(Не)очекуван сојуз во Германија против помошта за Украина
15 октомври 2026
Покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт бара неодложен стоп на сета германска финансиска и воена поддршка за Украина. Парламентот ја усвои оваа резолуција за време на вонредна седница, со гласовите од АфД и БСВ. Двете партии од актуелниот премиер на Саксонија-Анхалт, демохристијанинот Свен Шулце, бараат да се заложи за мировни преговори со Русија во Бундесратот, телото што ги претставува 16-те сојузни покраини на Германија.
Со оглед на тоа дека сојузните покраини немаат конкретни овластувања во однос на надворешната политика, предлогот нема да има никакво конкретно влијание врз политиката на Германија кон Украина.
Во име на БСВ, која неодамна за првпат влезе во покраинскиот парламент во Магдебург, пратеничката Клаудија Витих му се обрати на премиерот со зборовите: „Ваша одговорност е на овој начин конечно да се заложите за мир преку со расположливи средства“.
Иницијативата наиде на остри критики од другите партии. „Кој бара прекин на огнот само од нападнатата страна, не бара мир, туку капитулација“, смета Штефан Руланд, пратеник од редовите на ЦДУ. „Ова е менување на улогата на жртва и сторител“, додаде тој.
Вонредната седница се одржа во контекст на преговорите за формирање нова влада во Саксонија-Анхалт. Партијата АфД освои убедливо мнозинство на изборите во септември 2026 година, со 44 проценти од гласовите. Но, таа не успеа да обезбеди апсолутно мнозинство во новоизбраниот парламент и затоа ѝ е потребна поддршка од други партии за да формира влада.
АфД и БСВ: про-Путин став како најмал заеднички именител
БСВ, која влезе во новоизбраниот покраински парламент со нешто повеќе од пет отсто од гласовите, е единствено подготвена да води официјални разговори со АфД.
Со оглед на фактот дека безбедносните служби во оваа мала источногерманска покраина ја класифицираат АфД како „потврдено десноекстремна“, сите останати партии одбиваат да соработуваат со неа.
Аналитичари заедничката одлука на АфД и БСВ ја толкуваат како сигнал за можна долгорочна и поблиска соработка меѓу овие две партии, кои се од сосема различни идеолошки табори. „Заедничко им е тоа што ја отфрлаат политичката елита, што имаат став наклонет кон Путин и што ја критикуваат германската поддршка за Украина“, објаснува во разговор со ДВ политикологот Армин Пфал-Траугбер од Сојузниот универзитет за применети административни науки.
БСВ беше формирана во 2024 година како отцепена група од партијата Левица. Основач на партијата е Сара Вагенкнехт, според која сојузот првично го доби името. Таа до тој момент важеше за контроверзна икона на германската левица, која се залагаше за радикални промени во германската економска политика. Во Левица таа беше најистакнатата претставничка на т.н. „комунистичка платформа“ со силна наклонетост кон Русија. Сепак, нејзините општествено конзервативни барања и критиките за германската политика за миграција наидуваа на сè поголем отпор во партијата, што на крајот доведе до нејзино истапување од Левица и основање на БСВ.
И политичари од АфД во минатото постојано изразуваа симпатии за режимот на Путин. Во 2023, една година по почетокот на руската агресорска војна против Украина, претседателот на покраинскиот огранок на АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, го нарече рускиот претседател Владимир Путин „предводник во борбата за свет со слободни и суверени држави“.
Во однос на можноста за соработка меѓу АфД и БСВ, еден состанок од почетокот на октомври 2026-та се најде на насловните страници. На покана на една десноекстремна издавачка куќа, претставници на двете партии се сретнаа во Саксонија-Анхалт на вечера чија цел беше градење меѓусебна доверба. На масата беа и контроверзни личности, како од десноекстремните, така и од догматските левичарски кругови. Според учесниците, двете страни се обиделе во пријателска атмосфера да постават основи за доверлива соработка.
Домаќинот Јирген Елзесер, главен уредник на списанието Компакт, со години се залага за т.н. „контрафронт“ од крајната левица и десница, во борбата против германскиот политички естаблишмент. Тој се обидува да изгради мостови меѓу овие два табора.
Сонот за „контрафронт“
Историскиот пример за ова датира од 1930-тите, непосредно пред Адолф Хитлер и националсоцијалистите да дојдат на власт во Германија. Во тоа време национал-конзервативните сили се стремеле кон соработка со политичката левица за да обезбедат мнозинство. Во интервју за ДВ, политикологот Армин Пфал-Траугбер објаснува дека „целта не била да се спаси демократијата од националсоцијалистите, туку да се воспостави авторитарен државен поредок без нив“. Идејата пропадна, по што следуваа 12 години терор и Втората светска војна.
Пфал-Траугбер не мисли дека соработката меѓу АфД и БСВ е контрафронт. „Имам сомнежи дали БСВ воопшто може да се класифицира како дел од политичката левица“, вели тој и објаснува дека иако основачот на партијата, Сара Вагенкнехт, е произлезена од Левица, таа и нејзините сојузници се позиционираат како левоориентирани во однос на социо-економските прашања, но културнополитички се десноориентирани.
Реномираниот германски историчар и коментатор Илко-Саша Ковалчук воопшто не ја смета БСВ за левичарска партија. Тој за ДВ вели дека „БСВ никогаш не била левичарска, туку отсекогаш била реакционерна“. Ковалчук смета дека и АфД и БСВ за закана за демократијата. „БСВ и АфД се две страни од истата паричка. Двете се гласноговорници на Кремљ, двете се стремат кон слични цели во внатрешната политика и се залагаат за слично антидемократско преуредување на државата во правец на авторитарен модел“, вели тој.
Дали солидарноста со Украина продолжува да се намалува?
Иако неодамнешната резолуција на покраинскиот парламент во Саксонија-Анхалт веројатно нема да има непосредно влијание врз германската политика спрема Украина, Ковалчук предупредува на последиците. „АфД и БСВ засега се изолирани, но особено на истокот наидуваат на слух кај широки слоеви од општеството. Ерозијата на солидарноста со Украина ќе продолжи и наскоро ќе зафати и значителни делови од СПД и ЦДУ“, вели Ковалчук за ДВ.