1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

95-0-0

19 декември 2018

Ние оној дел со „мрчење, ама гласање” ќе го завршиме, и тоа релативно успешно. Потоа следи проблематичниот дел за нас. Колумна на Петар Арсовски.

Petar Arsovski
Фотографија: Petar Arsovski

Со 95 гласа за, ниту еден воздржан и ниту еден против, помина и законот за амнестија, и тоа со безмалку едногласна поддршка. По ваквата консолидација околу политичкиот процес на помирување, која е неопходно врзана со поддршка за уставните измени како предуслов за затворање на договорот од Преспа, изгледа дека овој чин се ближи кон својот епилог. Барем во политичка смисла, по сѐ изгледа дека политичките елити најдоа некој најмал заеднички содржател – СДСМ жртвуваше дел од поддршката од критичката јавност (онаа која се противи на каква било амнестија), а ВМРО ДПМНЕ, прифаќајќи модел на амнестија каде ги нема најголем дел од поважните организатори, со што се откажа од борбата за амнестија за половина од обвинетите.

Процесот е во реална завршница

Сега останува да се спроведе процесот на ратификација кај нас и во Грција, за потоа да се оди на ратификација на НАТО-членството, и почетокот на преговори со ЕУ. Новогодишно, добро е да се потсетиме кои уште клучни точки во овој процес нѐ очекуваат во 2019-та. 

Прво, регионот ќе се возбуди (иако задоцнето) околу завршувањето на овој процес. Бугарија и Грција, а особено нивните помали национални партии, допрва сега, при крајот на овој процес, се соочуваат со реалноста на ваквата политичка разрешница помеѓу Македонија и Грција. Самата жестина на изјавите на бугарските и грчките помали партии, е најдобар индикатор за тоа дека процесот е веќе во реална завршница. Бугарија е тука помалата варијабла – освен за национална нервоза и по малку за домашен „уметнички впечаток”, таа нема веќе големо влијание на процесот, ниту на неговиот епилог. Грција е подруга приказна: иако и таму има дел од шоуто за домашна публика, тензијата која се зголемува пропорционално со доближувањето на рокот за ратификација во грчкиот парламент, може да ја комплицира ситуацијата, дури до таму да е потребна интервенција од македонска страна или од меѓународната заедница. На крајот, Русија, која веќе отворено се противи на евроатлантските интеграции на Македонија, треба да се очекува да се активира засилено, особено во дигиталниот простор, во обид да ја спречи (безуспешно), или барем да ја подигне домашната политичка цена (успешно) за овој процес. Погледнете колку се само нивните „ботови” фокусирани на сите сојузници на овој процес – тоа е индикатор за тоа дека проектот се ближи кон заклучница.

Други колумни од авторот:

Клатното

Пинк Пантер

Значи, сѐ на сѐ, ние оној дел со „мрчење, ама гласање” ќе го завршиме, и тоа релативно успешно. Потоа следи проблематичниот дел за нас – работата. По политичкиот пробив, ќе ни остане процесот на забрзани реформи за да го стигнеме рокот на извештајот на ЕУ со поголемиот дел од проектите „штиклирани”, што за нас секако претставува сериозен предизвик имајќи го предвид лаконскиот пристап и недостатокот на капацитет на локалната администрација. 

Постои ризик да бидеме жртва

Почетокот на преговори со ЕУ ќе биде проблематичен и од неколку други аспекти. Прво, извештајот доаѓа во април (ако не се одложи поради внатрешната динамика во ЕУ). Ние ако го завршуваме политичкиот процес до февруари, тешко дека можеме да направиме брз пробив во времето кое останува. Второ, следат избори за европарламентарци, во мај 2019. Македонија тука ќе влезе во најкомплицираниот расчекор – парламентот ќе биде распуштен и ќе се очекува нов состав со нови политики, кои по сѐ изгледа, ќе бидат далеку поконзервативни и помалку ентузијастички расположени кон проширувањето, и старата Европска комисија, од претходниот состав, на која проширувањето ќе ѝ биде единствениот реален тестамент за постигнувања. 

Оттаму, проблемите со дел од земјите членки на ЕУ, Франција, Холандија и Данска, не треба да очекуваме дека ќе се намалат, напротив, во престројувањето кон новата европска реалност, најверојатно евроскептична, постои ризик ние да бидеме една од жртвите на новата политичка сцена во ЕУ. Прашањето за нас е - дали ќе успееме со реформите и со неопходните проекти да осигуриме датум за почеток на преговорите, пред да нѐ стаса новиот бран десни, национално определени и евроскептични партии во парламентот на Европа. Суштински се сомневам во нашиот капацитет за таков пробив, особено без национален консензус дома.

Една од добрите вести е што САД преку серијата високи претставници, јасно и недвосмислено покажаа дека и новата администрација на Трамп, ќе го задржи и интересот, и истиот курс на нивната надворешна политика кон Балканот. Со тоа барем пропаѓаат надежите на противниците на овој процес дека (веќе не толку) новата администрација на Трамп може да ја редефинира нивната геостратешка парадигма за овој дел од светот.  Тоа секако ќе помогне, и на домашната сцена, и во регионот, а и во новото позиционирање кон ЕУ во 2019 година.

Вкупно, изгледа дека во 2018 ќе се протнеме низ иглени уши. Дали среќата ќе „нѐ држи” и во 2019, тоа допрва ќе видиме.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми