1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
ПолитикаСеверна Америка

АфД му се приближува на Доналд Трамп

Ханс Пфајфер
2 октомври 2025

АфД ги зајакнува контактите со Трамповиот табор во САД. Медиумите известуваат за повеќе посети на политичари од АфД во Вашингтон. Приближувањето до администрацијата во САД долго беше контроверзно во рамки на партијата.

Маж во костум, без вратоврска (американскиот претседател Доналд Трамп), поздравува со стисната тупаница
Американскиот претседател Доналд Трамп пред Белата куќаФотографија: Yasin Ozturk/Anadolu/picture alliance

Политичарката од редовите на АфД, Беатрикс фон Шторх, во германската надворешна политика е прилично непознато име – дотолку поинтересен е фактот дека во септември 2025 година во главниот град на САД, Вашингтон, во објект во склоп на Белата куќа имаше средба со претставници на американската влада. Тоа го наведе самата Фон Шторх, а за тоа известуваа и германски медиуми.

Меѓу соговорниците наводно биле членови на кабинетот на потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, претставници на Стејт департментот и на Националниот совет за безбедност. Фон Шторх на платформата X во врска со текот на разговорите напиша дека биле „многу отворени, конструктивни и целно ориентирани“.

Дискусија за слободата на мислење

Според заменик-шефот на пратеничката група на АфД во Бундестагот, главна тема на дискусијата била слободата на мислење. Фон Шторх за швајцарското радио „Контрафунк“ по посетата наведе: „Тие се интересираат за ограничувањата на слободата на мислење и цензурата во Германија“. Радиото „Контрафунк“ е основано од страна на германско-швајцарскиот новинар Буркард Милер-Улрих, кој и самиот е член на АфД.

Беатрикс фон Шторх, во германската надворешна политика е прилично непознато имеФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

За партијата АфД, која во делови е десноекстремна, тоа е вечно актуелна тема. Но, тоа што партијата го критикува како ограничување на слободата на мислење, всушност често се судски пресуди против нејзини политичари кои ги прекршиле постоечките закони. Па така, на пример, влијателниот претседател на покраинската АфД во Тирингија, Бјерн Хеке, во 2024 година беше осуден на две парични казни поради користење во предизборните говори на слоганот од озлогласената паравоена единица Јуришни одреди (СА) од ерата на националсоцијалистите на Адолф Хитлер. АфД редовно дискредитира такви пресуди како политички мотивирани.

Против миграцијата, против „воук“

На средбата меѓу американските претставници и посетителите од Германија се чини дека првенствено станало збор за германската внатрешна политика - АфД очигледно успеала да ја рекламира својата кауза. „Тие знаат дека АфД е партијата која во голема мера се поклопува со владините политики на Трамп“, објаснува Фон Шторх за „Контрафунк“. Тоа, според неа, е особено случај во овој дел: „Против исламизација, против миграција, против воук“ (woke - „буден, внимателен“, опишува „будна“ свест за недостатокот на малцински права, социјална правда и постоењето на расизам, н.з.).

Во последната предизборна кампања АфД доби огромна поддршка од САД. Во контроверзен говор на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс на Минхенската безбедносна конференција, тој се заложи за соработка меѓу германските партии и деснорадикалната АфД.

Потпретседателот на САД, Џ.Д. Венс, на Минхенската безбедносна конференција во февруари 2025 годинаФотографија: THOMAS KIENZL/AFP

На партискиот конгрес на АфД во пресрет на сојузните избори во февруари годинава, тогаш блискиот до Трамп мултимилијардер Илон Маск во живо од САД се вклучи во настанот и, проследен од овации на поддржувачите на партијата, ја рекламираше пред гласачите.

Контактите со САД се „фактичко дигање цена“

Политикологот и експерт за десен екстремизам Армин Пфал-Траубер е воздржан во врска со влијанието на ваквите разговори врз односите меѓу САД и Германија. Тој не очекува поголемо профилирање на АфД на големата политичка сцена. „Мислам дека американската влада нема во моментов многу да го засилува тоа, бидејќи Афд сè уште не е голем играч во германската политика“, објаснува Пфал-Траубер во интервју за ДВ.

Но, контактите ѝ користат на АфД во германската политика. „Ова зближување со администрацијата на Трамп фактички значи кревање на цената на партијата“, оценува Пфал-Траубер.

Во самата АфД односот кон САД долго време беше контроверзен. Земјата меѓу десноекстремните важи за легло на едно модерно имиграциско општество. Притоа, за партии како АфД миграцијата е практично виновна за речиси сите социјални проблеми.

Многу идеолози во партијата повеќе или помалку отворено кокетираат со авторитарниот руски претседател Владимир Путин и неговата политика на цврста рака. Па така, на пример, репресијата од Путин врз руското ЛГБТК-движење во АфД наидува на одобрување.

Рускиот претседател Владимир Путин - многу политичари од АфД ги ценат неговите авторитарни политикиФотографија: Alexander Kazakov/AFP/Getty Images

Политикологот Армин Пфал-Траубер ги опишува релациите меѓу АфД и САД не како зближување со самата земја, туку со САД под водство на Доналд Трамп. „САД на Трамп има евидентни сличности со ставовите на АфД“, вели политикологот.

Трамп и АфД: Обединети во нелибералниот поглед на општеството

Тоа што им е заедничко е фундаментално нелибералниот поглед на општеството, во кој слободата на мислење важи само кога станува збор за слободата на сопственото мислење. „Сега кога има ограничување на слободата на медиумите во САД, сè уште не сум чул од претседателката на АфД, Алис Вајдел, да бара 'слобода на говорот'“, коментира Пфал-Траубер за ДВ. „Но, тоа е вообичаениот двоен аршин кој не е редок во овој политички спектар“, додава тој.

По посетата од Фон Шторх, веќе на почетокот на месецов во Вашингтон заминува нова делегација од АфД. Пратеникот од Бундестагот, Маркус Фронмајер, оди на политички разговори со американски политичари во главниот град на САД.

Овој текст првично е објавен на ДВ на германски јазик

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми