1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

АфД во 2026 би можела да ја промени Германија

Ханс Фајфер
5 јануари 2026

АфД, партијата со елементи на десничарски екстремизам, оваа година се стреми да ја преземе власта во покраините Саксонија-Анхалт и Мекленбург-Предна Померанија. Тоа вознемирува многумина во Германија.

„Ние сме народот“ е напишано на транспарент на возило на кое има знаме на партијата Алтернатива за Германија (АфД)
Во источна Германија АфД веќе сега е најсилната политичка опција. Се очекува во 2026 партијата да ја зацврсти оваа позиција. Фотографија: Martin Schutt/picture alliance/dpa

Алтернатива за Германија (АфД) со години е во пораст. На истокот на земјата веќе сега е најсилната политичка опција. Партијата истовремено станува сè поотворено порадикална. Нејзините функционери се служат со нацистички слогани, позираат со рака на срце пред бункерот на Хитлер, носат облека од каталогот на најголемата неонацистичка организација во Германија и се нарекуваат себеси „пријателското лице на националсоцијализмот“. Тоа не се само обвинувања - самите членови на АфД јавно прават такви објави.

Политичарите на АфД сè поотворено се спротивставуваат на фундаменталните вредности на германскиот устав, имено дека никој не смее да биде дискриминиран заради своето потекло, вера, култура или раса. Сè поголем е бројот на судски пресуди кои барем делумно ги потврдуваат неуставните активности на АфД, а безбедносните служби собираат сè повеќе докази за агресивната борба на АфД против фундаменталните вредности на германското општество. Се поставува прашањето дали Германија е сè уште безбедна за сите, или наскоро ќе стане небезбедна ако АфД дојде на власт? Германската министерка за образование Карин Прин во октомври минатата година објави дека нема едноставно да ја прифати (можната) победа на АфД и најави дека ќе ја напушти Германија ако АфД стане дел од сојузната влада. Нејзината прабаба, која била Еврејка, ја убиле нацистите.

Што ќе се случи ако АфД дојде на власт?

Влезот на АфД во владата на сојузно ниво сè уште не делува како реално остварлива цел, но во некои сојузни покраини ситуацијата е поинаква. Избори годинава ќе се одржат во четири покраини, две во источна Германија, на 6ти септември во Саксонија-Анхалт и на 20 септември во Мекленбург-Предна Померанија, како и во две во западна Германија, во Баден-Виртемберг (8ми март) и Рајнска област-Пфалц (22 март). Во источните покраини АфД е убедливо најсилна партија и таму сака да дојде на власт. 

Нејзина цел притоа не се коалиции со други партии, туку самостојна власт, како што наведува и Ханс-Томас Тилшнајдер, заменик-шеф на фракцијата на АфД во покраинскиот парламент на Саксонија-Анхалт. Тој и неговата партија имаат јасни идеи за тоа што сакаат да прават, одговара тој на писмено прашање од ДВ.

Проекти за промовирање на демократијата? Тилшнајдер ги нарекува „програми за индоктринација“ и додава дека АфД веќе нема да ги финансира. Проектот „Училиште без расизам“? Може да се укине, пишува тој. Јавен радиодифузен сервис? Би требало да се укине во сегашната форма, вели пратеникот на АфД. Наместо тоа, Тилшнајдер и АфД се фокусираат на национализмот. „Да се ​​биде Германец би требало повторно да предизвика позитивно чувство“, пишува Тилшнајдер за ДВ. Тој сака промена во менталитетот и се бори против сè што смета дека „не е германско“. За него и поп-песните се „бесмислени, без традиција“. Тој се инспирира од американскиот претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан. Но, АфД пред сè сака да депортира луѓе од Германија. Тилшнајдер повикува на „офанзива со депортации“ како „прва политичка мерка“ во случај АфД да формира влада. Во рамките на партијата, таквото барање го нарекуваат „милионска ремиграција“. А со оглед на тоа дека Германија нема неколку милиони луѓе кои се законски обврзани да ја напуштат земјата, се поставува прашањето кого точно АфД сака да депортира? 

Експерти и набљудувачи се согласни дека АфД нема да ги ублажи своите ставови ако дојде на власт. „Сметам дека АфД дополнително ќе го консолидира и професионализира својот радикализам во владата“, оценува за ДВ Матијас Квент, професор на Институтот за демократска култура при универзитетот во Магдебург-Штендал. Тоа би било „особено видливо во Саксонија-Анхалт, каде што дејствува еден од најекстремно десните ограноци на партијата. Таму нема сили кои би сакале поинаков тек“, додава тој. Професорот Квент очекува дека ако АфД учествува во власта, партијата ќе се обиде да внесе радикални елементи во државната служба. „Тоа ќе покаже дали демократијата е сè уште можна во ситуација кога и екстремната десница е на власт“, вели тој. АфД би била застапена во сите тела, во работата на полицијата и на разузнавачките служби, носењето сојузни закони и најважно, воБундесратот (горниот дом на германскиот парламент). А во Саксонија-Анхалт, како партија која безбедносните власти официјално ја проценуваат како „потврдено десничарски екстремистичка“, таа дури би била одговорна и за борба против екстремизмот. Затоа властите сега расправаат како може да ги променат своите организациски, воспоставени рутини со цел да се подготват за потенцијални екстремистички напади - и од внатре. Судството во Германија се чини исто така ранливо, а во демократска република токму тоа тоа е гарант за одржување на нормативните вредности. 

Десничарски екстремистички елементи во рамките на АфД постојано ја напаѓаат независноста на судската власт. Во сојузната покраина Тирингија, тие веќе успешно ја користат својата политичка моќ за да го блокираат пополнувањето на клучните правосудни позиции - оние во судството. 

Темелен демократски консензус постои и натаму

Успех на покраинските избори годинава би биле само привремен чекор за АфД на патот кон својата цел, потсетува Давид Бегрих, кој работи за здружението „Заедно“ во Саксонија-Анхалт, кое се залага за демократска и космополитска Германија. „Многу е јасно дека партијата ги гледа источните германски покраини како политичка лабораторија за да тестира колку далеку може да оди во оспорувањето на демократската култура“, вели тој за ДВ. Вистинската цел според него е формирање сојузна влада. АфД профитира и од постојаниот стрес на кој е изложено општеството. „Сведоци сме на зачестеност на кризи што ги доживуваат луѓето, а тоа води до чувство на несигурност“, укажува Бегрих. Затоа политичарите мора сериозно да ги сфатат луѓето и нивните искуства во кризите што ги преживуваат во последните години, додава тој.

Во борбата за демократско општество, Бегрих инсистира дека не смее да се изгуби од вид широкиот центар на германското општество, бидејќи во Германија според него сè уште постои темелен демократски консензус.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми