1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД и мастер планот за протерување милиони луѓе од Германија

13 јануари 2024

Политичари на АфД, неонацисти и богати претприемачи на таен состанок наводно планирале протерување на милиони луѓе со странско потекло од Германија. Дури и оние кои имаат германски пасош.

хотел Потсдам
Хотел „Landhaus Adlon“ во близина на Потсдам каде се одржа средбатаФотографија: Jens Kalaene/dpa/picture alliance

На тајниот состанок одржан на 25 ноември 2023 година, нешто повеќе од дваесет луѓе - меѓу нив четворица политичари од Алтернатива за Германија (АфД) ,двајца членови на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) и ултра-конзервативната група „Унија на Вредности“ која официјално не е дел од ЦДУ, австрискиот десничарски екстремист Мартин Зелнер, како и потомок на Бизмарк, адвокати, претприемачи, лекари - наводно разговарале за мастер план кој вклучува протерување на милиони луѓе од Германија.

Ова го известува новинарската истражувачка мрежа „Коректив“ , која дошла до писмата на организаторите на средбата и чии новинари биле на лице место, во хотелот „Ландхаус Адлон“ во близина на Потсдам, каде се одржувал состанокот. Некои документи на „Коректив“ му ставиле на располагање од „Гринпис“, кој исто така го истражуваше случајот.

На состанокот на групата, која себеси се нарекува „Диселдорфски форум“, биле поканети Гернот Мериг, пензиониран стоматолог од Диселдорф и Ханс-Кристијан Лимер, познат инвеститор во угостителскиот сектор. Лимер не бил присутен на средбата, играјќи ја улогата на „богаташ“ од позадина.

Пет илјади евра за „мастер план“

Во писмото со кое се поканува за средбата се наведува дека на состанокот ќе биде претставен „стратешки концепт во смисла на мастер план“ и дека: „Шансите нашата земја да се врати на нормален и здрав курс“ се „поголеми од кога било досега“.

Понатаму се наведува дека за учество ќе биде потребна „минимална донација од 5.000 евра“. Донацијата треба да стави до знаење дека „собирањето пари е главната задача на нашата групација“, се вели во писмото потпишано од претприемачот Лимер и познатиот десничарски екстремист Гернот Мериг.

Во друго писмо со покана, потпишано само од Мериг, се наведува следново: „Целиот концепт во однос на мастер планот нема да го претстави никој друг туку Мартин Зелнер“.

Десниот екстремист Мартин Зелнер очигледно е „ѕвездата“ на средбатаФотографија: Georg Hochmuth/APA/oicturedesk/picture alliance

Протерување на Германци од Германија?

Повеќе извори на новинарите на „Коректив“ им го пренесоа тоа што било кажано на средбата. Фокусот бил ставен на десничарскиот екстремистички концепт - кој АфД официјално го отфрла - и кој беше претставен од Австриецот Мартин Зелнер, долгогодишниот шеф на „Идентитарното движење“: „ремиграција“ на луѓето од странско потекло кои живеат во Германија, вклучително и германски државјани со мигрантско потекло.

За време на предавањето тој го објаснил концептот на следниов начин: Постојат три целни групи: баратели на азил, странци со право на престој и „неасимилирани германски државјани“. Според него, овие последните се „најголемиот проблем“.

Зилке Шредер, претприемачка со недвижнини и член на управниот одбор на Здружението за германски јазик блиско до ЦДУ, прашала како тоа треба да функционира во пракса. Затоа што штом некој има „соодветен“ пасош, тоа е „едноставно невозможно“.

Ова не е пречка за Зелнер. Тој одговара: Мора да има „голем притисок“ врз луѓето да се усогласат, на пример преку „закони по мерка“. Ремиграцијата не може брзо да се направи, тоа е, како што истакнал, „децениски проект“.

Учесниците на состанокот објасниле и како точно би сакале да ја спроведат таа стратегија во пракса, доколку АфД дојде на власт: станало збор за експерти кои треба да развијат правно одржлив концепт.

Пратеничката на АфД во Бундестагот, Герит ХајФотографија: Christoph Hardt/picture alliance

Очигледно одобрение од политичарите на АфД

Според „Коректив“, со презентираниот концепт на средбата се согласиле и присутните политичари на АфД. Еден од нив, Улрих Зигмунд, шеф на парламентарната група на АфД во покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт, додал дека треба да се внимава неговата покраина да биде „што е можно понеатрактивна за животот на таа клиентела“.

Пратеничката на АфД во Бундестагот, Герит Хеј, изјавила дека долго време се залага за таква цел и дека кога пред седум години се приклучила на партијата, веќе го имала со себе „концептот за иселување“. Поради оваа причина, АфД повеќе не се противи на најавеното двојно државјанство: „Затоа што тогаш можете да им го одземете германското, бидејќи тие имаат друго.“ Како што вели Хај, мигрантите со германски пасоши треба да бидат „намамени во стапица“.

Еден од учесниците на состанокот бил и Роланд Хартвиг, личен советник на лидерката на АФД, Алис Вајдел. Неговото учество пред се` покажува дека десничарските екстремистички идеи допираат до врвот на таа партија. Според истражувањето на „Коректив“, Хартвиг ​​на средбата се договорил содржината од разговорот да и` ја пренесе на партијата на највисоко ниво.

Претседателката на АфД Алис Вајдел и нејзиниот советник Роланд Хартвиг ​​(архивска снимка)Фотографија: Carsten Koall/dpa/picture alliance

Учесниците противречат - или молчат

Пред да ги објави резултатите од своето истражување, „Коректив“ многу од учесниците ги соочи со изјавите што ги дале на состанокот.

Гернот Мериг, кој се опиша себеси како „единствен организатор“ на средбата, во одговорите на прашањата посочи дека немало никакви услови за учество, особено не во форма на донација - иако во неговата писмена покана стои поинаку. На состанокот учествувале и сопругата на Мериг и неговиот возрасен син. Во врска со „концептот за ремиграција“, Мериг вели дека поинаку се сеќава на изјавите на неонацистот Зелнер - бидејќи, како што вели, ако „свесно ги земел предвид“, сигурно ќе им противречел.

Слична изјава дава и претприемачот Лимер. Тој посочува дека, за разлика од Мериг, не бил организатор и планер на настанот. Исто така, нагласува тој, „секогаш би се спротивставил“ доколку некој „сака да ги третира германските граѓани како граѓани од втор ред“. И покрај тоа, по објавувањето на текстот „Корекција“, Лимер повеќе не е еден од сопствениците на познатиот синџир ресторани „Ханс им Глик“.

Лидерот на пратеничката група на АфД во Саксонија-Анхалт, Улрих Зигмунд, во одговор на прашањата на „Коректив“ нагласи дека на средбата бил „приватно“, а не во својство на партиски претставник. Во одговорот даден преку адвокатската канцеларија „Хекер“, Зигмунд наведува дека „не сака илегално да депортира луѓе“.

Пратеникот на Бундестагот Герит Хај, политичарот на АфД Роланд Хартвиг, претседателството на АфД, како и Австриецот Зелнер, не одговараа на прашањата на „Коректив“ до објавувањето на тестот на 10 јануари.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми