1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
КриминалГерманија

Лајпциг: Авионот покрај дронот бил натоварен со муниција

АРД
6 август 2026

Аеродромот Лајпциг/Хале можеби за малку избегнал катастрофа: според информациите на три германски медиуми, украинскиот товарен авион покрај кој бил пронајден дронот со експлозив бил натоварен со муниција.

Авион од Типот Антонов на аеродром. Во негова близина има повеќе комбиња
Авионот државната украинска авиокомпанија „Антонов Ерлајнс" до кој бил пронајден дронот со експлозив бил натоварен со муницијаФотографија: Hendrik Schmidt/dpa/picture alliance

Германскиот министер за внатрешни работи Александер Добринт зборува за „нов квалитет на опасност“ и „сценарио на хибриден напад“: во ноќта меѓу вторник и среда на аеродромот Лајпциг/Хале бил пронајден дрон на кој била прикачена експлозивна направа. Анализите на криминалистичките експерти покажале дека најверојатно станувало збор за високоексплозивен материјал од типот што го користи војската.

Сè уште не е познато кој стои зад наводниот обид за напад. Дронот бил пронајден во близина на товарни авиони на украинска авиокомпанија. Преку аеродромот во Лајпциг, меѓу другото, се реализираат и воени транспорти за НАТО.

Регионалните радиодифузни сервиси ВДР и НДР заедно со весникот Зиддојче цајтунг (ЗЦ) дојдоа до нови детали за инцидентот. Според тие информации, еден од товарните авиони „Антонов“, покрај кој бил пронајден дронот со експлозив, превезувал воена муниција која непосредно претходно била транспортирана од Франција во Лајпциг и била наменета за натамошен транспорт. Ова произлегува од доверлив полициски извештај.

„Контакт меѓу дронот и вработен“

Според сознанијата на истражните органи, вработени на аеродромот во вторникот околу 23:42 часот забележале дрон како лебди меѓу два товарни авиони „Антонов“ на државната украинска авиокомпанија „Антонов Ерлајнс".

Потоа, како што се наведува во службениот извештај, дошло до „контакт меѓу дронот и еден вработен“. Потоа дронот завршил на земја. Системот за откривање и одбрана од дронови, кој наводно постои на аеродромот Лајпциг/Хале, претходно не го регистрирал леталото.

Министерот Добринт во средата изјавил дека сторителите веројатно го модифицирале дронот за намерно да ги избегне безбедносните системи.

Анализирани снимки од надзорните камери

Според информациите на ВДР, НДР и ЗЦ, истражителите во меѓувреме ги анализирале и снимките од надзорните камери на аеродромот. Прегледот на снимките од централниот безбедносен и координациски центар покажал дека дронот уште во 19:28 часот влетал на аеродромот од јужната страна, а потоа слетал на аеродромската платформа.  

Специјализираните тимови успеаја да го деактивираат дронот во операцијата што траеше неколку часаФотографија: Axel Schmidt/REUTERS

На видеоснимките не се гледа негово повторно полетување. Сепак, неколку часа подоцна дронот очигледно лебдел на мала висина меѓу паркираните украински товарни авиони, кога бил забележан од аеродромски работник.

Според сознанијата на Министерството за одбрана, во тој момент немало воени транспорти на германската армија Бундесвер на аеродромот. Сепак, Лајпциг/Хале важи за важен логистички центар за воени потреби. Според извештаите на властите, Украина од почетокот на војната во февруари 2022 година го користи аеродромот како алтернативна точка за транспорт на воена опрема.

Авион се судрил со објект

По пронаоѓањето на сомнителниот дрон, воздушниот сообраќај бил привремено прекинат. Поради тоа, товарен авион на ДХЛ кој доаѓал од Марсеј и требало да слета, морал повторно да се искачи.

Во тој момент авионот, според интерни извештаи на надлежните служби, при брзина од околу 500 км/ч и во висина на аеродромската ограда, удрил во непознат објект.

Постои можност да станувало збор за уште еден дрон. Авионот на ДХЛ, кој според истражителите превезувал опасен товар, го продолжил летот и бил пренасочен кон аеродромот Хановер-Лангенхаген.

Експертите утврдиле оштетување на предниот дел од леталото. Според информациите на ВДР, НДР и ЗЦ, бил земен „биолошки брис“, кој дал негативен резултат, па затоа удар со птица се смета за малку веројатен. Во судирот бил оштетен задниот дел на авионот.

Ќе се анализира црната кутија

Членовите на екипажот во меѓувреме биле сослушани од Покраинската криминалистичка полиција на Саксонија, а авионот ќе биде подложен на дополнителни форензички испитувања. Меѓу другото, ќе биде анализирана и црната кутија.

Сепак, главниот фокус на истрагата останува на дронот што бил опремен со експлозив. Експертите за деактивирање експлозивни направи од Криминалистичката полиција на Саксонија успеале да го отстранат детонаторот за да можат да продолжат понатамошните испитувања.

На дронот наводно било прикачено пакување експлозив со големина приближно колку човечка тупаница. Повеќекратните анализи покажале дека најверојатно станува збор за Семтекс (Semtex), експлозив што се користи и во воени и во индустриски цели.

Автори:  Јерг Дил (НДР/ВДР), Флоријан Фладе и Роман Лебергер (ВДР)

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми