1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД на европските избори - силна и покрај скандалите

БЈ | АРД
10 јуни 2024

АфД на европските избори во Германија го освои второто место - и покрај хаотичната предизборна кампања и скандалите. Во партијата се чини дека се изненадени. Но, не се сите задоволни и покра историскиот успех.

Копретседателите на АфД, Алис Вајдел и Тимо Хрупала го слават успехот на европските избори во партиското седиште
Копретседателите на АфД, Алис Вајдел и Тимо Хрупала го слават успехот на европските избори во партиското седиштеФотографија: Jörg Carstensen/dpa/picture alliance

Алис Вајдел блеска: „втора најголема сила - постигнавме супер резултат!" Тино Хрупала извикува „пред Социјалистите, Либералите и Зелените сме!" Секако дека и Рене Ауст е на бината во централата во Рајникендорф во Берлин, подалеку од политичкиот центар. Ауст, број три на листата за европските избори мораше да влета наместо Максимилијан Крах и Петер Бистрон. Тој смета дека АФД „покажала оти од секој минус во анкетите може да излезе благодарение на тимскиот дух." Околу 80-те присутни одушевено веат германски знамиња, европски пак не може да се видат никаде. Се чувствува мешавина од изненадување и олеснување затоа што АфД со оглед на многуте скандали сметаше на полош резултат.

Трновита предизборна кампања

Максимилијан Крах, број еден на изборната листа на АфД, пласираше провокации, потценувачки забелешки за жените и имаше екстремни испади, па Вајдел и Крупала се обидуваа да го „скријат” во предизборната кампања. Неговиот соработник пак беше уапсен затоа што постои сомневање дека е кинески шпион.

Максимилијан Крах од Алтернатива за ГерманијаФотографија: Sebastian Kahnert/dpa/picture alliance

Кај Петер Бистрон, број два на листата, полицијата спроведе претрес во врска со истрага на обвинителството за перење пари и поткуп од проруски кругови. Бистрон наводно сокрил кеш пари и листи за златни калапи уште пред претресот во друга канцеларија на АфД. Затоа раководството го замоли веќе да не настапува во кампањата, но тој не се држеше на тоа. Кога Вајдел зборуваше за „трновита предизборна кампања” описот делува како претерано потценување на случувањата.

Ударот од „Крах-Бистрон” скандалот

Вајдел во своето обраќање имаше и критика за медиумите на кои им префрла дека партијата била маргинализирана и напаѓана. Но, тонот на Вајдел не е толку остар колку што беше во минатото. Некои членови на АфД се сосем задоволни. „Сѐ што е два, три или четири проценти над резултатот од претходните избори е успех”, вели еден од нив. Други покритично оценувсат дека „можело да се постигне и повеќе”, додека трети го споменуваат „Крах-Бистрон-ударот”. Ако се мери резултатот според анкетите од почетокот на годината кога АфД имаше убедливо над 20 проценти, и овој резултат е разочарување.

Консеквенци - да или не?

Дали ќе има консеквенци од оваа предизборна кампања? Не би било изненадување партиските претседатели да се соочат со прашањето како можеа под нивно водство да доживеат вакво нешто. „Ние оставаме впечаток на дезорганизирана и хаотична партија", вели еден европски политичар на АфД кој дака да остане анонимен. Од други се слуша дека партијата не се води професионално. За Вајдел се тврди дека ги увидела проблемите со Крах уште пред неговиот избор, но не можела да го спречи. Крипала пак дури и се фалеше на конгресот дека го поддржувал Крах. Нејасно е што понатаму со Крах и Бистрон и дали, како што некои претпоставуваат, тие нема да бидат дел од делегацијата во Брисел? Пред камерите двајцата претседатели на партијата молчат.

Петер Бистрон од Алтернатива за ГерманијаФотографија: C. Hardt/IMAGO/Future Image

Која поука ќе ја извлече партијата?

Прашањето е дали и кои поуки ќе ги извлече партијата од оваа предизборна кампања. Дали како Ле Пен во Франција во иднина ќе настапува помалку радикално? Тоа барем се чини дека е пристапот на Ауст од Тирингија, која вербално е значително поблаг, иако ставовите содржински не се ништо помалку екстремни. Ауст веројатно ќе ја предводи делегацијата во Брисел. Или, што не е невообичаено за АфД, грешките ќе се дебатираат тивко и нема да се влечат болни последици? Прв индикатор може да се очекува утре, кога избраните ќе се советуваат и за иднината на Крах и Бистрон. Мандатот во Европскиот парламент не може да им биде одземен, но местото во делегацијата на АфД да. По првичното олеснување веќе претстои првата битка за моќ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми