помалку нежениот пол”? Сликата содржи цел арсенал од клишеа!

„Понежниот пол“

Всушност, самиот израз крие во себе патерналистички став на мажите кон жените и кон споменот на нивната борба во минатото. Ако веќе мора да „празнуваме”, тогаш не во спомен на силните, непомирливи жени како Роза Луксембург, туку како награда за „понежниот пол”. Можеби затоа што и во социјализмот не беше прифатлива критиката на системот и на местото на жената во него. Тој невкусен израз, „понежниот пол”, кој, патем, крие во себе и сексистички асоцијации, уште е во употреба во македонскиот машки жаргон. Притоа во клишето за жените како „понежниот пол” веќе се пројавува нееднаквоста во перцепцијата на жените. Мажите кои ги даруваат жените на денот, на кој светот се сеќава на почетокот на демонстрациите со барања за право на жените да гласаат, како и за еднакви политички и социјални права за работничките, всушност, го факсификува сеќавањето на таа борба на жените како Роза Луксембург. Зашто таа, конечно, поради нејзината решителност и политичка харизма, беше ликвидирана, заедно со социјалистот Карл Либкнехт, во 1918 од гардата на пруската армија. Затоа што реакционерните сили во нејзината харизма гледаа опасност.Со тоа убиство веќе се пројави духот кој подоцна јасно се манифестираше во националсоцијализмот.

Правата на жените на Балканот

01:33

This browser does not support the video element.

Може ли тогаш одбележувањето на 8-ми март да биде празнична еуфорија? Нели тоа попрво треба да биде критичка свест поради се‘ почестото непочитување на  правата на жените  во многу земји во светот? Секако, ниту правата на жените во постсоцијалистичките земји како Македонија, во кои во транзицијата се етаблираше немилосрдниот „турбо-капитализам”, не се повод за празнична еуфорија, туку за горчливо сознание дека македонските жени и денес немаат еднакви права со мажите.

Отсекогаш ме одбиваше 8-мимартовскиот фолклор со цвеќињата, подароците или заедничките излети со колегите и колешките. Сите прослави, сите пригодни осмомартовски ручеци завршуваа со сексистички изјави, скриени во целофанот на божемни комплименти. На самосвесните жени како колешки и соработнички не им треба кичот на „празникот на жената”, организиран од мажите, туку секојдневна почит на нивните права, на нивната стручност и на нивната суверена личност. А за тоа има конкретни параметри. Најважните се бројките за тоа колку тие се застапени на највисоките функции и во која мера нивната плата е пониска од таа на мажите. И во модерните општества како германското, жените уште заработуваат помалку од мажите, иако насекаде има референтки за еднаква застапеност на жените.

Кога дојдов во Германија на почетокот на 80-тите, во јавноста 8-ми март се одбележуваше само на вестите. Во тоа време на политичката сцена се појави партијата на „Зелените”, а во неа тогаш имаше  многу храбри, силни и еманципирани политичарки,  како Петра Кели или Јута Дитфурт. Покрај многу други важни теми, тие го поттикнаа и јавниот политички дискурс за правата на жените. Впрочем, тие со сиот свој политички хабитус сведочеа за „силата на жените”. Тогаш конзервативните уште 8-ми март го нарекуваа „комунистички ден на мајката”. Можеби затоа што 8-ми март беше одреден во 1921 како датум за борбата на жените за своите права на „Втората меѓународна конференција на комунистичките жени“ во Москва. Иако и ОН во 1975 го прогласија 8-ми март како „Меѓународен ден на ОН на жените и на светскиот мир”. Барем за ОН жените се исто толку значајни како и светскиот мир – што значи, и двете нешта се постојано загрозени!

„Голем празник во Македонија“

Утринава една германска пријателка ми испрати порака, во која ми го честиташе на скуден македонски денот на жените 8-ми март.Таа со тоа сакаше да ми причини особена радост.Нејзината македонска чистачка, која била „речиси неписмена”, и‘ ги запишала трите збора. Таа и‘ раскажала дека тоа бил голем празник во  Македонија.  Дека сите жени се радувале на тој празник, затоа што тогаш мажите во фамилијата им подарувале цвеќе. И‘ одговорив на пријателката дека, за жал, жените во Македонија имаат малку причина да го доживуваат тој ден како празник, туку повеќе како повод за борба и револт. Доволно е да потсетиме на зголемувањето на бројот на фемицидите, семејното насилство, но и социјалната незаштитеност на жените во многу приватни фирми. Си помислив дека смислата на 8-ми март би била исполнета кога македонските млади жени, родени во транзицијата, нема да бидат „речиси неписмени” и нема да бараат работа како чистачки во германските фамилии. Реалноста го разобличува „празнувањето” на 8-ми март со стариот фолклор, затоа што таа млада жена од Македонија не знае дека тој ден треба да потсети на борбата на жените како Роза Луксембург, еден ден сите жени во своите родни земји да имаат право на солидно образование, еднакви шанси при вработувањето и еднакво финансиско вреднување на нивната работа. Сите жени!И тие како младата македонска чистачка во Германија, независно од нивната етничка или социјална припадност.

Оваа колумна го изразува личното мислење на авторот и може да не се совпаѓа со редакцискиот став на македонската редакција на Дојче Веле или со ДВ во целина.

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми